Тука пишуваме на зададена тема

  • Креатор на темата Креатор на темата Точкест
  • Време на започнување Време на започнување
Зар и ти брате Бруте?

Ги изговорив тие пет збора, иако никој не ме слушна. Стоев на вратата занемен од болка. Бев невидлив, а гледав се'. И покрај пригушеното светло, јасно ги гледав двете силуети. Го видов и нејзиниот црвен фустан, кој до вчера можев само јас да го отстранам од нејзиното тело. Прашањето уште ми се моташе во главата. Не дека сакав одговор, не дека ќе ми променеше нешто. Се искрадов од станот и истрчав на улицата. Се смеев од лутина, иако ништо не беше смешно. Бев премногу добар. Премногу искрен. За се' да заврши со сцената во спалната.

Се надевам дека еден ден и ти ќе дознаеш какво е чувството. Се надевам дека еден и твоето срце ќе ти се расцепи на два дела. Дека еден ден, и ти ќе видиш како се' ти се распаѓа пред очи. Дека еден ден и ти ќе кажеш: зар и ти брате Бруте?
 
Седев во својата соба со погледот прикован кон подот, а во главата ги премотував неколкуте изминати дена. Тукушто ги доживеав најубавите моменти во мојот живот и требаше да следат моменти на неизмерна среќа. А наместо радост во моето срце - паника. Што сега? Што после ова? Како да оздравам од овој шок?
Зар ти, оној кој по сите човечки и свети закони треба да ми биде најблизок, ти, човекот којшто треба да ме штити од болка и да ми ги брише солзите, ти да бидеш причината за нивното раѓање во мојата душа? Во ушите сеуште ми одѕвонуваа зборовите кои предмалку ги чув. Не! Ова не е вистина! Па до пред неколку мига бев најсреќната личност на планетава. Бев целосна, смирена, среќна. А сега повторно фали еден дел од мене.
Зарем нема да ме погледнеш? Зарем нема да ги рашириш рацете и да го земеш в прегратка твоето мало девојче? Твоето девојче станува жена. Слушни ме! Види ме! Па јас сум твојата гордост! Погледни ја насмевката на моето лице. Да, поради него е! Да, ме чува и ме сака, а и јас го сакам него.
Зарем и ти можеш да застанеш во редот на оние кои ми нанесоа неизмерна болка? Зарем и ти, човекот кој ми подарил живот, сега истиот ми го претвора во агонија?
Те молам, не издавај ме. Дојди. Прегрни ме! Земи ја мојата рака и дај му ја нему, бидејќи тој ја заслужува. Исправи се гордо до твојата ќерка и благослови ме. И биди среќен за мојата среќа.
 
Идентична сум како сите останати и сакам да готвам. Секоја пора од моето битие се исполнува со пареата која излегува од врелата вода, облагородена со зачини и зеленчук, малку босилек и копар, малку сол и мелен лук. Под рацете ја чувствувам мекоста на тестото и знам со сигурност дека кога ќе го ставам на топло ќе порасне, како моето задоволство додека го печам. Затоа што чувствувам е најпрекрасниот глагол во целиот јазик, совршенството лежи во емоцијата. Есенцијата во пилешкото со кари, сос од печурки и бадеми. Суфле и крем бруле.

Различна сум од сите останати и сум каприциозна. Имам навика сите весници да ги почнувам со хороскопот и како дечињата што веруваат во Дедо Мраз така јас верувам во ѕвездите. Не ја ценам литературата ако не е предмет на мојот интерес, ако не се пронајдам во главниот лик и ако не ја препознавам приказната. Не сакам никој да ме разбере затоа се молдирам и менувам. Најпредвидлива сум затоа што не сум предвидлива. Сакам балони во црвена боја и темјанушки, фини ткаенини и лежење на трева, опседната сум со бон-тон и манири а не можам да живеам без пороци. Кога заборавам да сонувам сум злобниот волк од Црвенкапа.
Кога се заљубувам тотално се предавам, не се штедам и согорувам како прскалка на Нова Година. Затоа што само тогаш можеш да ми земеш се, се што имам и ќе поседувам, а единствениот начин за подоцна од таквото исцрпување да се опоравам е повторно да се заљубам, само во некој друг. Не сакам да постојам ако не постои маскара, а се гадам од површност и фатална убавина. Харизма и привлечност која што се топи со еротичноста после полноќ. Јас на моменти дури и не постојам.

Имам глупави, смешни навики. Го кинам листот ако ракописот не ми е совршен, не легнувам да спијам се додека не умрам од истоштеност, чипсот го јадам со чоколадо од јагоди, кога ги гледам луѓето на улица им го замислувам животот и цел живот памтам делови од реченици кои што попатно сум ги фатила. Мојот ум е секогаш фиксиран на покривот и убавината на фасадата, нозете ми се на приземје и сум изгубена како Алиса во земјата на чудата.

А кога доаѓаат нови почетоци е тогаш, тогаш сум убедливо најсреќна и најполетна. 2012, да, знам дека не можам да посакам да бидам совршена, но најнесовршеното совршенство е тоа можам да бидам, да си посакам сетилна похотност и убавината на емоцијата. За мене ова е ренесансна година, постмодернизмот и капиталистичката рационалност им ја оставам на оние кои се пријатели со разумот. Јас сакам да верувам во магија. Исто како кога бев само 4 годинки и рашлакана по лицето со сладолед од чоколадо. Нека е среќна!

Жалам што во мојата приказна нема предавства. Завршив со и ти ли сине Бруте во 2011. :)
 
Се сеќавам кога во нашата улица се паркираше црвен Форд Капри, претходно ние имавме видено само 101, Фиќо, Фиат 1300 и некој среќник ако пошол на екскурзија низ Југославија Волга или пак Москвич.
Околу него се насобраа постарите додека ние децата се пикавме со главите за да видеме како изгледа тоа чудо на технологијата. Од колата излезе еден висок слаб човек кој носеше бермуди со џебови, високо кренати бели чорапи скоро до колена, плав дрес со југословенско знаме, фризура ала Далипагиќ и мустаќи како Буштур на Олимпијада. До него се појави ниска жена, која пак изгледаше уште пониска покрај високиот сопруг, која и се смешкаше на присутната маса и вадеше куфери од багажникот пред куќата.
Човекот свика со голема ентузијастичка насмевка- Соседи ајде на едно пиво јас честам за куќата!! Соседите почнаа да се пулат помеѓу себе кој да појди и кој да остани од причина што беа премногу да ги собере во куќата, но сите гореа од љубопитство да ја видат куќата, па не можеа да се одлучат кој да остане дома.
Дилемите ги реши човекот кој сега свика уште посилно носејќи го куферот со гитарата на рамо кон дворот. Комшии ајде сите до еден да ве видам внатре и да се запознаеме!!

Срамежливо соседите почнаа да влегуваат еден по еден, дел од нив земаа од куферите и инвентарот и му помагаа да се распакува новиот домаќин.
Големата маса во дворот не беше доволна да ги собере сите љубопитници и душебрижноци на едно место, но човекот беше доволно гласен да ја слушнеме неговата приказна, ракијата што се точеше го направи уште погласен.

Се вратив од Америка кажуваше човекот и решив да се преселам овде, овде е посигурно и подобро за живеење од таму, со сопругата и синот планираме да почнеме нов живот овде.
Тогаш прв пат го видов Крис или Христијан како што ние го викавме, се родил на 7 Јануари и кумот гастербајтер исто во Америка сакал да го крсти Ристо, но по асистенција на татко му и мајка му го крстиле Христијан или скратено за стандардите нивни Крис. Тој го галеше по главата и не свика нас помалите да не запознае со него, ние неколкумина подадовме рака, се поздравивме и секој си го кажа своето име. Забавата за вселувањето на соседот се одложи до доцна, каде што рифовите на песните од Битлси човекот ги замени со рифовите на Тозовац на општо задоволство на целата багра.
Крис не знаеше добро Македонски, додека јас не знаев ништо Англиски. Кај мене стариот беше голем фан на Битлси, но за жал неговиот втор јазик кој го учел бил француски и не можеше да ми ја преведи мојата омилена песна од Битлси во тоа време Лав ми ди. Кое само разочарување беше за мене кога Крис ми го преведе текстот на песната каде што јас очекував некаква огромна мудрост. Комодорето 64 и видеото ВЦР со огромни касети беа исто така една од работите кои што ме направија уште поголем пријател со него,
Совети за малите дечиња-Ладење на комодоре 64 кога ќе играш групно Горф се прави со ладни крпи плус вентилатор да дува на крпите, така се продолжува ефективното време за играње за неколку часа.

Летото пред распадот на бившата држава седевме во неговиот Фиат 123 и дувавме трева, тогаш знам сите дуваа трева и покрај тоа што ние како панкери викавме дека тревата е геј и е само за хипици, додека панкерите треба да локаат ракија над 50 степени, имаше дури и неколку турбо фолкери што дуваа трева, добро подоцна излезе Ем Си Хамер и онај гејон Ванила Ајс и станаа рапери, еден дури сега стана и висок функционер во владата, ама малкумина останаа доследни само на ракијата.
Кога бившата држава стана бивша и Ганс Роузиз го промовираа хитот Донт ју крај за подоцна Ристо направи ванаби Рамбо Амадеус препев како Дончо крај туба слично на овој Сечи Перо што го перосуваат сега клинциве.

Со Крис продолживме да го фураме тој панк фазон и покрај тоа што локалните пробисвети не шинуваа од мавање на неколку пати во има на традицијата на добро облекување и однесување се разбира.
Човекот со Далипагиќ фризура ги пријави на неколку пати локалните пробисвети да не остават на мир, но неговиот одзив во локалната милиција беше примен како да е во мормонска заедница во Сиетл. Кога сме таму додека во Сиетл вриеше гранџот, во нашето мало место вриеше малограѓанштината логички.
Едно лето човекот со Далипагиќ фризура му плати на Крис патување околу светот за неговото полнолетство, додека јас летото качував малтер на трети спрат во една локална градежна фирма Крис го вртеше светот, едвај чекав да си дојде и да ми раскаже каде се поминал и направил.

Зимата Крис се разболи од обична настинка која траеше една недела, па уште една недела, па премина во месец и повеќе се додека човекот со Далипагиќ фризура не го испрати во големиот град да се испита проблемот.
Резултатите беа поразителни за сите, кога Крис разбра дека е позитивен неговата позитивност исчезна од неговото лице, жената му на човекот со Далипагиќ фризура се стопи за два месеци за да ја испратат под борчињата пред пролетта. Високиот Далипагиќ се смали како да го гледа светот низ шпионка врата.
Јас начисто се шекнав и почнав да читам за таа болест се што ќе најдам, секое кивнување го поврзував дека сум болен и избегнував контакт со секого.
Дома и онака многу не одев па и кажав на старата ако праша Крис по телефон каде сум нека не кажува дека сум дома, цели два месеци се криев од него како чале од инкасатор, за на крај човекот со Далипагиќ фризура ме начека еден ден во тесно и ме гушне со долгите ковчести раце и со солзи во очите ми каже дека Крис сака да ме види и е несреќен што никој не иде од старото друштво. Јас почнав да вадам со работа, студии и глупости но ветив дека ќе поминам да се поздравам.
Нема уште многу...ми шепотеше обесен на врат со солзи во очите.
Го мразам денот кога се појавив пред неговата куќа, и покрај раната пролет беше топло време и јас носев кожени ракавици кој не ги извадив внатре од што бев преплашен да не се инфицирам. Преплашеноста траеше се додека влегов во собата во која лежеше Крис и тогаш се појави уште едно понепријатно чуство кое се вика засраменост и ни прави дистинкција од обично животно до човек.
Крис ме виде со нараквиците и се насмевна, јас го приметив тоа, невешто ги ставив во џеб и храбро подадов рака. Тој само ја крена главата и со потез на раката ми рече да седнам на столот кој беше оддалечен од него и рече со кисела насмевка.
Зар и ти, сине Бруте!!

Јас ја наведнав главата, го избегнав погледот на неговите очи и молчев. Патетично од цело негово битие кое се стопи од болеста, незименети останаа неговите очи, но јас само тие не можев да ги погледнам за да се потсетам. Тој прв проговори и ме праша за неколку банални работи што има по чаршија, нешто за музика и останати работи кои ги зборувавме општо. Кашлицата му задаваше проблеми константно додека разговаравме, но со жар во очите ме слушаше и ме поправаше додека јас како по обичај се сплеткував во моите објаснувања.
На крај го прашав дали некој го посети во последните неколку месеци кога соопшти дека е болен од старата багра. Тивко одговори дека јас сум прв човек по два месеци, претходно дошла само неговата бивша девојка со татко и кои барале да им платат тест и за неа на болница, за среќа излегол негативен.

Во нашето мало место музика се свири на погреби само кога ќе умри некој виден комунист и тоа Интернационалата со воениот оркестар во резерва, тогаш прв пат слушнав некој да повикаат музичари на погреб и да исвири песна и тоа од Боб Дилан. На погребот не бевме многу души, Крис имаше само една вујна која не беше мажена и баба, неколку соседи и ние два тројца од друштвото, човекот со фризура на Далипагиќ дури и требаше да плати неколку аргати за да го однесат ковчегот што е скоро невиден преседан за нашето мало место.



 
Еднаш некој ми рече дека можам да бидам неодговорен, да носам погрешни одлуки, да бидам се она што е забрането и да можам слободно да ги одложувам проблемите се додека имам некој кој ме гледа и пази на мене. Се додека тој некој е татко ми, можам да бидам сигурен и додека грешам.
Се сеќавам дека отсекогаш ми поставуваше исто прашање, од година во година, на разни поважни датуми од мојот живот, и секогаш, за чиста среќа (или несреќа) давав различни одговори. На мојот 10ти роденден ми ја купи Господарот на Прстените и ми рече дека морам со нешто да се поистоветувам во животот и колку макар да изгледа нереално, да биде дел од мене и јас да бидам дел од него. Ми кажа дека морам да одбирам работи со кои ќе се поистоветувам затоа што тоа е најважната работа во животот.
- Двајца луѓе продавале ист производ во гужвата на плоштад. Едниот викал на цел глас, а другиот само стоел и молчел. Што мислиш, кој продал повеќе? - прв пат ме праша на тој ден и јас искрено одговорив дека човекот што молчел продал повеќе отколку тој што викал.
- Зошто мислиш така? - ме праша малку изненаден.
- Па не знам... Можеби затоа што не сакам луѓе кои по секоја цена мора да го продадат тоа што го нудат. Можеби затоа што, ете, поблиски ми се луѓето кои молчат... Не сакам зборливи и напорни луѓе.

После два родендена му одговорив дека човекот што викал продал повеќе.
- А зошто? - повторно имаше некоја нота на изненаденост кога ме праша.
- Па како ќе те забележи некој ако не викаш на цел глас? Луѓето пре би го забележале оној кој им кажал дека е тука отколку оној што молчел. Јас барем би купил од човекот што е понаметлив. Мислам дека наметливоста е главна причина за успех во животот.
Кога наполнив 15 години со сигурност можев да тврдам дека почнав да гледам на сите нешта низ призмата на пари. Почнав да им давам цифри на работите од кои зависев. Со мојата глупава наивност пробав да пресметам колку чини татко ми, колку чинат топлите шољи млеко наутро кои ги пиев пред да одам на училиште, колку е скапа облеката на моите другари и колку е ефтино нивното присуство. Пробав да пресметам со колку пари би купил среќа и колку чини да ја дадам мојата некому.
- Овој пат мислам дека го знам одговорот. - реков одлучно кога часовникот покажа 12 часот 01 минута, 15 јануари. - Мислам дека човекот кој продавал по помала цена продал повеќе. Ако едниот продавал со цена од 105 денари, другиот што продавал ист производ со цена од 100 денари продал повеќе. Проста математика.. мислам дека не треба повеќе да ми го поставуваш прашањево кога го решив.

Искрено, наредните години повторно го менував одговорот. Во зависност од моето расположение и мојата љубовна состојба. Притоа користев прилика во тие моменти на филозофско емотивни полемики да му се исповедам на татко ми и да добијам некаков совет затоа што понекогаш одговорите ми беа толку близу, а се срамев да посегнам по нив. Често се срамев, ете на пример да побарам совет за некоја девојка и наместо тоа барав совети од дебили. А тој, одвај чекаше да го прашам нешто затоа што обожаваше да дели приказни, искуства и совети на луѓето кои го опкружуваа, а најмногу сакаше да го сподели својот живот... ете со мене.
- Има една девојка... не знам... мислам дека сум заљубен. Слуша џез и чита книги. Се поистоветува со истите работи кои ми се мене блиски... Можеби затоа е нешто посебно.
- А си имал... односи со таа девојка? Или уште не? - ме праша. Се засрамив малку и се збунав.
- Па не... чекај уште не сум ја ни бакнал, а не пак тоа. Зошто?
- Сине, си видел фотографија на цвеќе?
- Па... не сум некој љубител ама сум видел да. Што има врска тоа со муабетов?
- Види, сакам да ти кажам дека сексот е најбитен дел од секоја врска, затоа рано е да кажеш дека си се заљубил пред да си го имал. И тебе ќе ти биде најбитно тоа еден ден, верувај. Замисли црно-бела фотографија на некое цвеќе. Ќе речеш, ете го цветот, ќе познаеш дури и каков вид цвеќе е, ама нема да се прашуваш каква боја има? Црвена, розева... жолта? Ја гледаш сликата и се прашуваш каква би била кога би била во боја. Кога би имала многу бои... Што ако цветот има некои контрасти кои не ги сакаш? Затоа, мил мој, не постои љубов без оној интимен однос кој е најубавата работа на цел свет. Некогаш цел живот ќе го поминеш мислејќи дека си заљубен во некоја девојка и кога ќе дојде моментот на целосно зближување, нешто ќе те оттргне од неа. Можеби... ако тогаш не го почувствуваш она вистинското... И ќе го почувствуваш тоа можеби повеќе пати во животот, немој да живееш во заблуда дека тоа се случува само еднаш. Барем според мене тие две работи доаѓаат заедно, во пакет. И на тој пакет, за жал нема упатство "да се користи единствено и единствено заедно", па многу луѓе погрешиле во тој поглед.

Оваа година пред време му кажав дека мислам дека човекот што викал продал повеќе.
- Ваков ти беше одговорот и пред да наполниш 12 години. Што се случи во меѓувреме?
- Па сфатив дека ако не се наметнеш во животот и ако не им се качиш на глава на луѓето, нема да те заприметат. Сфатив дека луѓето кои молчат никогаш нема да успеат во ништо. Мислам дека таквите луѓе се пантомимичари аматери кои еден ден ќе се издадат себеси и ќе врискаат на цел глас, со месеци, со години, само за да го надокнадат времето кое го поминале во молчење.
- Се сеќаваш на Амаркорд? Го гледавме еднаш заедно порано... - седна до мене.
- Секако дека се сеќавам. После тоа јас си продолжив со Фелини, како наивен љубител на филмската уметност.
- Епа се сеќаваш на почетокот на филмот? Имаше една сцена - мало дете беше качено на едно дрво, а луѓето го гледаа од долу и го молеа да слезе. Ама наместо тоа детето ги бркаше луѓето и им даде до знаење дека нема да слезе по никоја цена.
- Се сеќавам да... Иако морам да го гледам пак филмот. Што со тоа?
- Додека беше мал те поистоветував со тоа дете кое не сакаше да се симне. Ти беше она дете кое живееше таму горе, близу до облаците и ги гледаше луѓето од горе... Ама во некој момент, низ годините... нешто се смени во тебе. Им потклекна на молбите на луѓето и слезе долу. Се измеша меѓу останатите и потклекна на материјалното општество. Често те гледав како ги правиш работите со сила и поминуваш ден за ден вештачки и површно. Ретко кога правеше нешто што те исполнуваше максимално како кога беше дете. И сега... мислам дека сега конечно сакаш да се вратиш на старото место. Мислам дека конечно ти недостига она проектирано дрво на Фелини. Само што сега сакаш да комбинираш. Сакаш да ги поврзиш реалноста и фантазијата и да бидеш во исто време и горе и долу. Да ти кажам нешто. Не е возможно да бидеш на тие две места во исто време. Ама мислам дека... мислам дека треба да останеш меѓу луѓето во поголемиот дел од времето. Качувај се на тоа дрво само кога љубиш, кога гледаш филм, кога слушаш музика... Качи се таму горе и фантазирај... Ама запамети дека мора да слегуваш долу после тоа затоа што ако останиш таму на подолго време, фантазијата може да ти створи хаос во мозокот.

Го гледав, видов низ неговите кафеави очи кои светкаа од среќа, го прегрнав и му кажав дека би направил се за него. И дека без него не би можел да поминам ниедна препрека во животот. Затоа што очајно ми требаше тој, неговата мудрост и неговото искуство додека јас го стекнував моето и бев на пат да станам подобра личност од таа која бев вчера, пред еден месец, пред две години... Додека го прегрнував, сакав да му кажа дека нема никогаш да го изневерам, дека попрво би се изневерил себе си и би бил Брут самиот на себе отколку барем малку да го разочарам него иако знаев дека тој никогаш не би дозволил да биде разочаран од својот син, за кој би го дал животот, исто како што неговиот син би го дал неговиот живот за него.
 
Понекогаш се прашувам што ако јас бев на негово место? Се разминавме, парталав, бос, но и горд, втренчено гледаше во мене „Скитникот од улицата“
 
Важеше за човек кој постигнал многу во животот, но во неговата душа сеуште постоеше човечкиот инстикт наречен “Повеќе“. За него многу не беше доволно.Секогаш успеваше да донесе приход повеќе од колку што очекувал и сепак да не биде задоволен.

Човекот, кој го знаат сите. Човекот, кој ги познава сите.Човекот, кого животот му е една пресвртница. Тоа е овој човек, за кој зборувам. Имаше син, и ќерка, за кои понекогаш знаеше да биде вистинска досада.Сакаше само едноставно да имаат сите, и да бидат среќни.Не знаеше да запри, ниту на момент.Постојано , во некакво брзање, постојано со некоја ситница,секојдневно беше со нешто зафатен.Но не и овој ден. Овој ден е нешто посебно расположен. Овој ден, му беше предвиден за одмор, а можеби и чашка две со пријателите. Се слушна тропање на вратата, а притоа гласот на жена му рече: Влези. Дојде еден низок и навидум интересен човек, со подигнати веѓи, и го пречека. Низ муабет, двајцата пиеја голтка по голтка, од чашето полно со виски.Одеднаш, гостинот рече: Вечер сме сите тука.Можеш да дојдеш ако сакаш.Осеќам дека ќе биде добро. Го погледна , и не рече ништо.Знаеше дека нема да го одбие кога станува збор за тоа.
Вечерта, околу 20:00 часот, се сретнаа, и отидоа на местото каде беа договорени.Загушлив дим од цигари, полни чаши со разни алкохоли, и карти на масата беа првото нешто што го забележа. А после тоа, ги препозна лицата на неколку од присутните, и се поздрави со сите.
Ајде да удриме една од рака! Денеска ми е посебен ден, рече човекот и седна на масата.Неговиот пријател стоеше до него и се потсмевнуваше, и го тапкаше по рамото зборувајќи му дека е човек со златна рака. Првата партија, не одеше добро.
-Можеби треба да се подмачка, рече и наточи уште една чаша ракија. Играа подолго време, истовремено голтаа од чашите,жедни за добивка, жедни за ракија....
Долго време стоеше невесел на столицата, со чаше ракија до него.
-Ова никогаш не било толку погрешно! Ниту карта не излезе, рече и замина дома.
Брзо се врати, и остави големо купче пари на масата, и продолжија да играат, се до раните утрински часови. Немаше човек низ плоштадот, само кучиња скитници се движеа, и еден човек со крвав нос на клупи легнат. Тоа беше истиот човек, кој донесе купче пари, и ги изгуби на комар.Имаше веќе и претходен долг, а овој сега му беше како кец на десетка.

И ден денеска, некој знае да ја раскажи истата приказна, а истиот човек, забраден, парталав, знае да прошета и да запри некој од младите, и да им се обрати со зборовите “Чичо, банче да не имаш“ или пак, цигара или нешто за јадење. Добро познат е низ прилепската чаршија по зборовите “чичо банче“ и ден денес, како човекот, кој имајќи големо богатство, и незадоволен со истото, успеа да стигни до улица.
Ако го сретните, посакајте му среќа. Парите,доколку му дадете, нема да ги потроши за леб или цигари. Повторно ќе игра во некое од локалните казина со 100 денари, надевајќи се на повеќе.Човекот, кој никогаш не се задоволи со онолку колку што има.
 
Прво беше пиштолот... Дремеше завиткан во замастена кремава ткаенина над твојот дел од плакарот. За мене беше само мрзливо студено тело, скоро и да се сомневав во неговата употребливост да не ја знаев тежината што ја има воениот чин што го носеше. Не знам дали посака да се убиеш сразмерно на тоа колку пати посегна по него. Имаше лоши денови, имаше и полоши од нив. Доброто ко да не сакаше да ни затропа на вратата...

После беше шишето. А може беше и прво.. А може и беше само шишето и немаше ништо друго освен него.... Го имаше секаде и никаде. На вратата од фрижидерот, во малото висечко во кујната, во гаражата, во фиоката. Велам секаде, оти секогаш го наоѓаше, никаде - оти сите бевме неми и глуви за него. Некогаш бев храбра и можев да ти го лизнам низ прстите. Некогаш беше доволно само да го повлечеш кон себе и да ми го распарчиш од главата. Толку ти беше расудувањето. А јас, не се сеќавам дали се плашев. Некогаш мислев дека ако ти не завршиш со мене, тогаш јас сигурно ќе те убијам.....

Во тоа време се роди сомнежот... Се сеќавам како баба ми вознемирено трчкаше околу куќа и бараше знаци на црна магија. Во миговите кога калдисана ќе седнеше на каучот во дневната, непрестајно зборуваше за котлето со катран што го нашла обесено на оградата приспомнувајќи си дека: “кај нив в село, во катранот билa најцрнaта клетва што можeла да ја снајде една куќа”.
Се сеќавам кога нејзината налудничавост почна како чума да се пренесува на нас. Секој ден станувавме се почуствителни треперејќи на секој знак на чудност што таа ќе ни го предочеше. Половинки јајца скриени во крошните на ружите под балконот, коски од птици во отворите на олуците, капки крв од непознато потекло под прагот.... Генерации образовани луѓе ја положивме на вештерлакот нашата наивност и неможноста да објасниме што беше тоа што тебе ти го одзеде разумот, а нас не направи да се сомневаме дека сме заслужиле било каков (макар незначителен) облик на среќа.

Лошото не навјаса одеднаш без да имаме шанса да се свртиме наназад и да видиме каде згрешивме...

Откако ја уби љубовта остана само грижата.... Доаѓав да те видам еднаш на 2 месеца. Секогаш беше кратко, речиси незабележливо во календарски термини. Последниот пат кога го допре дното доби напад на психоза, па успеав да те видам само низ болничкиот прозор. Во кризата, часовникот ти беше застанал 7 години наназад, па ги забавуваше болничарките со приказната дека имаш две деца на возраст од 16 и 14, Ана и Нана. Се трудев да се сетам каква значајност имаше времето тогаш за нас. Знаев само дека во еден период знаеше и одеднаш престана да знаеш се. Следниот период го обележа твојот константен сомнеж дека било кое од двете деца е твое, стравуваше дека ти ставаме нешто во сокот за да те отруеме и константо одбиваше да јадеш. Во еден период мислам дека ослабе толку многу што можевме да те храниме со цевка. Никогаш не ја разбрав целта зошто единствен оброк ти беа замрзнатите кифли и моркови од фрижидерот за длабоко во 3 наутро, само зашто никој не можеше да те види дека јадеш.
Многу дна достигнавме и искачивме оттогаш.Сега не знам точно кое од сите нив беше најдлабоко.

После беше и пиштолот и шишето... А можеби беа заедно цело време... Кога адот стана безизлезен и почесто посегаше по првото отколку по второто, го сокрив и ти кажав дека го предадов во полиција. Дека немаме потреба од него... Ми требаше време да сфатам дека твојот живот заврши во моментот кога одлучи да го прекинеш, независно што пиштолот е “во полиција” или гајтанот од тушот е прекраток. Еден ден кога во душата ја прекинав секоја врска што не поврзуваше, го спуштив покрај тебе на масата и ти реков “Еве го, ајде пукај”. Ми врати кратко и луто: “Сега или убиј ме, или убиј се или врати го каде што седеше”. Не паметам кога последен пат проверив дали сеуште дреми завиткан во замастената кремава ткаенина над твојот дел од плакарот или ти е некаде блиску до дофатот.

Сега почесто те сонувам отколку што доаѓам да те гледам. Во среќните соништа ти си повторно ти. Многу почесто си скитникот од улицата. Некогаш спомените за тебе ми ствараат толку болка што чинам ќе се задавам ако ја проголтам. Знам само дека во пустошот што го носеше со себе, го однесе секое можно навестување на среќа.

Чинам несреќата беше почетокот, дејството и крајот ...Се дури еден ден, дури догоруваа свеќите на гробот што ти го копаше во нас се појави еден грст среќа во стомакот на Ана... се појави Каја...
 
Таа ноќ чувствував некаков немир во душата. Часовникот веќе отчукуваше два часа по полноќ. Сонот и оваа ноќ не сакаше да завладее со мене. Одлучив да излезам на воздух, на цигара. Имам прекрасен балкон на петтиот кат од зградата, тоа овозможува убав поглед во околината. Ми се чинеше мудро да ја искористам таа привилегија. Излегов. Секогаш ми причинуваа задоволство ситуации кога играв улога на таинствен набљудувач во тишината. Уживањето дополнително се зголемуваше кога хедонистички и самозадоволно запалував цигара. Босоног, по пижами стоев, наслушнував и демнев. Ко да очекував нешто значајно да се случи.

И ете. Набргу слушнав звук кој сè повеќе се засилуваше. Се приближи доволно за да можам да ја распознаам фигурата. Некаков човек. Ми го привлече вниманието и го заковав погледот врз него. Наоколу беше тивко, единствено тој чекореше по улицата. Чекореше со главата сведната удолу. Не би можел да го опишам со сите подробности, но претпоставувам дека имаше некаде околу 40-тина години, имаше висока става и беше пристојно облечен.

- Токму, ко секое пристојно „Македонче“ – помислив иронично потсмевнувајќи се.

Чекореше бавно и тешко сè додека не се приближи до фризерскиот салон што се наоѓаше наспроти мојот балкон. Застана таму. Се сврте и се загледа во излозите. Се погледна себеси во стаклото од салонот. Гледаше неколку секунди и почна со некаков занес, како во агонија да истура зборови:

- Пријателе, твоите мудри беседи не се потребни овде. Јас ги знам твоите прашања, однапред ги знам и твоите одговори. Ех, пријателче јас добро те познавам, ти си голем губитник, ете и ми се потсмеваш, погледни се, тргни ја таа злобна насмевка! Туку да, во право си. Па што? Ти ако знаеше нешто ќе зборуваше, немаше да молчиш. Знам, знам, чекаш да помине мојот занес па ќе паметуваш со некоја од твоите мудрости. Ех, ќе си рече човек, колку си мудар. Пак ли ќе ја повторуваш онаа познатата – „Оној што знае да зборува зборува кратко“? Види го ти него, мудрецот?! Па јас го знам тоа, го прочитав. Да, да точно се сеќавам на таа книгичка, големи мудрости прочитав таму. Ти секогаш ги паметиш таквите мудрости. Ех, колку такви мудрости чуваш во себе. Само ти не умееш да зборуваш со секого, единствено мене знаеш да ми ја полниш главата. Јас ете признавам, ако кажам само два збора и ќе згрешам, а сакав да кажам нешто мудро. Да, да голем дрдорко сум, знам. А колку би бил среќен ако вистински те познавав! Ќе ликував од среќа, пријателе! Сепак, ќе ме убедиш дека не е така, пак ќе ме уверуваш дека не те познавам доволно. Колку го мразам множеството противречни елементи предизвикани од твојот мистичен лик и твоите однесувања. Тие вријат во мене, тие ќе ме распарчат! Ете, пак таа злобна насмевка?! Тргни ја ти реков, будала еден! Хм... Мене пак ме интересира каде одиш ти, каква ти е целта? Имаш ли цел воопшто? Зарем не си ти отсекогаш заробен, зарем не си мојот роб кој само слуша, а никогаш ништо не зборува? Да, да ти си токму тоа. Роб. Роб, пријателче, толку лош роб... Па јас илјада убави зборови да искажам, а само два грди, тебе токму тие два ќе ти се допаднат, и не само што ќе ти се допаднат туку и ќе ти дадат таква голема моќ што ќе завладееш со целото мое тело, со целиот мој разум и ќе ме натераш да ја направам најголемата глупост. Ете таков си ти, бесрамник! Не сум ги заборавил твоите добрини, не грижи се. О, па нормално, ти некогаш знаеш да бидеш и добар. Признавам. Многу, многу добар. Еј, од какви ситуации си ме извадил пријателу мој, ситуации во кои сум бил сосема убеден дека веќе сум мртов, докрајчен. А ти? Ти палавко. Ете си, ќе изникнеш од некаде, ќе кажеш два-три збора од оние твоите, будалести... Признавам, признавам мудри! Па ти се навреди кога реков будалести. Се шегував драг пријателу, само се шегував. Туку јас, со голем занес го започнав овој разговор со тебе, јас сепак сум неумешен во изразувањето на моите чувства... Го почнав овој разговор за да те замолам да ми се вратиш пријателе, врати се во твојот разумен облик. Врати си ја вистинската форма. Проклет да е денот кога ти тргна, а заедно со тебе тргна и мојот труп, онаму, по таа улица. Убаво пишуваше тогаш, пишуваше: ОПАСНОСТ! Не само што пишуваше драг мој, ти добро знаеш, ние го слушнавме тоа од многу луѓе, учени луѓе, па дури и го прочитавме во книгички со гола дидактика, во оние најлесно разбирливите. Јас читав, а ти слушаше, ништо не си слушал драг мој, ништо! Па ти крена по таа улица, токму по таа улица. Улицата „Надгробна плоча“ чии патишта се изградени од шпилови карти, чии згради се огромни кутии полни со цигари, онаму каде водата е алкохол, луѓето се пари, а парите се обични хартии без вредност, а сепак ги сакаш. Ги сакаш! Но не знаеш зошто. Ги фрлаш оние што ти требаат и имаат вредност, ги заменуваш со оние кои воопшто не ти се потребни. Улицата во која самиот на себе си си најголем непријател, каде што твојата најголема утеха се зборовите – МОЖЕБИ УТРЕ... Така е пријателе драг, ние пак ќе оставиме сè за утре, јас сум уверен во тоа. Ете, и денешниот ден помина. И пак, и пак ќе го чекаме наредниот. МОЖЕБИ УТРЕ.

Бев замајан од монологот. Сосема расонет и замислен.

Тој се тргна од стаклото на фризерскиот салон. Тоа стакло онаа ноќ му помогна да си поразговара. Можеби му помогна и онаа кафеава завеса што немо висеше од внатрешната страна. Човекот, истоштен и без волја си го продолжи патот надолу по улицата.

Никогаш повторно не го сретнав.

Ја фрлив цигарата од која не успеав да повлечам ниту еднаш, си ја истресов пижамата од пепелта што беше паднала без да го наруши обликот.

- Ко голем сив црв – помислив и полека влегов внатре.
 
Одев наоколу без некоја особена причина. Густа магла се имаше спуштено над градот и од некаде се слушаше шумот на чешмичката што непрекинато течеше и зиме и лете. Тие чешмички беа некаков прикриен симбол на мојот град. Водата што секоја минута бесцелно истекуваше од неа како да беше слика и прилика на деновите тука. Или слика и прилика на моите денови,
не знам. Всушност не знам ни дали се навистина симбол на градот или имаа посебно значење само во мојата глава.
Знам само дека во целиот мој живот можев да ја распознаам само немоќта да ги припијам усните за млазот вода и да ја изгасам жедта. Да и дадам цел на таа вода што непрестајно течеше. Да си дадам цел на себеси. Но не можев да ја најдам или не можев да ја препознаам.
Цел? Не знам дали барав цел. Можеби повеќе мир. Барем да не го слушав жуборот на водата кога веќе не можев да се напијам.
Ама тука беше проклетата. Делуваше како да е на два чекори од мене, ама во густата магла не можев да ја видам. Луѓе искрснуваа од некаде и поминуваа покрај мене. Ниту ме забележуваа ниту ги забележував. Обично би ги погледнал и би се запрашал дали тие знаат нешто што јас не знам. Секогаш брзаа некаде, секогаш имаа некој важен што ги чекаше, секогаш заинтересирано зборуваа на телефон. Овојпат не сакав да мислам на нив. Сакав да не ме ни погледнат.
Можеби ми беше и малку срам, признавам. Не се погледнав во огледало пред да излезам и знаев дека капата ми е накриво и дека заборавив да си ги исчистам чевлите. Сигурно им личев на скитник. Ама и без тој срам се чувствував заситено од нив.Секогаш изгледаа посреќно од мене а никогаш не можеа да ми дадат одговор на моите прашања. Никогаш не успеав да им се
приближам. Всушност навистина и бев скитник што талка осамено по улицата додека луѓето го одминуваат. Отсекогаш ме мачеше само една мисла. Дали треба да го прифатам тоа или да се борам против тоа?
 
Времето беше некаде околу ручек. Промена на смените во моето училиште, а надвор врнеше снег. Од небото паѓаа големи грутки на снег, кои на моменти личеа на партали, делови од нечија облека. Сето ова го набљудував од прозорецот во мојата соба, седнат над електричната печка со шоља топло чоколадо. Време беше да тргнам, но не ми се мрдаше ни прст кога помислив што ме чека надвор.
,, Ова не ми личи на добро ‘‘ - изустив тивко и се наоблеков како и сите други кои моментално беа присутни во проколнатиот град Битола. Време беше авантурите да почнат.
Со самото излегување од дома забележав дека градските служби каснат со своите обврски, па пропаднав во огромната дупка која беше покриена со снег до самиот врв.
,, Ај да ти и**м‘‘ - опцујв со цинична насмевка и продолжив понатаму. Како капак над се дуваше и ладен северен ветер, кој големите парчиња снег ги носеше директно во мене, лепејќи снегулки на моите големи клепки. Среќа што претходно ги извадов наочарите и ги ставив во ранецот. Со нив ќе имаше само дополнителна нервоза. Гимназијата ми е само на пет минути од дома, па воопшто не се брзав и не обрнував внимание на времето. По обичај и да сакав да закаснам на час, тоа никогаш не се случило. По пат ги гледав моите соседи како ги чистат своите автомобили, дворови, балкони. На лицето имав насмевка, која беше сосема спротивна од мојот посакуван израз на лицето, но студот го направи своето, оставајќи ме со циничната и смрзната насмевка од претходно. Иако бев топло наоблечен, во јакната се пробиваа по неколку снегулки, галејќи ме по вратот и ежејќи ги влакната од задната страна на вратот. За момент се запрашав како им е на тие што не се топло облечени и што моментално немаат засолниште,помислив на маалските мачки, помислив на бездомниците кои шетаат по Широк Сокак. Мислата ми ја одтргна сирената на едно такси кое бараше да се тргнам на страна од сосема малото патче за да помини.
Пред да пристигнам во училишниот двор, имав уште една попатна станица. Блиската трафика која сигурно ја чуваше мојата гнасна тајна, изворот на мојата лоша навика, секојдневниот порок, пакетата со цигари. Го зедов Родеото и по обичај ги оставив трите денари на каса, поради нервозата што ми ја ствараат железните пари по џебовите. Кога стигнав, како по обичај групи на пушачи беа сокриени во училишниот тунел, место на лик како тунел каде не ги врнеше снегот, кој не планираше никако да намали со јачината на врнење, а камоли да престани. Се сместив и јас во еден дел од тунелот и со поглед побарав некое познато лице меѓу гужвата. Не пронајдов никого, сите беа од пониските класови па се решив да погледнам на часовникот, имаше уште петнаесет минути до почетокот на првиот час.
,, Ехе, има време ‘‘ - па веднаш запалив цигара. Наеднаш од левата страна се појави директорот на училиштето и брзо почнаа да се движат раце и да се шушка наоколу. Сите ги криеа цигарите, успешно беше и моето криење. Тргав мирно од цигарата, чекајќи некого од моите соученици или некој познаник. Се потприв на едно ѕидче, кога од погоре чув смеење и некои викотници. Ја птокренав главата и видов како одредени групи зафркаваат еден бездомник кој им бараше да му дадат цигара. Го шутираа и го лажеа дека ќе му дадат цигара, така од една група до друга група.
,, Кои бедници ‘‘ - толку се изнервирав што ја фрлив до пола испушената цигара. По краток период се смири ситуацијата и го погледнав скитникот како се доближува накај мене. Носеше стари чизми во ужасна состојба, покриени со најздравото нешто од неговата облека, а тоа веа панталоните кои сигурно ги пронашол во некој од блиските контејнери. Над жолтата и валкана виндјакна се постилаше долгата брада која на краевите беше побелена и на главата носеша обична капа која доста му го криеше лицето. Кога доста се доближи до мене ги погледнав неговите очи, тажни и големи црни очи. Стигна до мене.
,, Другарче, може една цигара, оти овие од погоре се заебават и ... ‘‘
,, Може ‘‘ - учтиво го прекинав и му подадов цигара.
,, Чакмак имаш ? ‘‘ - прашав.
,, Хах, немам ни тоа ‘‘ - се насмевна горчливо.
Го извадов чакмакот и му ја запалив цигарата. Го осетив неговиот допир на рацете во моментот кога правеше заклон за да може запалката да запали. Имаше груб допир и испукани зацрнети раце со големи и дебили прсти. Работничка рака.
,, Фала ти, да си ми здрав и жив ‘‘ - одговори, на што јас возвратив :
,, Нема гајле ‘‘ - возвратив.
Скитникот си замина по својот пат на ладното време, а јас забележав дека сите погледи се свртени накај мене, но овој пат на лицата имаш срам наместо смеењето од пред неколку моменти.
------
ме сјебава компјутеров не ми чини, ми заеба концентрација за на крајот, одвај го спасив текстов,за момент си реков ми замина работата шо ја пишев околку еден час.. Ваљда се вклопува во темата...
 
Како мали деца сите имаме свои "страшила". Некои родители ги плашат своите деца со лошиот полицаец кој ќе дојде ако не ја изедат боранијата до крај, некои ги плашат со т.н. Баба Рога која ако си непослушен ќе ти дојде во сон и слични други ликови кои втеруваат страв во малите детски коски, кои по овие приказни ја досркнуваа манџата до крај или пак си ги миеја забите редовно, пред спиење. Среќа, јас немав вакви приказни од моите родители, зашто си бев и мирно дете, секогаш послушно. Но имаше нешто друго што секогаш ме плашеше. Нешто што не ти го вкоренуваат родителите туку самиот. Тоа беше страшниот стар брадест скитник, кој секогаш, на секој празник, стоеше пред вратите на црквата и молеше за некој денар. Секогаш кога ќе го видев пред црквата, се криев позади мајка ми и татко ми. Имав некој страв, од тоа, за мене, страшно суштество. Се плашев дека ќе ме украде, ќе ме истепа или само ќе ме уплаши. Кој знае, колку само приказни си правев дур чекорев од дворот до влезот на црквата за тоа страшно суштество, брадесто, валкано суштество. Еден момент беше вампир, друг момент беше крадец, некогаш беше "ѓавол", како тие што ги сонував често и се будев од сонот со плач, соништа заради кои што моите родители ме носеа на секакви бајачки, попови, свети води ама без некој резултат. И еве, сега моите кошмари се на јаве, ме гледаат очите на брадестиот страшен човек додека одам кон црквата, фатен за раката на моја мајка, која силно ја стискав од страв а мајка ми мислеше дека се плашам од црквата и ме тешеше дека не е тоа страшно и дека тоа е домот на Бог. Многу често се воздржував да им кажам на моите родители но се плашев дека така тоа чудовиште ќе дознае и дека ќе ме украде од мојот дом додека спијам и кој знае што ќе ми се случи или пак ќе им направи нешто страшно на моите родители. Ах, коа ќе се сетам на тоа се смеам во себе, како сум било храбро дете кои се поставува како чувар на своите родители, да ги одбрани од страшниот човек. По некое време, човекот кој ме плашеше, го снема. Го немаше од пред црквата, ја немаше таа валкана и страшна рака да се подава кон луѓето кои одеа покрај него, ги немаше тие страшни погледи кои ме следеа како одам со моите родители фатени за рака. Моите страви ги снема, јас бев повторно тоа дете што бев пред тоа, среќно дете. Дури и моите кошмари ги снема, наеднаш избледнаа како да не биле.
По многу време, поминаа многу години и повторно се сетив на тој човек од кој се плашев кога бев мало дете. Просјакот кој ме плашеше. Се решив да ги прашам моите родители, дали и тие го гледале тој човек, дали го приметиле пред црквата, овој пат без страв кој го имав како мало дете. Моите родители малце чудно го примија прашањето, ми рекоа дека не им текнува на тој човек, тој просјак пред црквата. По некој ден, ми прииде мајка ми и ми кажа дека го има одговорот на моето прашање. Се сетила на тој човек. Ми раскажа приказна, дека тој просјак, некогаш порано, десетици години пред јас да се родам, бил млад професор по физика во основното училиште во мојата населба, каде што јас учев како мал. Живеел исто така во населбата, имал семејство, сопруга и една мала ќерка. Се до една вечер, кога се случило страшен пожар каде што изгорел неговиот дом. Во пожарот починале жена му и малата ќеркичка. Според озборувањата кои се ширеле низ населбата во тоа време, младиот професор не можел да се сосеме од трагедијата. Соседите му нуделе помош, да си најде нов покрив над глава, храна, облеки и слично, што би му помогнало да се врати во живот. Но тој ги одбивал. Продолжил да работи како професор во училиштето, но овој пат по големата трагедија во неговиот живот, го немал тој жар во предавањата. Почнал од отсуствува од работа. Се додека никогаш не се вратил во тоа училиште. Професорот го снемало. Сите што го познавале, го барале на секаде но не можеле да го најдат. Немал дом, не знаеле каде тој всушност спие, на работа не се појавувал, во неговиот омилен парк го немало. Единствено нешто што знаеле дека професорот е жив, било тоа што на гробот каде што биле закопани неговите најмили, секој понеделник имало свежи цвеќиња, од омилените на сопругата и ќеркичката. По многу години, сите тотално заборавиле за младиот несреќен професор. Сите си се вратиле на својот живот. Се продолжило да тече како што. Се додека не се појавил некој црн, брадест скитник пред црквата, кој бара ситни пари. Од прво не го препознале, го бркале од таму. Но некоја од жените го препознала. Тоа бил професорот од нивната населба. Овој пат како скитник. Незнаејќи што да прават, му понудиле помош но скитникот бегал од нив и не им говорел. По некое време се откажела, безнадежно не можеле да му помогнат. И така секој празник, година по година, поранешниот весел професор стареел пред нивните очи, како скитникот пред црквата. Многумина и заборавиле дека некогаш бил професор, дека имал дом, семејство и работа. За нив постанал само скитникот од пред црквата.
По завршувањето на оваа приказна, останав без зборови. Страшилото од моето детство беше само еден тажен човек, без ништо во својот живот. Ме обви гнев и се обвинував зашто мислев за него така, толку многу години. Скитникот од детството бил обичен човек, човек без никаква злоба во себе. Бидејќи многу години веќе не идев во црква, прашав дали сеуште го има таму, да бара пари. Моите родители ми рекоа дека не го виделе можеби 5 години. Татко ми ми кажа дека можеби и не е веќе жив, последниот пат кога го видел бил изнемоштен повеќе од порано, едвај стоел на нозе и многу слаб. Ако се додаде дека бил и просјак и доста стар, тешко да бил уште жив. Но ја тоа не го прифатив. Верував дека сеуште е жив. Можеби некој ден повторно ќе се појави пред црквата или некој ќе го види како плаче на гробот на своите најмили и ќе ми каже дека е уште жив. Можеби уште е меѓу нас, само не гледа од страна и плаче дека е сам, без никој во животот, без своите најмили...

________________________________________

Дечки, извинете, ова ми е прв текст ваков на темава. Се надевам дека не ме мразите што можеби имам граматички грешки или пак да сум пишал очајно лош текст. Само решив да се пробам. Поздрав. :)
 
Ситните пари во кутијата затропкаа удирајки се меѓусебно “Ве молам, бидете милостиви. За леб ми се. Се колнам“.
Неговиот сув и распукан глас ја исполни улицата креирајки ехо кое онемуваше во бездната на брзоплетиот градски блок.
Момчето со школскиот ранец, префрлен на едно рамо, го чу овој повик за помош и веднаш осети стегање во неговите гради.
Тој се сметаше себе си за добар човек - христијанин, па без разлика дали од срце или поради страв од севишниот, посака да ги остави оние ситни пари кои покрај правење врева во неговиот џеб, му немаа друга намена.

“Повели“ - си помисли тој во себе додека со отворена дланка ги подаваше неколкуте бакарни парички кон скитникот. Тој проба тоа да го изусти, но безуспешно. Поради некоја причина се осеќаше како лично тој да е виновен што овој старец е на улица. Се усрами од фактот дека тој од своите родители добиваше повеќе пари него што можеше да потроши, а и кога ги трошеше тоа беа на, сега вооечено, не битни работи. Црвените образи ја издадоа неговата покорност на самокритиката.

“Не си ти крив“ - рече старецот додека погледот на лицето сеуште му беше вперен кон подот.
Стаписан од одговорот, момчето во одбрана се врати еден чекор назад и подголтна, сеуште држејки ја раката вперена кон скитникот.
Зар толку е очигледно што се врти низ неговите мисли?

Старецот го крена погледот.
Неговите очи кои рефлектираа тага и изнемоштеност раскажуваа долга приказна на самотнички живот.
“Не се секирај, твоите намери се искрени. Нема потреба да чуствуваш срам.“ рече старецот и ги зема парите од раката на момчето.

На момчето му се допадна тоа што распуканата ладна рака на старецот го изгреба по свежата рана на дланката. Го прифати тоа како заслужена казна за тоа што живее удобен живот а никогаш не бил вистински благодарен на тоа што го има. Помисли дека треба да си постави повеќе казнени рестрикции кои би му ги ускратиле непотребните задоволства во животот, како откуп за неговите гревови. А и парите кои му се вишок би можел да ги дели со овој скитник.

“Нема потреба младичу“ Скитникот се насмевна.
“Доволно е и ова што го имам, се хранам мислејки дека ќе ја излажам смртта. Но вистината е дека сум стар. И дека сам сум виновен за оваа каша во која се наоѓам. Чекав суд од севишниот, и го добив.“
Скитникот ги испружи првите три прста од десната рака и на прави брзи кратки движења. Горе. Доле. Лево. Десно.
“Тоа што го барав, го најдов. Милостива дадена од срце е десетпати повредна од лажни гестови. Ти посакувам разум и мудрост во твојот живот. Да си остареш, да створиш челад и да се потсеќаш на мене секој пат кога ќе бидеш среќен. Но да не тажиш. Туку да добиеш свест и да го вреднуваш тоа што го имаш. И запомни, дури и тешко стекнатиот плод - лесно се губи“

Старецот ги затвори очите и се потпре на излогот. Неговото лице побледе а неговото без животно тело инстантно се скамени...
 
Зарем очекуваш нешто за возврат? Сакаш нешто да ти дадам, да ти продадам? Навистина? Да не беше смешно, можеби ќе беше иронично. Нели?

Секогаш ме фасцинирале оние млади перспективни деца на современоста. Толку слатки и авангардни, толку, во најмала рака совршени. Нејсе, никогаш приказната за нивните капацитети и способности нема да биде подложена на медиумско внимание затоа што нивното его од тоа навистина нема потреба. Величењето на себе прокламацијата се ткае со неколку различни типови на диспозитивни норми а императивизмот го оставаме на сите кривичари кои не можат да положат казнено право. Својот интелект го создаваат преку идеи кои што одамна постојат но се рециклираат за да делуваат како свежо месо и на крајот, секогаш легнуваат да спијат со чиста совест. Да, јас сум апсолутно фасцинирана од овие типови на луѓе. Малечки или ништожни, не знам да ја направам базичната разлика затоа што одбирам да бидам ограничена од она кое што никогаш не го мислам, но го кажувам за забава.
Во моментите на спознавање и надискуствено истражување (како да тоа беше возможно во било која друга професија) (како да беше релевантно) остануваш со желбата за нацизам. Не во онаа типична форма која сите ќе ја мразиме, онака, колективно, како детска мастурбација, многу повеќе во некоја поедноставна, не толку продуховена смисла, за чистење на сопствените редови од ѓубре.
Како скитници од улица, ти се провлекуваат со нивното величање и неразбраност, да, токму тоа е зборот кој што го користиме затоа што е општествено поткован, се обидуваат да бидат, ха, се обидуваат да бидат нешто, да добијат било каква форма или диплома или назив или ... некој друг синоним кој што ќе искажува револт.

Не сакам скитници. Не се пронаоѓам во жалната судбина, уште помалку сакам да пишувам за тоа како се гледам во огледало и дознавам дека мојата душа е космички поврзана со неговата затоа што ние сме едно, не сме. Не гледам восхит во неговите измачени очи и таа толку светла, но ете, расипана од времето душа. Нема тука романтични моменти или љубов на прв поглед. Никогаш немало.
Нема приказни за тоа како никој не бега кога ќе ги примети. Затоа што се грди и мирисаат лошо (ова за да бидам политички коректна, па да не кажам смрдат). Затоа што се ... отпадот на општеството, патетични. Исто како ѓубрето кое го гледам секој ден, како оние кои не можат да положат казнено процесно или криминологија, како кретенот кој оштетува странка затоа што не знае каде да го најде потребниот член, како моронот кој мисли дека не е неопходна итна операција. Како елитата на ебаното општество на бели манжетни.
Ние сме БОГОВИ. Ние сме адвокати и доктори, ма ние сме све. Не идентични како скитникот од улицата, слични, многу подобро облечени и со повеќе пари. Али, исто мирисаме.
 
"Абе, или земај ги или мавни ми се од пред очи"-му возврати на Кирчо црвенокосата девојка. Тој беше навикнат на таквиот однос. Секогаш кога доаѓаше во Црвен крст се молеше да не налета на црвенокосата девојка. Таму волонтираа неколку прекрасни луѓе кои секогаш му доаѓаа во пресрет на Кирчо. Омилената монтка на Кирчо му ја даде тој буцкастиот дечко со ретка косичка. Патиките "Адидас" пред три години му ги подари таа пристарата тетка, која му кажа во доверба дека ги чувала за него. На Кирчо му беше жал, кога, еден период после тоа слушна дека се самоубила со таблети.
Но, од сите луѓе таму најголем кошмар му беше црвенокосата девојка. Слушна дека студирала некојси факултет добри дванаесет години и никако не можела да го заврши, па за да не седи дома, доаѓала овде да тепа време. Кирчо немаше ни да влезе кога ја виде, ама утрото додека носеше еден болјер во отпадот, си ги закачи фармерките на бодликава жица и целите ги распори.

-"Не дека не се добри. Арни си се. Ама дупкава е на лошо место, незгодно ќе ми биде"- се обиде да и' објасни Кирчо. И навистина. Фармерките кои таа му ги нудеше имаа дупка на многу незгодно место. За да ја покрие, Кирчо требаше да носи некоја долга блуза или палто. А такви немаше. -"Ауу, извини, господине министре. Ако сакате, да ви набавам фармерки од Авалон?"- цинично му одговори црвенокосата девојка. Кирчо се замисли на момент дали лапсусот со Армани и' беше намерен за да му тестира општа култура или девојката со причина не завршила факултет. Не беше во позиција да се надмудрува, па си поќути.
-Добро, добро, ќе ги земам. Само прашував да не има некои други, да ги видев.
-Нема. Овие се.
-Добро. Фала ви на трпението.

Ги зема Кирчо фармерките и замина. Имаше лоши искуства со црвенокосата девојка, а овојпат немаше време за да минува низ уште едно. Последните недела дена многу го болеа забите. Три од нив му паднаа. Двојка, четворка и шестка. Знаеше дека мора да оди на забар. Исто така, знаеше дека не е осигуран, нема книшка и нема пари, па ќе мора да му објасни на докторот во болница и да го замоли бесплатно да види што е проблемот.
Ги облече Кирчо новите фармерки под мостот, ги крена нагоре колку што можеше и ја потегна блузата надолу за да ја покрие малку од малку дупката.


Не чекаше многу ред. Имаше пред него тројца, а тие брзо завршија работа. Девојката која остана последна да чека заедно со него не го тргна погледот од Кирчо. Тој беше навикнат луѓе да го гледаат со презир. Да се гадат од него. Знаеше дека косата му е бушава, дека алиштата му се валкани и дека смрди многу. Не ќе му беше чудно ако девојката плукнеше по него. Немаше да биде првпат. Луѓе плукале по Кирчо, го пцуеле Кирчо, го тепале Кирчо, го газеле Кирчо. Еден обичен поглед полн со гадење за него беше и подарок.
Кога му дојде редот, Кирчо влезе кај докторот...

-Добар ден, докторе.
-Кој си ти?
-Кирчо.
-Кажи, Кирчо.
-Докторе, прво да ви објаснам. Јас сум бездомник. Имам проблем со забите, ама немам да ви платам. Ако можете само да видите дали е нешто опасно оти забиве почнаа сами да ми паѓаат, а мислам дека на мои четириесет и две години, уште не им е време.

Кирчо знаеше дека докторот е пијан. Уште кога влезе го примети.

-"Дојди да видам. Отвори устата." -Кирчо го послуша. -"Аууу! Здивот ти корне." -Кирчо сакаше да му врати дека и тој не е многу задоволен од здивот на докторот ама не беше во состојба многу да мудрува, па си премолче.
-Да не ти објаснувам многу на широко оти нема да ме разбереш, само ќе ти кажам дека умниците ти растеле на криво и ти ги буткале останатите заби. Знаеш ли ти колку криви заби имаш?
-Знам докторе. Ама досега криви-криви, битно јадеа. Сега не јадат. Паѓаат.
-Ја ќе ти ги извадам бесплатно умниците тебе. Ти кородирале веќе и ти прават беља и на непцето. Само долните заби ти паѓаат и долните умници ти се криви. Од таму бељата.
-Ако се за вадење, вади ги докторе.

Легна Кирчо да му вадат забите. Докторот извади шприц за да му стави анестезија. Кирчо имаше голем страв од игли и сакаше да го замоли докторот без анестезија да му го вади забот, ама не му беше место да му се меша во работата на човек кој бесплатно му врши услуга. Го навали докторот шприцот и, за нецели две секунди, нешто како да го прободе Кирчо во грлото и тој потскокна од болка.
-"Седи мирен, седи мирен!" Наеднаш извика докторот. "Иглата се откачи."
-Ка...
-Не зборувај! И не мрдај. Само покажи ми со прст каде те боли, може се забуцала негде.
Кирчо со прст покажа на грлото. Почнаа да му течат солзи од болка.
-Добро е, ти се збуцала во грлото. Ќе ја извадиме. Само седи мирен и не мрдај.
Докторот набрзина отвори една фиока и извади еден тенок, долгнавест алат, налик на клешта.
-Ааа...
-Ќути! Седи мирен и не голтај! Држи устата отворена, да ја извадам.
Кирчо ги затвори очите. Не сакаше да гледа.
-"Ќе го извадам со ова. Може и со рака оти не е длабоко, ама вака посигурно е. Ми се тресат нешто рацеве денес, притисокот ми е паднат." -Кирчо почувствува нешто студено на грлото.
-Колку ти смрди здивот, тоа страшно!
-Ммм...
-Не зборувај!
Докторот ја извлече иглата. "Ај плукни". Кирчо плукна крв. Чувствуваше огромна болка во грлото.
Можно е да сум го гребнал местото малку кога ја вадев. Ништо страшно, ќе зарасне. Лошо беше ако ја голтнеше.....Како и да е, ќе ги вадиме ли?
Кирчо исплука уште двапати...
-Не, докторе. Ај другпат, нека зарасне прво.
-Ти си знаеш. И миј тоа забите. Немој нареден пат вака да ти смрди здивот.
-Добро докторе. Ќе ги измијам.

Кога излезе Кирчо од болницата, седна на клупата да чека автобус. Му се матеше пред очи и му беше лошо за да пешачи, па се понадева дека возачот во автобусот ќе биде фин и ќе го пренесе блиску до мостот. Пред него стоеја две млади момчиња кои исто така чекаа автобус. Додека Кирчо плукаше крв, им го подзаслушна разговорот.

-Ако дуалноста на човекот е еден од најзначајните фактори за неговиот опстанок, тогаш злото е исто толку битно колку што е и...доброто. Значи, ако Бог го создал човекот, а го создал со висок потенцијал да биде зол, тогаш со самата креација на едно такво суштество Бог покажува дека не само што го познава злото, туку и го генерира и промулгира како потребно за да се опстои.
-Ако утре ти имаш дете, дали ќе знаеш во што тоа дете ќе се претвори? Дали ќе и ставиш етикета на таа табула раса уште од старт и ќе го знаеш целосно патернот на неговото однесување?
-Баби и жаби.
-Не. Мал привид во боженствената одлука да ни се даде слободната волја. Ти детето можеш да го контролираш до одреден степен. Можеш и да го третираш како деспот. Ама ни во еден момент не можеш со сигурност да знаеш дека тоа дете нема да те избоде додека спиеш во знак на одмазда.
-Јас не можам моето дете да го претворам во камен.
-Level of perspective. Не значи дека ако Бог му импринтирал слободна волја на човекот, целосно свесен дека нејзиното разгранување може да доведе и до малициозно делување, тој автоматски е зол. Не е. Само е Сезнаен. Divine power aside, таа привилегија, во смисла на еволуција и осознавање, ни ја пренел и нам. Ние, луѓето, сме можеби единствениот исклучок од the Divine plan. Ние сме можеби единствените на кои таа "demi омнипотенција" ни дозволила да се "откачиме" од димензионираното движење на универзумот. Ние сме единствените надвор од работилницата на кукличарот и можеби токму нашата есенција е таа која, во една идна целовитост, ќе транседентира, со цела своја дуалност, и ќе го завземе Неговото место.

Автобусот пристигна и момчињата се качија. Кирчо исто се качи, но возачот наеднаш скокна од седиштето, му врза шамар и го исфрли од автобусот. "Мрш, матер ти ебам смрдлива"- беа последните зборови кои ги слушна Кирчо од возачот пред да се затвори вратата и автобусот да тргне.

"Хех...Бог"-Си помисли во памет, исплука крв на асфалтот и тргна да си оди пешки.
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom