Тука пишуваме на зададена тема

  • Креатор на темата Креатор на темата Точкест
  • Време на започнување Време на започнување
Само сакам да ме остават на мир, само молам за Тишина...
 
Тишина

Беше темна мрачна ноќ, улиците беа пусти и празни, без ниеден автомобил да се движи по нив. Единствениот звук кој допираше до нејзините уши беше звукот кој нејзините потпетици го правеа додека таа полека се движеше на работ од тротоарот. Обично секогаш ги ставаше слушалките на уво и пушташе некоја од нејзините омилени песни. Тоа и помагаше да се исклучи од надворешниот свет, да не ги слуша разговорите околу себе, звукот на автомобилите...едноставно и помагаше да се исклучи од се. А тоа обично и одговараше. На моменти се чинеше дека реалниот свет ја гуши, ја заморува и исцрпува, па музиката беше единствен начин да ги разбистри своите мисли и да одмори од се. Овој пат тоа не се случи. Не ги извади слушалките и не пушти музика. Седна на најблиската клупа и само го посматраше небото. Беше ладно, но таа не го чувствуваше студот. Небото беше мрачно, темно, без ниту една ѕвезда на небото. Едноставно седеше така, гледаше и ја слушаше тишината. Некогаш тишината е погласна и од најгласните зборови. Поутешителна и од најутешните зборови. Похрабра и од најхрабрите зборови. Тишината го кажува она што не сакаме да го слушнеме. Некогаш пак, таа кажува нешто што очајно сме посакувале да го чуеме, но никогаш вистинските зборови не стасувале до посакуваната дестинација.
Таа вечер тишината ја говореше најгласната и најгорката вистина. Таа само седеше на клупата, ги потпре рацете на главата и почна да липа. Затоа што знаеше што значи тишината, затоа што знаеше зошто ја одбегнува, затоа што тишината е горка и ги изнесе на виделина сите работи кои таа со месеци се трудеше да ги одбегне. Плачеше како да ќе нема утре, не пушти ни глас, затоа што беше нема, омалена од болка. Запали една цигара, додека солзите непрекинето течеа по нејзиното лице, а жарот од цигарата беше единствената светлина во таа мрачна ноќ.
Ја изгасна цигарата, стана од клупата и продолжи да се движи. Кога влезе во кафулето кон кое беше упатена, таа ја имаше на себе најголемата насмевка, правејќи се дека се е супер и дека ништо не се случило. Насмевката секогаш успешно покриваше река од солзи и разочарувања. Среќа, овој пат тишината не беше присутна за да ја открие нејзината болка.
 
Снегот веќе беше потполно стопен и се што остана беа водените улици. Уличните светилки не работеа и единствена светлина беше одсјајот на Месечината во големиот вир на средината од улицата. Беше потполна тишина. На моменти се наслушнуваше тивкото свирење на ветерот кој доаѓаше од север. Целата слика ја расипуваше чадот од цигарата кој му ги попречуваше погледот кон морничавата темнина и непознатото.
Зачекори тивко и полека, за момент рушејќи ја монотоноста и тишината со плискањето на неговите чевли во малите вирчиња. Со долгиот капут и црниот шешир изгледаше како некој Њујоршки детектив кој излегол од некој американски филм од триесеттите години на минатиот век. Главата му беше празна од мисли и без емоција ги гледаше градбите со различна форма и графитите кои си носеа своја порака. Духот на улицата. Низ мртвиот град се осеќаше како дух кој е оставен на земјата да доврши некоја работа. Битола никогаш не беше толку празна, посебно не на Широк Сокак. Тогаш кај него се појави она чувство на немир, наежувајќи се на помислата што ако е навистина сам. Цигарата ја имаше веќе од дамна допушено па запали нова. Веќе немаше идеа што да прави, па продолжи право по широката улица. На моменти ги гледаше празните излози и се прашуваше што толку се случило преку ноќ, што веќе нема никого. Стигна на крајот од улицата, на левата страна од фонтаната и застана. Беше премногу темно, па од таму секој чекор беше премија, а да не пропадне во некоја дупка со вода, а ги имаше многу. Лесно ја помина улицата, не забележа ни еден автомобил, а не работеа ни семафорите. Веќе беше слезен и длабоко навлезен во паркот, кога заморот го опфаќаше него и неговите нозе. Седна на клупата во која претходно се чукна и воздивна. Сеуште беше тивко, исто како и кога излезе од дома. За момент замижа и тогаш наместо на клупата во паркот, се најде дома, сонлив во својот кревет. Но, тоа ништо не промени, затоа што тишината сеуште беше присутна. Замолкнувајќи во тишина.
 
Тишина

Чувствувам како виурењето на ветрот длабоко ми навлегува во ушната школка накострешувајќи го секој дел од телото, како болка која го покорила времето да стои и се потчинува на бесниот куршум кој ја пара безмилосрдно кожата. Го задржувам здивот.
И сега, се се смирува, како да не ни било, никогаш. Втренчено гледам во магнетното синило на езерото. Ја протнувам едната, па другата нога во снежната идила и му се приближувам. Си дозволувам да седнам иако знам дека кога ќе станам ќе се каам за оваа одлука, како што беше вчера, како што ќе биде утре.
Седам така некое време, му дозволувам на зимското сонце да се испружи врз моите раменици и да ги зарие канџите во ребрата, меѓу пршлените, длабоко во сржта на клетките.
И одеднаш, нешто ми го привлекува вниманието; нешто познато, нешто единствено, нешто неиспарливо. Го познавам ова присуство,го препознав многу добро неговиот генетички код без да морам да се свртам за да утврдам што се крие позади грмушката, чија реа е тоа.
Станувам проколнувајќи ја својата одлука бидејќи се без навлажнила, но останувам смирена небаре не чувствувам ништо необично додека се затскривам пред лицето на стравот.
Знам што чувствува, дека се кае, дека не беше тоа што тој го посакуваше, знаев Боже, а сепак бев лута и побегнав најбрзо што можев.
Очекувам секој миг да го направи она што знаев дека ќе го направи. Како што го доближува чекорот морници почнуваат да ме полазуваат, бидејќи секогаш кога го прави тоа, е како ново, како прв пат да го прави, вешто залажувајќи ги осетите, намамувајќи ги безизлезно во лавиринтот на непознатото.
Застана над мене. Неколку пати вдиша и издиша, и во сите тие неколку пати искажа многу зборови, небаре дишењето беше јазик за комуницирање.
Знам што е следно, и иако знам, останувам неподвижна пред чувствата кои неволно ме предаваат и немам друг излез освен да молчам и да и се предадам барем за момент на тишината.
Лесно ги испреплетува своите прсти во моите од десната шака, притискајќи ја до тој степен што ја чувствувам неговата болка, немоќност како осуденик кој бара спас во очите на џелатот.
Со левата рака ме обвиткува околу половината и нежно застанува притискајќи ме благо до својата утроба, зборувајќи со своето тело.
Ми натежнуваат солзите во очите, како тешките торби натоварени брз магарето, и со сите сили се обидувам да не им попуштам на очните капаци да се поклопат, како не би се предала на моментот, на животот, на бедата, на вистината.
Се вртам кон него и ја положувам главата во неговите прегратки немоќно поклопувајќи ги очните капаци и силно стегајќи го со двете раце, но ни тоа не е доволно за да докажам дека многу ми е жал за се, за секоја расправија, за секој обвинувачки поглед, мислејќи дека така ќе ги поправам работите.
И, ги отворам очите, и уште повеќе плачам додека солзите се нижат ли се нижат, како што се нижат бисерите на ѓерданот; глува болка ме раскинува во градите хранејќи се со мојата ранливост, како чудовиште чија музика се моите пискотници, а омилена му е мојот крик кој го испуштам верувајќи дека со тоа ја смалувам болката.
Празни ми се рацете, празни и суви; пресушени.

Сега повеќе нема ниту крици, ниту солзи, сега веќе не ме праплавува бесот, туку само онаа нема болка која се појавува секогаш кога ќе дојдам на ова место, или пак во доцните часови кога ќе ја побарам неговата рака под студениот јорган, кој секојпат ме пресекува како секира, брзо и трескавично, без право на пауза за здив.
Долго време помина откако замина, за никогаш повеќе да не се врати. Ме остави, вчера, сега, овде, утре, сама, давејќи се во монотоноста на хроматските бои за опстанок во суровата вистина и борејќи се со спомените да не изледат, бидејќи ако изледат и јас би изледела со нив.
Додека, ти си таму, веќе перфекто истрениран за да се сокриеш зад сенката на немоќноста обидувајќи се да го измамиш животот и да ми дојдеш во сништата, затоа што само таму можат да те допрам, да те бакнам, само таму те имам.
Но, кога ќе ги отворам очите те нема и сфаќам дека сеуште си закован во нераскинливите мрежи , таму, долу, под мирисот на липите.
И се предавам на тишината, со верување дека пак животот ќе не спои, некогаш и негде; вдишувам длабоко и барем на секунда ја отклонувам болката, барем на момент го чувствувам биењето на срцето.
И сега, се се смирува, како да не ни било, никогаш. Втренчено гледам во магнетното синило на езерото. Ја протнувам едната, па другата нога во снежната идила и му се приближувам. Си дозволувам да седнам иако знам дека кога ќе станам ќе се каам за оваа одлука, како што беше вчера, како што ќе биде утре.
 
Со погледот вперен во дланките измачкани со туш наместо со мастило воздивнувам над штотуку завршената поема и се убедувам себе си дека почнала нова,''ефтина ера'' каде писателите пишувале со туш и извиткана,пластична перодршка а не со германско мастило и лебедово перо.Сегашноста благо ме вознемирува.Нервозна и крута во оваа тишина која ме прегрнала толку силно што ми пука секоја коска,размислувам прудентно иако се чувстувам како полжав со излижана обвивка,без симболика,без нарцисоидност и без дилема за своето постоење додека принудно обожувам секој ден нови ''богови'' испратени не од радозналоста туку од глупоста за да го тестираат моето трпение.Легнувам со своето тело на хартијата,налик Витрувов човек,но не мојата височина не е еднаква со широчината на моите раширени раце затоа што јас сум заедно со својата свест повисока од мојата човечност.Или би сакала да бидам.Мирот не се купува со изгризани нокти туку со настојување а јас настојувам да си купам барем малку од него во оваа инспиративна година без да просам за нотите на Шопен и да ги гризам долните усни во обид да ја стишам лутината која ме обзема додека ''тие'' ги цртаат своите неандерталски облици во современите пештери.И тогаш...завршија дождовите,ги отворив очите и видов снег но не го видов времето поминато низ мислите на ''тие'' туку само го почувстував како струење низ нивните подотворени усти.Ги слушав внимателно со аускултација и затоа се чинеа толку гласни,толку гласни што што го изгубив пропратно своето постоење и копнеев толку искрено и страстно по длабоката тишина.Ме инспирираше таа тишина,таа солидна деформација во која умовите полни со еха тешко пронаоѓаат сатисфакција.Чувствувам нагон да го променам тој збор....ехо...во его.Сепак една буква не менува многу.Човечки е да се греши.Човечки е и да се сонува во купениот мир додека оставам со прстите траги од ефтин туш над сопствените стихови.
 
Our father, whose arts in Heaven, hollow be thine name!
Ја гледав како мирно си ја одмара главата на раката, како погледот и прелетува преку пукнатините на масата, како допир. Размислував, колку време имаме за да донесеме одлука. Кој ќе ни ги прости гревовите. Каде почнува и каде завршува приказната, колку е тешка тишината?​
Тишина.
Го скршив огледалото утрово, во тоа нема тишина.
 
Совршен миг кристално чиста тишина. Сама со својата самотија, кога сум толку свесна за активната автосоцијализацијата и потребата од зјапање во светлите, но и најмрачни катчиња од таванот на меморијата, кој ги чува на прашливите полици сите симбиози, анализи, синтези од целини и фрагменти на зборови и дела, именувани како спомени. И ги има секакви, оние по кои радо посегнувам и ме полнат со толку потребната доза ентузијазам, но и такви кои како врели шлаканици освестуваат и го најавуваат својот незаборав...

Тишината е прегласна, а нејзиното до бескрај репетитивно ехо често е немилосрдно заморно, посебно ако бегаат нишките кои ги спојуваат кревките, а воедно дијамантски цврсти структури на рационалниот и емотивниот свет... Ја препишувам на својот пол најчесто состојбата на дисбалансот, дури ги градам и рушам мостовите меѓу двата света, по не знам кој пат...

Битието на тишината е пајажинесто и лесно би го распарал бебешки плач, кој остро го најавува своето присуство, лелек на немоќ од старица, кикотење на полузрел тинејџер, конфликтот со вишок децибели на парот соединет во брачен сојуз, зарипнатиот лаеж на дводеценискиот пес на соседите, алармот на некој поласкав автомобил, камшиковидниот порој на ненадејниот дожд итн. итн.

Не им верувам на луѓето кои не го почувствувале Мунковиот врисок на тишината и ги презирам оние кои не знаат да ја поднесат убавината на самотијата и ја валкаат поистоветувајќи ја со осаменоста... Шшш, тишината е моќна, бидејќи нашата слабост ја премачкува во белези со воинствени бои, шамански вдахнува дух на воин, спремен за новата битка на бескрајното бојно поле, именувано оптимистички како - живот...
 
Со тешки и спори чекори се упати кон тесната улицата која наликуваше на уличињата во Неапол каде што дебелите жени од горните спратови ги тресеа своите чаршави од трошките преостанати од доручекот во вратот на туристите и на момчињата кои со своите мали скутери носеа панцероти и макијато за доручек од рестораните кои егзистираат во долните спратови на улицата до канцелариските работници во општината.
Туристите се свртуваа нагоре и се тресеа од ронките, додека момчињата со пцовки адресирано до нив заминуваа набрзина да направат повеќе дури додека е времето.
Само звукот од штурците во летната спарнина и тишината го делеше чуството Пепито дека не е во Неапол туку во Гренобл, тука беа најчистите Французи кои потекнуваа директно од Карло Велики и како Италијанец се чуствуваше непријатно во оваа околина.
Силна светлина го осветли небото и Пепито застана до бандерата и се запули во небото, прво слезе едно мало зелено суштество со голема глава и црни очи кои немаа ирис и се обрати до него на непознат јазик.
Пепито му зборна на лош француски но малото зелено суштество не му обрнуваше внимание и се јави на еден апарат, потоа Пепито му зборна на чист италијански јазик и суштеството со ситни и брзи чекори се упати кон крајот на улицата и ги повика и останатите суштества кои го кренаа Пепито и го сместија на една маса и едно од нив изведе една сабја како од Стар Ворс. Пепито од коњакот што го испи не можеше да мрдни ниту да даде отпор, тогаш Пепито силно се издиши и почна да го повторува евангелието по Јаков 25/17 кое го памтеше од Палп Фикшн кога Самуел Л. Џексон му го цитираше на типот што го заеба Марселос Валас, со драго срце би кажал нешто друго, но тоа беше единствено нешто што го знаеше напамет.
И тогаш се случи чудо, малите зелени од миризбата на лошиот коњак почнаа да танцуваат како во спотот на Мајкл Џексон Трилер и го пуштија долу Пепито до бандерата.
Светлото од фенерот на уличната ламба, го скриваше вселенскиот брод на малите зелени кои се оддалечуваа од галаксијата Млечен Пат.
Пепито постои до уличната светилка и се упати до ефтиниот мотел каде што имаше изнајменo кревет. Продолжи со влечење и тешки чекори да оди по улицата додека штурците сеуште цвркотеа во летната спарнина.
Застана да се моча до една антикварница, го изваде и се загледа во еден ковчег балерина кој беше на излогот, му текна на патувањето пред 20тина години во Париз со неговата сопруга кога седеа на Шанз Елизе и ги броеа звездите, потоа одеа како секој поштен италијански пар да се очукаат во малите биртии каде што за ефтини пари можеше да си поминеш супер со улични музичари и да се расправаш со ванаби философи во Шекспир и Синови.
Пепито се обиде да го крене шлицот, мочката му се цедеше од долниот дел на петентот каде што млазот му се запнал.
Продолжи чекор два и застана.....прекрасно...Ја слушна само Тишината


http://www.muziboo.com/Windfucker/music/ive-thought-today-is-monday/
 
Чудни коинциденции и случувања Насекаде околу нас...
 
Мирис на спомени. Насекаде околу нас. Мирис и слики на едно одминато време.
Се шетаме по „вечната улица“ фатени за рака. Се слуша смеа. Ах, не! Тоа се само делчиња од мојата меморија. Нашата прва прошетка. Како да се делат моето тело и мојата душа на клупата каде што ме бакна за прв пат. И повторно усните ми горат. Некаква чудна топлина ме облева. Те чувствувам. За миг ги отворам очите и се враќам во сегашноста. Те гледам на крајот на улицата. Доаѓаш кон мене. По мене. Усните ми се растегнуваат. Срцето ми потскокнува. Рацете како сами да се шират и полетувам. Полетувам кон тебе, во твојата прегратка. И повторно оној познат мирис. Не, овој пат не се спомените оние кои ми ги дразнат сетилата. Тоа си ти. И миговите на коишто свој потпис ќе оставиме денес. Ти. Јас. Мирис на љубов. Насекаде околу нас.
 
-Љубов,ти си мојот свет,мојот воздух без кој не можам да живеам,моја инспирација и моја вечна станица на која сите мои патувања завршуваат.Чекај ме драги,ќе се вратам со барем парче од нашиот сон-рече Мило и го заврши разговорот по телефон со насолзени очи.
Мислеше дека ако седи зад шоферот ќе биде побезбеден на патот па тромаво се смести зад него на седиштето.На челото му се познаваа капки од пот,изразот му беше збрчкан од тага и од несовладлива илузија па тие лесно се лизгаа по браздите на неговото лице.Додека патуваа размислуваше за успехот,за среќата и успеа на крај да ги опие мислите за да му се препуштат на оптимизмот па низ телото му помина топол бран на смирување а стимулираните чакри во него го нагласија своето присуство подредувајќи му ја енергијата низ медитација за која тој обожаваше да чита.Само што ги затвори очите,одеднаш слушна звуци родени од говор кои му ја раскинаа дремката.Знаеше дека се наоѓа во автобус за Прага,на добар пат за да спечали за живот и да избега барем привремено од герисот кој своја држава го нарекуваше.
-Она педерине пак бараат некакви си права!Мореее мене да ми се,секој ден ќе ги тепам,мамето нивно па и брак сакале!Замисли брат,ненормалниве болесници со кое лице,па каде ние живееме не сме Америка!
-Знам брат,остај тоа туку сакаат и деца да посвојуваат гнасните,ненормални едни сите се за во гасна комора!
Мило се почувстува како некој да го удрил по стомак.Чувствуваше огромна потреба да извика,да се спротивстави но нажалост усните се повеќе му пукаа од жед и од празна желба.Не му беше прв пат да налета на ваков дијалог.Полн со омраза и со гадење.Во тие моменти се чувствуваше подоле и од животно и се срамеше од себе си.Се присети кога имаше само 16 години,кога се избори во тишина со својата сексуалност и со вечните планови на мајка му и татко му за внучиња кои ќе трчаат низ нивниот дом,се присети како го гризеше своето срце додека тоа крвареше од љубов кон неговиот најдобар другар секој пат кога ќе го видеше со нова девојка.Но сега имаше 23 години и се што сакаше беше малку мир и спокој во својата внатрешност.Го имаше Дејан до себе...го сретна на геј забава и во него се заљуби на прв поглед.Онака детски и невино.Го голташе секој негов збор додека Дејан вешто говореше за Шопенхауер и за постоењето на животот.Тој беше дипломиран машински инжињер но со голема пасија кон философијата и литературата.Заедно правеа многу работи:спортуваа,готвеа,се смееја на глупи тин серии и уживаа во тишината од нивниот дом во кој удобно ја сместија својата љубов мислејќи дека ќе ја заштитат од надворешниот и суров свет.Се додека еден ден Дејан не се врати дома во определеното време.Од тој ден се вгнезди суровоста во телото на Мило додека докторот му ја објаснуваше ситуацијата:
-Четворица...го начекале кога се враќал дома,ќе биде добро има скршено 3 ребра и модринки,но ќе биде добро.Плачеше како мало дете додека му ја држеше раката во болница и ја колнеше својата судбина во мислите.Беше добар човек,воспитан и културен кој помагаше на секому во невоља,но со што ја заслужи оваа глетка која го тераше да се препелка во агонија?
Немаше разбирање,насекаде окулу него само пцости,кучешки третман и погледи полни со презир.Но се што гледаше тој во очите на луѓето беше страв.Само страв од кој црпеше сила за да живее и понатаму.Затоа реши да оди да работи во странство,да обезбеди средства и да го пушти на слобода својот дух во Амстердам заедно со љубовта на својот живот.Мило веруваше во среќа и во идоли но од нив само прашината ја собираше во своето закоравено општество.Појавата на омразата како чума ги зафати сите улици и се што слушаше беше само тажни случувања и изгребани потреби.Се насмевна,воздивна и повторно ги затвори очите ставајќи го тонот на разговорот во позадина на двајцата млади сограѓани во автобусот.Тој веќе знаеше,знаеше дека е подобар од нив и благо ги потпра своите мисли на рамката која ја држеше сликата од него и Дејан во неговото срце.Ќе бидат среќни,далеку одовде.
А ние...ние нема да го запреме светот за да ја качиме толеранцијата во нашите умови.По некоја чудна коинциденција ќе продолжиме да се сретнуваме секојдневно со најразлични луѓе.Во маркет,во парк,во дискотека,во воз,на училиште,на работа,на факултет...ќе ја симпатизираме нивната надворешност не знаејќи каква љубов или болка стегаат во себе.Насекаде окулу нас ќе гледаме само лица со прикачени насмевки,со искрена љубезност и со чисти дланки,ќе се смееме заедно со нив,ќе си помагаме меѓусебно и ќе разговараме...се додека не го изустат зборот ГЕЈ.

(испирирана од темата Хомосексуалност на подфорумот Љубов и секс).
 
ЕЈ ОТКАД САМ СЕ РОДИО!!

Најдосадни ми беа по македонски јазик кога требаше да учам белешка за авторот. Почнуваше се родил во некое забаталено село во некоја позабаталена земја, завршил основно училише во блиското село, гимназија во поблискиот град, факултет Загреб или Виена.....досадно до посер, и на крајот идеше белешката за авторот ја напишал некој Доцент по македонски јазик и професор на катедрата од факултетот.
Мислам дека бев 4 одд. кога не натераа на распуст да преведуваме лектира по слободен избор, татко ми ја зеде од фабричката библиотека (еј не ми се верува човече дека фабриката во која работеше имаше сопствена библиотека, одиме наназад сега) Златниот младич и неговите жртви од Аугуст Цесарец.
Романот навистина беше интересен и уште имам свежи сеќавања, но јас решив да се позанимавам со белешката на авторот и да ја исправам неправдата нанесена врз сите автори. Поминав бегло низ содржината на романот и го раскажав скоро цел во десетина страни и дојде ред на Белешка за Авторот.

СРЕЧЕ НИСАМ ИМАО!!

Колку што се сеќавам одеше вака некако белешката за авторот.
Аугуст е роден е хрватски публицист, писател и познат писател. Роден е како ситно дете од 1 кг. и 700 грама и неговото семејство било загрижено дека нема да остани жив. Подоцна со помош на млеко од биволица мешано со кравско млеко се издига над неговите врсници. Негови најомилени игри биле мижитатара, камена са рамена, бишка и морд.
Татко му стално му прекорувал да земе да чита повеќе наместо да трча со неговите врсници по трамвајот во Загреб.
Аугуст Цесарец играл фудбал, но оти не го бидувало многу го клавале да игра во одбрана или голман за разлика од неговите врсници.

САМО ТИ СИ СРЕЧА БИЛА!!

Учителката по македонски јазик кај мене беше олицетворение на Тодор Живков, преправен Тери Гилијам во жена и Калигула лично. Ги собра писмените за лектирите по слободен избор и јас очекував наредната недела да бидам пофален на звучникот додека се пулам во сликата на другарот Тито како најдобра писмена по македонски јазик напишана некогаш во училиштето.

ЗАШТО СИ МЕ ОСТАВИЛА!!

Наредната недела дојде нов учител по македонски јазик, старата учителка била на интензивна нега во градската болница.
Младиот учител рече дека е добро сите деца да собериме по некоја пара да и купиме на учителката цвеќе и да ја посетиме во болница.
Јас со нетрпение чекав да почне некој да ги проверува писмените од летоска, додека претседателката на класот организираше одење на болница.

ЕЈ ОТКАД САМ СЕ РОДИО!!

Учителот веќе неколку седмици почна да ја заменува старата и дојдоа и на ред писмените за проверка. Учителот му рече на еден ученик да ја чита белешките за авторите на наредните лектири што треба да ги учиме додека со наочарите на носот го разгледуваше купот писмени. Мојата писмена беше црвена и потпишана со црвено мастило, учителот ја зеде и почна да ја чита ноншалантно, потоа потстана малку од столчето дрвено и ги турна наочарите на носот читајќи. Ја сврти корицата и го разгледа името, стана и се упати надвор и му рече на ученикот да продолжи да чита за белешките на авторите.

СА МУКОМ САМ СЕ БОРИО!!

Учителот влезе заедно со психологот и директорот и покажа накај мене мавтајќи бесно со писмената како да ја пишувал Бугарин.
Психологот дојде и ми шепна тивко на уво да дојдам кај неа во канцеларија. Ја прашав дали да ја земам чантата и кецељата и таа потврдно ми одговори.
Во канцеларијата прво влезе психологот, по неа јас и на крајот директорот со учителот.
Психологот ме праша дали ја изедов ужинката и дали се чуствувам добро, јас збунето се пулев во сите тројца и малку ме фати страв.
Директорот татковски ми се пулеше и ме праша кој ми ја пишувал раскажаната лектирата. Му одговорив дека сам ја пишував на што тој зеде молив и лист хартија и ме натера да ја препишам истата уште еднаш.
После еден час и половина и десет испушени цигари од страна на директорот и психологот јас ја препишав скоро идентично истата лектира како и претходно.


САМО ТИ СИ РАДОСТ БИЛА!!

Прво почна психологот да ме прашува дали татко ми и мајка ми се во брак, дали редовно се караат, дали имам проблем со дружењето со останатите. Јас одговорив дека се караат оти татко ми не си препиша стан сам дури беше во синдикатот и треба да се стегаме во две соби дома сега. Со децата се дружам добро и собираме муками за да одиме на кино.
Потоа стапи на сцена директорот и ме праша зошто сум пишувал глупости за познатиот публицист и комунист Аугуст Цесарец со акцент на зборот комунист.
Него му одговорив дека јас мислам дека и тој бил некогаш дете и треба да се раскаже исто така и белешката за авторот како и лектирата. Исто му кажав дека белешките за авторите се најдосадни за учење и поинтересно би било ако бидат направени како мојата.


ЗАШТО СИ МЕ ОСТАВИЛА!!

И појдовме со цвеќе и Тако кај учителката на болница, јас стоев меѓу последните додека најголемите дудлачи кои сега се видни фукционери и ги бакнуваа рацете на вампирката.
Кога соопштија дека старата учителка умре јас завршував средно и се погодив да се закопува во ист ден со дедо му на еден комшија ариевец кој имаше ќебина со кукаст крст дома.
Нас не свикаа комшијата да го носиме ковчегот за одреден паричен надоместок два тројца и кога го закопуваа ние си бевме од страна.

Ја слушав панихидата или последниот збор за учителката од страна на некој роднина.
Родена тогаш и тогаш, завршила основно во село, гимназија во градот и виша во поголемиот град. Напишала еден расказ за деца и умрела. Досадно до посер.
 
Насекаде околу нас мирис на пролет...нов почеток, нови радости, нова љубов, нов живот... Јас без тебе. Ти без мене. Насекаде околу нас пролет. Во нас мразови и снегови. Опкружени со светлина, а заробени во темница. Опкружени со луѓе, а сепак сами. Среќата е насекаде околу нас, но јас и ти не можеме, не знаеме да ја дофатиме. Бол. Бол до коска. А можевме и ние да ја почувствуваме пролетта заедно, можевме да бидеме пролет. Пролетното сонце не успева да ги стопи траговите од мраз. Мраз, кој некогаш беше љубов... Насекаде околу нас пролет. Во нас само една огромна празнина.
 
Ништо повеќе од насмевки кои кријат задни намери. Тешко е да им простиш на ваквите луѓе...
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom