Шуќур, конечно и мојата потсвест се јави да каже дека е жива.
Vivid.
Отидени на одмор јас, една колешка и еден колега (другите колеги ги нема), сите сами без мажи/жени, деца или пријатели, а само јас сум со детето. Сме биле во Грција (?!?) на одмор (btw, јас немам стапнато на грчко тло од 1990 година), поима немам каде, местото не беше назначено. Сместени во вила на брдо, високо во брдото, можеби некои добри 200 метри над морето, единствена во околината, со неверојатен поглед на широко отворено море, гледа на југо-исток, а под неа па се` до брегот, убаво наредени и многу богати, насади и насади со црно грозје. Вилата била на два спрата, скалесто изградена, но нивоата поставени бочно, а не фронтално.
Јас со малото сум сместена на приземје, во соба која не е квадратна, а вратата од собата се наоѓа во ќош, значи не се влегува од средишен ѕид. На ѕидот спроти вратата поставен тросед, на средина маса, лево од вратата поставена мини кујна со шанкче, а позади кујната, како во еден продолжеток, креветот за спиење. Веднаш спроти каучот и масата, ѕидот од горе до доле е сиот од стакло и еден дел е лизгачка врата кон терасата, која е поприлично голема, како видиковец, можеби 10х10 метри, едната половина покриена со убаво декорирани трски, а другата половина под отворено сонце. Самата тераса изгледа нешто слично на кафанска летна тераса, со бели мермерни плочки, уредена со неколку мали бели кожни гарнитури, со малечки дрвени светло кафеави масички за секоја гарнитура, а во долниот десен ќош има скара, како оние големите што изгледаат како цела кујна. Веднаш од мојата соба се излегува во фоајето, каде има мало шанкче за послужување кафенце/сокче за гостите и таму работи едно младо девојче, тинејџерка по години, со косата фатена во репче. Колешката и колегата се сместени заедно во соба на горниот кат, каде се пристапува преку вртени скали, баш поради скалестата структура на вилата. Нивната соба е рамен квадрат, со два разделени кревети и долж едниот ѕид има прозорци, кои гледаат кон истата страна како и мојата соба. Бидејќи нивната се наоѓа точно над влезот од хотелчево кај нив нема тераса, туку од прозорците продолжува плоча која е покриена со катран.
Дејствието се случува околу 2-3 попладне, во екот на најжешкото, јас сум го ставила малото на попладневна дремка и сум се качила горе во соба кај колегите. Сите тројца стоиме пред прозорците, само еден од нив е отворен за да влегува свеж воздух, а надвор пирки пријатно ветре. Муабетиме што ќе правиме попладнето и се договараме, штом падне малку сонцето, да ја земеме колата и да се симнеме долу на плажа, а јас предлагам на враќање да купиме месо од продавница, па вечерта да си направиме скара кај мене на терасичка и да организираме нешто како мало журче и за другиве малку гости во хотелчево. Иако и понатаму е сончево, малку по малку почнува да дува силен ветер и јас го затворам прозорецот за да не чукне, а морето почнува да се бунтува, се дигаат бранови високи можеби 3-4 метри и држат правец кон северо-запад. Јас на тоа коментирам, тешко на тие што сега се бањаат, а не знаат да пливаат, или знаат ама немаат сила да се борат со брановите. Одеднаш морето почнува да се подигнува, се` повеќе и повеќе и водата почнува да надоаѓа кон вилата, а во меѓувреме се пењави, како пена од шампањ. Како што доаѓа кон нас, се прашуваме што е ова, како е можно толку високо да се крене морето и наеднаш се смрачува, како летна бура, не врне дожд, но е како самрак. Сите коментираме како е можен ваков природен феномен и јас сфаќам дека ќе не` преплави, но не се плашам бидејќи потсвесно знам дека куќата ќе издржи и нема да не` однесе. Како што се дига морето и понатаму, вилата пропаѓа некои 10-15 метри под водата и гледам дека кон нас се приближува вртлог, поточно опашка од вртлог, кој продолжува во длабочините, и помислувам ако е тука под водата вака голем, којзнае ли како изгледа на површината. Како што доаѓа вртлогот, јас стојам помеѓу двајцата нив и инстиктивно ги буткам со рацете за да паднат странично, а тоа го правам за да не се исплашат, додека јас и понатаму сум сигурна дека куќата ќе издржи. Сфаќам дека врлогот ќе удри на стаклата, но свесна сум дека нема да се скршат. Јас стојам пред прозорецот, тој удира три пати на стаклото, го снемува, сонцето пак излегува и времето се смирува како што беше и претходно. Се` ова се случува многу брзо, како во рок од 10 секунди.
Во моментот наеднаш се стрчувам по скалите надолу кон мојата соба, за да видам малото дали е во ред, во меѓувреме претрчувам покрај девојчето што работи на шанкот, која весело си потпевнува како ништо да не се случило, а можеби е и тотално несвесна дека нешто се случило, не знам. Ја отварам вратата и го гледам малово како се качило на шанкот во кујната и јаде некој чипс, сличен на мал кружен крцкав наан леб. Се насмевнувам и му велам, како ли само ти успеа да се качиш тука, ела да ти дадам нешто поубаво за јадење. Го земам во раце, излегувам од соба и ме среќава една жена, околу 45 години, најверојатно вработена во кујната бидејќи беше облечена во готварско одело, и држи во рацете длабока чинија со лажица, каде има мелено живо телешко месо измешано со варен ориз (нешто слично на steak tartare, тоа е телешко убаво сомелено, не се готви, се служи живо, со кромид, малку зачини и capers, го имам пробано, ептен е вкусно). Жената ми го нуди јадењето за детето, а јас велам не благодарам. И почнува да ми објаснува дека иако е живо месото и дека обично луѓето се скептични кон тоа јадење, нема ништо страшно, а јас и велам дека јадењето ми е познато, сум го пробала и порано, но сепак не би да експериментирам со такво нешто поради возраста на малото. Се враќам во соба, го седнувам на троседот, а јас ја отварам врата од терасата и излегувам надвор да видам каква е ситуацијата после бурата. Сите гарнитури и маси се на место како и претходно, плочките се суви, само под јастуците се задржала малку вода. Почнувам да ги тргам и да ги цедам и гледам дека кожата од гарнитурите е испукана, но сфаќам дека тоа не е од бурата, туку од тоа што биле изложени на сонце подолг период, бидејќи тие што се под трската се во ред. И се прашувам зошто некој би ставал кожни фотељи на отворено сонце кога можат да се оштетат.
Ѕвони телефонот и ме буди.
Сонот не е досонуван.
Нека стои.