Централната банка ги сумираше економските показатели за лани
2008 годината завршила со просечна стапка на инфлација од 8,3%. Народната банка регистрирала забавување на бруто инвестициите, а салдото на девизни резерви е намалено за нешто повеќе од 36 милиони евра.
СДСМ повторно нуди економски решенија
СДСМ повторно ќе изготви Акционен план за справување на македонските компании со глобалната економска криза и ќе го достави до Владата, најави денеска, привремениот лидер на СДСМ, Зоран Заев. Најголемата опозициона партија смета дека економијата е тема со која треба да се занимаваат македонските власти, а не само да тераат политика пред избори.
“Ќе изготвиме уште еден Акционен план и ќе го доставиме до Владата. Повторно ќе чекаме одговор од страна на Владата,“ рече Заев.
Тој соопшти дека имаат формирано работни групи во општините, чија задача е на општинско ниво да се договараат и преку искуства да се најдуваат решенија за справување со последиците од економската криза.
Заев ја обвини владата за игнорантски однос кон ефектите од кризата врз македонското стопанство и врз граѓаните.
“Во над 67,4 отсто од компаниите со кои сме контактирале, откажана им е барем една нарачка од странските партнери. На над 24 отсто од компаниите им е откажан кредит, кој им е неопходен да работат. Педесет отсто од компаниите не се знае како и кога ќе ја поделат јануарската плата, заради, Владиниот проект бруто плата. Секој месец се отпуштаат по 12.000 вработени, од кожарската, текстилната, земјоделците метало-преработувачката, а не зборуваме за металуршката, таа постои. Сите компании се погодени, поточно оние кои го создаваат бруто домашниот производ,“ рече Заев.
Според неговите информации странските инвеститори ја напуштаат државата, а Владата во паника им исплаќа огромни плати на странските менаџери, од џебовите на граѓаните.
“Да ги прифатија нашите предлог мерки за економската криза, немаше да дојде до ова дереџе“, додаде Заев.
Тој уште еднаш ја обвини Владата за расипништво кога во време на глобална криза, Владата троши пари на, како што рече Заев,“споменици како Шмизли и Дрва, и дека таквите потези се надвор од секоја економска логика. Тој порача тие пари владата да ги пренасочи за вистинска помош на македонските компании.