Алекс Хигинс, поранешен светски шампион во снукер, почина на 61 годишна возраст
Прегледај го приврзокот 32712Прегледај го приврзокот 32709Прегледај го приврзокот 32711Прегледај го приврзокот 32708Прегледај го приврзокот 32713Прегледај го приврзокот 32710
Alex Higgins 18.III.1949 - 24.VII.2010
R.I.P. Rest In Peace
Алекс Хигинс 18 март 1949 - 24 јули 2010
Лесна му земја.
Нека почива во мир.
Алекс Хигинс, уште попознат по неговиот прекар "Ураган" е роден во Белфаст, Северна Ирска.
Почнал да игра снукер уште од 11 годишна возраст, а веќе на 16 годишна возраст го остварил својот прв максимален брејк од 147 поени.
Во 1968 година, на 19 годишна возраст, ги освоил Сеирскиот Шампионат и Северноирскиот Шампионат.
Станал професионален играч на снукер во 1972 година, кога на 22 годишна возраст станал најмладиот светски шампион во снукер, освојувајќи го Светскиот Шампионат во Снукер 1972.
Останал најмлад светски шампион во снукер се до 1990 година, кога Стифен Хендри го освоил Светскиот Шампионат во Снукер 1990 на 21 годишна возраст.
Неговата професионална кариера во снукер траела од 1971 до 1997 година.
Во текот на неговата професионална кариера во снукер освоил, се на се, 21 нерангирна титула и 1 рангирна титула, а таа 1 рангирна титула е Светскиот Шампионат во Снукер, која ја освоил 2 пати, во 1972 и во 1982 година, но истата таа титула станала рангирна дури во 1974 година, поради што неговата титула од 1972 година не се смета за рангирна.
Уште една од нерангирните титули кои ги освоил, а подоцна станале рангирни титули е Шампионатот на Обединетото Кралство, титула која ја освоил само еднаш, во 1983 година, а станала рангирна наредната 1984 година.
Успеал да стигне до финалето во Светскиот Шампионат во Снукер 4 пати и тоа:
1972, го победил англичанецот Џон Спенсер со 37:32
1976, изгубил од велшанецот Реј Рирдон со 16:27
1980, изгубил од канаѓанецот Клиф Торбурн со 16:18
1982, го победил велшанецот Реј Рирдон со 18:15
Врвот на неговата професионална кариера во снукер го достигнал во 1980-те кога буквално станал симбол на играта.
Највисоката позиција која ја остварил на рангирната листа на Светската Снукер Асоцијација била 2 место, позиција која ја остварил 2 пати.
Во сезоната 1982/1983 би бил на 1 место, но изгубил поени поради дисциплинска постапка.
Го следела репутација на непредвидлив и тежок карактер. Бил тежок пушач, алкохоличар и опседнат коцкар, кој дури и признал дека консумирал кокаин и марихуана.
И покрај неговата победа во Светскиот Шампионат во Снукер 1972, сепак не живеел во траен дом, често го менувал живеалиштето. Во период од една недела се селел во 5 различни напуштени куќи во Блекбурн кои чекале рушење.
Неговиот прв син Крис Делаханти се родил во 1975 година.
Истата таа година се оженил и развел за прв пат со Кара Хаслер, кога се родила и нивната ќерка Кристел.
Се оженил по втор пат во 1980 година со Лин Ејвисон, кога се родила нивната втора ќерка Лорен, а подоцна во 1983 година се родил и нивниот втор син Џордан.
Се разделил, а подоцна и се развел со Лин Ејвисон во 1985 година.
Истата таа година започнал врска со Сиобхан Кид, која завршила во 1989, откако наводно ја удрил со фен.
Во 1994 и 1996 од неговото грло биле отстранети канцерогени клетки, но сепак во јуни 1998 му бил дијагнозиран рак на грлото, поради што грлото му било оперирано на 13 октомври 1998.
Во 2009 година живеел во караван приколка.
Во пролетта 2010 боледувал од пневмонија.
Ги изгубил своите заби како резултат на радиотерапијата која ја примал како третман за ракот на неговото грло, поради што јадел исклучиво течна храна.
Во април 2010, неговите пријатели објавиле дека започнуваат кампања за собирање на финансиски средства во износ од 20.000 британски фунти, или околу 23.860 евра, односно околу 31.100 американски долари за да му се вградат забни импланти.
Наводно, откако останал без своите заби, бил сериозно депримиран, па дури и размислувал и за самоубиство.
Бил премногу болен за да му се вградат забни импланти.
На крајот од својот живот, Алекс Хигинс тежел околу 38 килограми.
Живеел во дом за постари лица со влошена здравствена состојба во Белфаст.
Бил пронајден мртов во неговиот кревет на 24 јули 2010.
Официјалната лекарска дијагноза е дека неговата смрт настапила како резултат на ракот на неговото грло.
Бил во одлични пријателски односи со Оливер Рид, а бил и во добри односи со славниот професионален снукераш Џими Вајт, со кого одвреме-навреме играле егзибициони мечови.
Иако не бил забележан како филантропист, во 1983 година му помогнал на младо момче од Манчестер, кое било негов обожавател, а било 2 месеца во кома. Родителите на момчето, очајни му пишале на Алекс Хигинс. Тој го снимил својот глас на аудио лента која му ја пратила на момчето со најдобри желби. Подоцна, ненајавено, го посетил момчето во болницата, и му ветил на момчето дека заедно ќе играат снукер откако момчето ќе закрепне. Држејќи се до својот збор, ваквиот меч бил одигран откако момчето закрепнало.
Во 1996 година бил обвинет за напад врз 14 годишно момче, а во 1997 година неговата девојка Холи Хејс го прободила 3 пати за време на домашна караница.
Во 2007 година ја објавил својата автобиографија со наслов:
"Од окото на Ураганот: Мојата Приказна".
Учествувал во посебно издание на британското издание на квизот Најслаба Алка (The Weakest Link) за спортски ѕвезди , на 25 јули 2009.
Воопшто не е семејно поврзан со шкотскиот професионален играч на снукер, Џон Хигинс, иако имаат исто презиме.
Ќе остане запамтен во историјата на снукерот како професионалниот снукераш кој претставува пример за Кен Дохерти, Џими Вајт, како и за Рони О'Саливен, кој за Алекс Хигинс рекол:
"Алекс беше инспирација за играчи како Џими Вајт и илјадници други играчи на снукер, вклучувајќи ме и мене. Начинот на кој ја играше играта е истиот начин на кој јас мислам дека играта треба да биде играна. Играше на работ, забавувајќи ја публиката и истовремено залепен за акцијата.".
Неговиот доста несекојдневниот стил на играње најверојатно бил најдобро прикажан со неговиот славен брејк од 69 поени, за кој успеал да се избори под силен притисок против Џими Вајт во полуфиналето на Светскиот Шампионат во Снукер 1982, откако претходно губел во истиот фрејм со 0:59, и најверојатно само 1 топка го делела од заминување од турнирот.
Во документарецот на Клив Евертон од 2002 година "Приказната за Снукер"("The Story of Snooker"), Стив Дејвис рекол дека Алекс Хигинс е "еден вистински генијалец создаден од страна на снукерот".
Неговиот стил на играње станал пример за професионалните играчи на снукер во 1970-те и во 1980-те, кога помогнал и во растот на телевизискиот интерес за спортот.