Што видовме на инаугурацијата на новиот ни претседател.
Водителот Талат говореше на албански јазик.
Во прв ред седеа Бране и Ѓорѓе, едниот синоним за едни транзициски времиња чија главна одлика беше криминалната приватизација, која што ги постави темелите на денешното олигархиско општество. Вториот, синоним за безгласна буква, предмет на еден куп флорални епитети кои што требаше да ја отсликаат неговата пасивност цели два мандати. Даночните обврзници и двајцата ги наградија со високи пензии и ред други бенефиции од типот на: личен шофер, обезбедување и канцеларии за кои што никој не зборува за што ќе служат, битно на годишно ниво ќе го празнат буџетот за над сто илјади евра.
Потоа рафално се испукуваше новото ни име, кое што во дадената прилика го нагласуваше вештачкиот карактер на ова "нешто" кое што се уште милува да се нарекува држава, додека секојдневно преку вакви фарсоидни настани и противречи на таа цел.
Говорот на новиот ни претседник се состоеше од очекуваната мантра нато-еу пропратена со еден куп празни фрази и флоскули за подобра иднина, кој што во буквален превод вриштеше:
- Фала Аљи, фала ДУИ, фала на Арачиново...ќе се компензираме за скоро време.
Потоа еден момент кој што треба да биде момент на гордост, меѓутоа заради приликата и присутните таму звучеше како на погреб да свири репертоар од Аца Лукас. Интонирањето на химната и целот текст индиректно зборува за целиот апсурд во кој што живееме денес, паѓаат маските, му противречи на секој еден лик присутен таму, на нивните минати, сегашни и идни (не)дела.
Заради фактот што текстот во неа не соодвестува со моменталната реалност, веројатно и химната ќе биде предмет на ревизија.
И за крај, сите го слушаат Талат како му отпоздравува на присутните, додека во ВИП ложата претставниците на Косово и Албанија се осеќаат буквално како дома.