Барок-вртелешка кај МЕПСО
Планирано е каруселот да се гради до катната гаража на кејот на Вардар, за која беше избрано идејно решение со неокласична архитектура, а реквизитот само ќе се вклопи во тој амбиент
Доколку шестиот јавен повик успее, покрај Панорамското тркало, во околината на плоштадот Македонија ќе се постави и карусел или кажано по нашки вртелешка, потврдуваат од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Повикот го распишале од претпријатието по налог на градската власт, која за оваа намена им дала и субвенции од 10 милиони денари или 150.000 евра, информира директорот Душан Авировиќ.
Тој не ја соопшти точната локација, велејќи дека таа ќе се знае по завршувањето на постапката. Но сепак наши извори од Градот информираат дека локација, слободна за вакво нешто, е кај МЕПСО, веднаш до катната гаража во изградба. Имајќи предвид дека гаражата е најавено дека ќе биде неокласична архитектура, барок, предвидено е и вртелешката да се вклопи во нејзината околина со стар изглед, карактеристичен за овој тип забавен реквизит. Односно со коњи и кочии.
Неуспешноста на минатите јавни повици директорот Авировиќ ја објаснува со сериозните проблеми со кои се соочиле, имајќи предвид дека во нашата земја не постои фирма-претставник која може да им излезе во пресрет за она што го замислиле. Воедно и еден од условите да дадат аванс од 20 отсто на почеток, а остатокот по испораката. Не се јавила ниедна фирма. Единствено на минатиот тендер интерес изразила една компанија, но оттаму понудиле цена повисока од предвидениот лимит.
- Бевме принудени да ги измениме техничките карактеристики и да побараме електричен мотор со помала моќност - објасни директорот.
Авировиќ рече дека тендерот е меѓународен и ќе трае еден и пол месец, поточно 52 дена. Во условите се бара реквизитот да има декоративен венец, ротирачка платформа, 32 седишта со коњи, кочии и други детали.
Околу обвинувањето на опозицијата дека оваа инвестиција е без согласност од Советот на Град Скопје, тој ги демантираше таквите тврдења, велејќи дека вртелешката била предвидена со Инвестиционата програма на „Паркови и зеленило“, која, пак, неодамна се нашла на дневен ред и била усвоена.
Од Градот не потврдија дека тие се нарачателите на вртелешката, како и на Панорамското тркало. Од одделението за односи со јавност преупатија на надлежните од претпријатието, велејќи дека тие се најзапознаени со она што ќе се случува ако биде избран изведувач за изградба на забавниот реквизит.