Синхронизацијата на голема врата доаѓа во Македонија, еве од А1 што велат за тоа:
Се случи и прва синхронизирана серија на македонски јазик. Телевизија А1 реши да преземе ризик и да синхронизира, латиноамериканска серија, бидејќи тие се омилени во овој регион.
Мексиканската теленовела веќе три седмици се емитува во етерот на македонски јазик, а одговорните од телевизијата велат дека се изненадени од интересот за серијата.
Анета Ветерова, директорка на програма во телевизија А1, вели дека серијата е синхронизирана, со цел да им се доближи на повозрасните жени, кои несомнено се најверни гледачи на латиноамерикански серии.
„Ја синхронизиравме серијата, со цел да им ја доближиме на повозрасните жени што имаат проблем со читањето“.
Во телевизијата е изработено и специјално студио за синхронизација.
„Ние имаме свое професионално студио за синхронизација, кое посебно е изработено за серијата. Гледаноста е одлична, со оглед дека се прикажува само три седмици, има одлични рејтинзи“, вели Ветерова, која додава дека очекуваат рејтингот да расте како ќе се развива приказната на серијата.
Наташа Арсова е дел од екипата што го позајмува својот глас во „Заклетва“. Иако девет години се занимава со синхронизација ова и' е прво и, како што вели, интересно искуство во синхронизирањето на шпанска серија.
„Веќе девет години работам на синхронизации, но прв пат на шпанска серија. Снимањата се' уште траат. Една епизода се снима за еден час. Станува збор за сериозен проект - ликовите се изградени и сите имаме посериозен пристап кој не трпи трансформации. За целата работа е потребна голема концентрација.
Со овој проект А1 дефинитивно привлече внимание, а доказ за тоа се и големите дискусии што се водат на сите поголеми Интернет-форуми во Македонија.
Иако поголемиот дел од коментарите се негативни, сепак, сите се согласуваат дека првата епизода сигурно имала голема гледаност поради љубопитноста и новиот феномен на синхронизација, кој не е карактеристичен за македонските телевизии.
Некои од нив велат дека го пронашле лекот против депресија, бидејќи со серијата и синхронизацијата успеваат убаво да се насмеат.
На другите не им е јасно како ќе успеат да ги синхронизираат емоциите на плачење и хистерија, што се дел од секоја шпанска серија.