УВОДНИК
Многу бранители, килав идентитет Јавно ги повикувам и политичарите и експертите да објаснат како тоа од спорот со Грција ќе излеземе со нечепнат идентитет, а притоа веќе сме употребувале референца наместо меѓународно име, веќе сме смениле знаме (еден од клучните симболи на националниот идентитет), веќе сме прифатиле да размислуваме како ќе ни се транскрибира името на јазикот и веќе сме се помириле со географска одредница во името
По многу мачни години, преговорите за името се чини конечно влегуваат во завршна фаза и затоа треба да се фати последниот воз за да се расчисти со лагите и заблудите што се ширеа сиве овие години од политичките елити и од стручњаците ангажирани околу елитите. Тоа мораме да го направиме за да не ни се случи утре, кога ќе ни го испорачаат решението на референдумско ливче, тие заблуди да ни ги мултиплицираат фрустрациите. Станува збор, всушност, за две големи илузии: двојната формула и борбата за идентитетот. И ако утопијата оти решението ќе биде само за билатерала со Грција ја напуштија сите, освен две-три водителско-новинарски будалетинки, сега останува да видиме како ќе излегуваме од вторава лага - дека идентитетот ќе ни останел нечепнат.
Притоа, како синоним за идентитетот се користи синтагмата „јазикот и нацијата“. Овие два збора станаа толку неразделни, мислиш дека станува збор за Маркс и Енгелс или за синтагмата „народноослободителната борба и револуцијата“ (предводена од другарот Тито, се разбира). Си го голтаме ова со „нацијата“ на екс, ама ич не ни текнува да провериме дали таа на каков било начин воопшто ќе фигурира во документите од кои ќе се состои решението. Влеговме сите во илузионистичкиот филм на народноослободителната битка на другарот Бранко и на револуцијата на преродбеникот Никола, а кога некои се обидоа да си го постават прашањето како тоа „нацијата“ воопшто се најде во таа фамозна конструкција „јазик и нација“, дојдовме до вџашувачкото сознание: поранешни министри за надворешни работи, професори, експерти, медиуми... сите така си ја преведувале графата „nationality“ од предлозите на Метју Нимиц како да се пополни „личната карта“ на земјата во Обединетите нации. Неверојатно, лудо, тажно! И шо праиме сеа?
Експертите што беа фатени со спуштени гаќи дека не ги знаат меѓународните конвенции (инаку, треба да им ги предаваат на студентите) и дека им се бауч основните термини со кои се оперира во преговорите, барајќи излез од сопствените глупости, побрзаа да му импутираат на „Дневник“ како носител на дебатата дека тоа го правел по владина нарачка (!?!), притоа заличувајќи на луѓе што со претање со екстремитетите се извлекуваат од живиот песок што сами си го подметнале. Како поинаку да се сфати неологизмот „етно-нација“, катапултиран експресно преку една ТВ-емисија, повторно без никој во јавноста да се праша што значи тој поим и каде треба да го бараме во пакетите со идеи на посредникот Метју Нимиц. Да сме си ја сочувале етно-нацијата?! Види богати! Каква генијална идеја! Нацијата, прво, е политичка категорија, не е етно. Второ, македонска нација не постои, постои македонски народ. Ако сакавме да градиме нација требаше да си напишеме таков устав, но ние (со несебичната помош на истиве овие експерти) се определивме да бидеме земја на народи и на делови од народи. Според тоа, какви се тие лупетања за етно-нација. Сме чуле за етно-музика, но за таква нација... По некое време да не се појави и класична или џез-нација, па помладиве може ќе притиснат и за техно-нација или хипхоп-нација...
Премиерот Груевски и претседателот Иванов, кои тивко ја напуштија едната заблуда (двојната формула) и со балетски чекор, како шампиони во танц од Лептокарија, додворувачки и' пријдоа на вторава (борбата за идентитетот), очигледно третирајќи не' нас граѓаните како морони на кои синтагмата „разумен компромис“ може да им се продаде како нешто подруго од опозициската „фер компромис“ што долго ја критикуваа. И тие сега почнаа да го бранат идентитетот за сметка на името, но немаат намера да ни кажат што подразбираат под „идентитет“ и како планираат да го одбранат. Не треба да не' чуди ни мистериозното исчезнување на Бранко Црвенковски од јавноста во стилот исчезнувањето на Анџелина Џоли со нејзината јахта кај Сен Тропе. Ние немаме Сен Тропе (Sant Tropetz), ама затоа кај нас СЕ ТРОПЕТ глупости на ангро, а Црвенковски знае дека токму тој промовираше компромис „име за идентитет“ и сега, кога се' повеќе станува јасно дека тоа е продавање ветер во магла - го снема. Разликата од Џоли е што Бранко исчезна вистински, за сите освен за Солана. Како утре Солана да ќе го гласа.
Со оглед на тоа што како држава сме скарани со термините (се виде тоа на nationality), а немавме прилика да чуеме како нашиве политичари го разбираат поимот „идентитет“, не е на одмет да се каже дека под „национален идентитет“ во сите релевантни светски енциклопедии се подразбира „се' она со што една поголема група луѓе која споделува исто чувство на припадност се идентификува“.
Според тоа, идентитетот е еден многуопфатен поим во кои влегуваат и јазикот, и уметноста, и традицијата на еден народ, и името и симболите на државата и уште многу други работи... Јавно ги повикувам и политичарите и експертите да ми објаснат како тоа од спорот со Грција ќе излеземе со нечепнат идентитет, а притоа веќе сме употребувале референца наместо меѓународно име, веќе сме смениле знаме (еден од клучните симболи на националниот идентитет), веќе сме прифатиле да размислуваме како ќе ни се преведувало и транскрибирало името на јазикот и веќе сме се помириле со географска одредница во името. Престанете, ве молам, со лагите за идентитетот и, кога веќе не' дотуркавте до „Северна Македонија“, кажете барем како планирате да ја спасите придавката „македонски“ за да може да продолжиме јазикот, народот, традицијата, уметноста, кујната, фолклорот и сите други сегменти на нашата култура да си ги нарекуваме македонски.
Сашо Кокаланов
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=180A1CB0AD037F4FBF125FC50143F95C
Стратегијата за името пред граѓаните
Вчера беше промовирана Предлог-државната стратегија за решавање на спорот за името, чиј автор е пратеникот Стојан Андов
Граѓаните мора да бидат вклучени во дебатата за процесот за решавање на проблемот со името со Грција бидејќи нивното вклучување само на референдумското изјаснување е симптом за недостаток на демократска свест. Ова беше речено на вчерашната промоција на Предлог-државната стратегија за решавање на спорот со Република Грција во врска со името на Република Македонија, чиј автор е пратеникот Стојан Андов.
Откако власта и опозицијата не успеаја да постигнат консензус за нејзино усвојување во Собранието, институтот Отворено општество „Македонија“ одлучи да ја публикува стратегијата и преку печатените медиуми да ја направи достапна до граѓаните.
Аналитичарот Мерсел Биљали вели дека главниот фокус во стратегијата е насочен кон решавање на проблемот со името, што претставува и наша обврска преземена пред меѓународните организации.
- Проблемот е политички и тешко е да се очекува дека ќе се реши со правни елементи. Тоа се бавни процедури, а прашање е дали воопшто ќе може да се докаже дека станува збор за грчко вето во Букурешт. Прашање е дали без провокации кон Грција со употреба на имиња од антиката од наша страна, таа ќе беше подготвена да не' поддржи за влез во НАТО со времената референца. Јас мислам да - рече Биљали.
Жарко Трајановски оцени дека граѓаните мора да се вклучат во дебатата за решавање на проблемот со името, но нагласи дека без да се постигне меѓусебно внатрешно разбирање тешко ќе може да бидеме релевантен фактор во преговорите.
Авторот на стратегијата, Стојан Андов, рече дека се работи за билатерален проблем со чие решавање Македонија дефинитивно ќе биде инкорпорирана во западниот свет и конечно ќе ги споделува неговите вредности. Според него, има многу емоции и сомневања во македонската и во грчката јавност во искрените намери за разрешување на спорот. Неговата конечна разврска ќе ги отстрани тие недоразбирања и ќе создаде атмосфера на соработка не само меѓу двете држави туку во целиот регион. Според Андов, заскитувањето во антиката е причина што ги натерала нашите искрени меѓународни пријатели да се посомневаат и да прашаат што навистина сакаме, оценувајќи дека сме дале добро алиби за грчките потези во Букурешт. Сега во НАТО има општ консензус дека Македонија треба да го реши проблемот пред да влезе во Алијансата, а не да го внесува во неа, што би значело можност за отворање стари рани и политики.
- Граѓаните мора да сфатат дека никој порано не ја продавал земјата, ниту некој од надвор ни сака зло, туку дека мораме да најдеме решение што нема да ги обновува нашите фрустрации. Само така ќе продолжиме по патот на напредокот и евроатлантските интеграции, затоа што нема друга алтернатива - рече Андов.
Стратегијата, според него, ќе остане замрзната во Собранието се' додека власта и опозицијата заедно не застанат зад неа. Ако тој процени дека на медијаторот Метју Нимиц му е потребна помош за одредена форма на притисок, подготвен е со мали модификации повторно да ја актуелизира.
Предраг Димитровски
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=62D8B7DE6B4D9E4D8AB5389B176912E4
Jas јас имам дома публикацијата с дели преку весници ме мрзеше да ја читам :tv:
Почна циркусот
На здравје бричење