Најсилниот нагон кај човекот е нагонот за самоодржување и одбрана на сопствениот физички интегритет и секој човек, веројатно на овој нагон му го должи сопственото преживување и преживувањето на сопствениот вид. Пред силата на овој нагон одстапува се друго, сите потреби, желби, посакувања. Сепак, за моќта на тој нагон има исклучоци. Самоубиството е тој исклучок. Самоубиството представува длабок, интимен и личен чин, но истовремено тој е општествена појава, бидејќи е последица на нарушени односи меѓу поединецот и општеството.
Светската здравствена организација тврди дека 2000 луѓе дневно си ги одземаат своите животи. Самоубиството како општествена појава представува еден од најсложените и најзагадочните феномени.
САМОУБИСТВОТО Е СЕКОГАШ ТРАЈНО РЕШЕНИЕ НА ПРИВРЕМЕН ПРОБЛЕМ
За многу луѓе кои се чувствуваат суицидно, им се чини дека не постои друг излез за нивните проблеми. Кога се обземени со суицидни чувства , нивниот свет може да се опише само со еден збор - смрт. Силите на нивните суицидни чувства не смее да се потценуваат, тие се вистинити, моќни и неодложни. За нив не постои волшебен лек. Кога лицето е депресивно, има тенденција работите да ги глледа од една сиромашна гледна точка. Една недела или еден месец подоцна, се околу него може да му изгледа пшоинаку. Повеќето од луѓето кои имале суицидни мисли, денес се среќни што се живи. Многумина од нив изјавиле дека не бил животот она што сакале да го прекинат, сакале само да исчезне душевната болка кој ја чувствуваат.
За луѓето со суицидални идеи, најважно е да разговараат со некого, не треба да се обидуваат сами да се справат со ситуацијата. Треба веднаш да побараат помош. Едноставниот разговор со членовите од семејството, со некој близок пријател или колега, може да придонесе до благо ослободување од тензијата која лицето ја чувствува. Меѓутоа, не секој човек може да разговара со членовите од семејството или со пријателите. Во случај кога лицето подолг период се чувствува депресивно или пак кај него долго време опстојуваат суицидни мисли, најдобро е да разговара со стручно лице - психијатар, психолог, психотерапевт, пред се поради фактот што постои можност личноста да страда од клиничка депресија. Тоа е здравствена состојба која е предизвикана од хемиски дисбаланс и обично се третира со лекарства и/или соодветна психотерапија.
Времето е важен фактор за надминување на она што се случува, но најважно е што се случува во тоа време.
САМОУБИСТВО И ОБИД ЗА САМОУБИСТВО
На сите им е јасна основната разлика: кај обидот за самоубиство лицето останува живо, но гледано од социолошки аспект, постојат чувствителни разлики кои тука ќе ги наведеме:
- Според полот, мажите почесто вршат самоубиство, а жените обиди за самоубиство.
- Според старосните граници , постарите лица почесто вршат обиди за самоубиство, а младите вршат самоубиства.
- Обидот за самоубиство е алармен сигнал и има улога на повик за помош , дури и кога не постоела свесна намера. Тоа е повик на околината на помош за решавањена сопствените проблеми на кои никој до тогаш не обрнал сериозно внимание. Тој повик често и доведува до промени .
- Начинот на извршување на самоубиство- самоубиството најчесто се извршува со бесење, труење, давење, употреба на огнено оружје или остри предмети, скок од височина, а обидот за самоубиство се извршува со неподобни средства, како на пример доза на седативи која остава простор за живот по успешната лекарска интервенција.
ЗНАЦИ НА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ
Самоубиството ретко е поттикнато од моментална одлука. Луѓето пред самоубиствениот чин даваат некои предупредувачки знаци, неколку дена пред самиот чин. Најсилни и највознемирувачки знаци се вербалните: „не можам да продолжам понатаму”, „ништо веќе не ми е важно”, „не ми се живее повеќе”, „најдобро да завршам со животов”. Ваквите изјави секогаш треба да се сфатат сериозно. Во повеќето случаи секако дека не се оддаваат на суицид, но колку повеќе знаци изразува лицето, толку поголем е ризикот.
Мотиви :
• Страдање поради огромна загуба или животна промена.
• Семејна историја на самоубиство или насилство.
• Сексуална или психичка злоупотреба.
• Смрт на член на семејството или многу близок пријател.
• Развод или разделба, прекин на врска.
• Слаба академска изведба, слаби резултати на значаен испит.
• Губење на работа и проблеми на работа.
• Несакана бременост.
• Започнување или завршување на затворска казна.
• Невозвратена љубов.
Однесување:
• Изразени промени во однесувањето, ставот или изгледот.
• Плачење.
• Расправање со блиските.
• Безобзирно однесување.
• Прекршување на законот.
• Импулсивност.
• Злоупотреба на дрога и алкохол.
• Самоповредување.
• Претходно суицидално однесување.
• Екстремно однесување.
• Одрекување од вредни позиции.
Телесни промени :
• Недостиг на енергија
• Пореметување во спиењето- премногу или премалку спиење.
• Губење на апетитот.
• Депресивност или повлеченост.
• Нагло здебелување или слабеење.
• Нагла промена во сексуалните потреби.
• Нагла промена на изгледот.
• Намален интерес за својот изглед.
Мисли и емоции:
• Мсли за самоубиство.
• Осаменост-недостиг на поддршка од семејството и пријателите.
• Чувство на одбивање и маргинализираност.
• Длабока тага или чувство на вина.
• Неспособност да се „погледне подалеку”.
• Фантазирање.
• Анксиозност (вознемиреност) и стрес.
• Беспомошност.
• Губење на самопочит.
Луѓето со суицидални мисли не сакаат совети, одговори и решенија. Се што им е потребно е сигурно и тивко место каде што ќе можат да ја изразат својата вознемиреност, стравови и едноставно да бидат свои. Најдобро што можеме да направиме е да ги сослушаме, да ги разбереме работите од нивна перспектива, но не да им судиме и да ги советуваме, туку само да им посветиме внимание, да почувствуваат дека имаат некој кој ги почитува и дека се грижи за нив.
Лицата кои го имаат овој проблем, обично одбиваат да се јават на психолог, психотерапевт или психијатар, а помошта за да се надмине ситуацијата е токму таму. Стручното лице секогаш знае да сослуша, без предрасуди, без обвинување и без советување (советувањето кај овие лица не помага). Психотерапевтот ќе му помогне на лицето со самоубиствени мисли да го разложи проблемот на помали делчиња, секогаш е полесно човекот да се справи дел по дел со проблемите отколку со сите наеднаш, на тој начин терапевтот ќе му предочи на лицето дека постојат повеќе начини, ќе му помогне да ги открие и истражи сите решенија кои би помогнале за да се решат неговите проблеми и дека самоубиството воопшто не е опција, самоубиството е трајно решение на привремените проблеми.
СТАТИСТИЧКИ ФАКТИ
Просечна стапка на самоубиства во различни земји во светот :
1. Унгарија 51,3
2. Австрија 45,2
3. Јапонија 45,0
4. Чешка 39,7
5. Словенија 39,6
6. Данска 36,2
7. Швајцарија 35,2
8. Финска 34,8
9. Шведска 32,1
10. Германија 30,6
11. Франција 30,6
12. Хрватска 30,1
13. Бугарија 29,2
14. Белгија 28,9
15. Англија 25,2
16. САД 24,3
17.СЦГ 17,6
18. БиХ 17,5
19. Норвешка 14,6
20. Холандија 14,0
21. Шпанија 12,6
22. Италија 12,2
23. Португалија 11,2
24. Ирска 6,1
- Во Република Македонија има под 10 самоубиства на 100.000 жители. Тука се наведени податоци за вкупниот број на самоубиства годишно во периодот од 1991 до 1997
1991 – 146 самоубиства
1992 – 144 самоубиства
1993 – 150 самоубиства
1994 – 128 самоубиства
1995 – 131 самоубиства
1996 – 146 самоубиства
1997 – 180 самоубиства
- Во однос на полот мажите почесто се убиваат во однос на жените. Во општата сведска популацијаодносот е 4:1, со исклучок на Јапонија каде самоубиство почесто извршуваат жените. Во Македонија скоро подеднаков е бројот на мажи и жени кои извршиле самоубиство.
- Во однос на брачната состојба , почесто самоубиства вршат немажени/неженети, но од оние кои се во брак, почесто се самоубиваат мажите, 67% : 33%
- Во однос на националната припадност во Република Македонија:
1. Македонци – 81,61%
2. Албанци - 5,98%
3. Турци 2,11%
4. Роми 1,53%
5. Власи 0, 26%
- Наведени мотиви за самоубиство во Р Македонија :
1. Ментални заболувања 22,72%
2. Соматски заболувања 9,61%
3. Семејни проблеми 16,61%
4. Несреќна љубов, несакана бременост 4,41%
5. Осаменост,отфрленост 4,49%
6. Материјални проблеми 3,79%
7. Неуспех во бизнис 3, 30%
8. Старост и немоќ 5,08%
9. Навредена чест 1, 91%
10. Страв од казна 0,99%
11. Непознато 27, 58%