Сонот на една младост
Родителите ни се такви какви што се.
Средината ни е таква каква што е.
Општеството ни е такво какво што е.
Но!!!Нашите сознанија, и покрај тоа што се од истата основа, носат и доста современост, како и сопственото претчуство за времето во кое ќе живееме.
Јасно согледаните пропусти треба да ги отстраниме и ништо да не прифатиме, но не и да се впуштиме во беспоштедна борба и робување на тоа што било и тоа што е денес.
Некои стекнале лоши навики затоа што не можеле да се ослободат од сопственото робување. Тие еднаш се нашле во таа беспоштедна борба и сега –не учат, пушат, пијат алкохол, се расправаат па дури и се дрогираат. Имале сопствено време, но, се впуштиле во невремето и стекнале лоши навики. Лошо за нов, но и за нас.
Тие што умееле, успеале да се задржат во сопственото време и да ги уживаат благодетите на сопствените личности, на средината, работата и природата.
Пишувам за доброто и злото и таа вечна, иконска борба што се води во самиот човек и надвор од него. Пишувам и истовремено сонувам. Сонувам дека во таа борба на доброто и злото, во секој човек ќе победи доброто. Таа борба се среќава насекаде, демнее, се притајува и повторно како лава од вулкан бликнува со сета сила... Во оваа вечна борба се добива и се губи, А, во мојот сон голема е вербата дека секогаш на крајот доброто мора... и ќе победи.
За да победи доброто човекот мора да биде вооружен со многу знаења и постојано учење. Учењето на човекот започнува во најраната детска возраст и трае се додека е жив. Знаењето го упатува човекот во сопственото создавање и оспособување за да го совлада искушението и да не падне под влијание на злото и темнината.
Ние сме во предност. Нашето време е сегашноста, изборот е пред нас, сега и тука, нашиот сон може да биде јаве. Максимално треба да го искористиме нашето време, а не невремето. Тоа е сигурно, бидејќи знаеме дека во него се влегува на ширум отворена врата, но, без излез, а можноста за враќање е сосема минимална и речиси секогаш со последици,
Затоа, да го живееме нашиот сон, сонот на секоја младост. Да не наседнуваме на сладостите со привремена сласт и измама. Не треба да го задоволиме сиот апетит со првото послужување. Треба да научиме да одложуваме, да ги забележиме својствата на поимите и содржините, да ги научиме и дознаеме сознанијата- знаење кое ќе може да „гарантираме“ со искуството и мудроста, па да го ползуваме дозираното во секое време и на секое место.
Да вградиме ред во нашите карактерни особености особености. Тој ред, доколку го негуваме, доколку продолжиме да го повторуваме, ќе прерасне во полезна навика, пат што секогаш ширум ќе се отвора пред нас и ќе нè води по рамнините и убавините, ќе ни се оствари нашиот сон. Без да се трошиме, околу нас сè ќе се разубавува и подобрува.
Средоточените мисли и делувањето на човечкиот ласер, кој кога е насочен кон позитивното, практично не знае за граници.
Зошто да се зборува, пред сè, за да не се слуша, да се слуша без да се разбере: така сè почнува во брзоплетото, вознемиреното општество.
Се разбира, секогаш не е така.
Она доброто, позитивното, светлата страна во секого од нас да надвладее. Да продолжиме така. Да го оствариме сонот на нашата младост.
Секогаш и секаде има место за сопствена слобода, живот и спокојство...Секогаш имаме место да го оствариме сонот на нашата младост...