Документарецов го очекувам уште кога беше објавен трејлеров, неколку месеци пред премиерата во декември '18-та.
Во центарот е животот на Alex Honnold, качувач, алпинист, кој е еден од првите кој излезе популарен надвор од таа релативно мала заедница. Поточно, овој документарец е фокусиран на едно негово качување на карпата Ел Капитан во националниот парк Јосемити во Калифорнија. Се работи за гранитен вертикален ѕид од околу 900 метри, кој Хонолд го качил без никакво обезбедување од наврски, клинови и слична алпинистичка опрема - еден погрешен потег значи смрт. Носи само вреќичка со магнезиум со себе и кондури за качување. Режисер на филмов е Elizabeth Chai Vasarhelyi, која е сопруга на уште еден познат алпинист - Jimmy Chin.
Инаку Алекс е прилично откачен тип, не само заради овој потег. Живее скоро како старогрчкине циници што живееле како кучиња и спиеле во буре, со тоа што тој си го има комбето во кое спие и патува до карпите каде се качува. Ако го гледате трејлерот, ќе добиете и suggestions за други видеа за тоа како ја организирале продукцијата, снимањето - го следеле колеги на дистанца кои со јажиња качувале паралелно и скоро да не можеле да му го следат темпото.
Самиот подвиг има многу критизери, затоа што е практично играње руски рулет. На самата качувачка рута, постојат таканаречени "проблеми", поточно потези со голем ризик, за кои е потребна огромна концентрација и изведување на сложени движења што гарантира голема тензија и испотени раце додека се гледа.
Многу ме интересира дали овде некој ќе се заинтересира да го прикаже во кино затоа што изобилува со неверојатни кадри. Веројатно ќе го емитуваат на каналот, ама финтата е ова да се гледа на големо платно.