1452 Во Винчи, кај Емполи, во Тоскана, е роден Леонардо да Винчи, познат италијански сликар, скулптор, архитект, пронаоѓач, научник и мислител. Тој е еден од најзначајните умови на ренесансата, соединувајќи го средновековното енциклопедиско знаење со егзактниот модерен метод на забележување. Тој наслика релативно мал број слики од кои најпознати се "Богородица во пештера", "Света Ана", "Тајната вечера" и "Мона Лиза", слика поради која стана медиумски јунак на модерното време. Да Винчи многу се интересираше за природните науки - физиката, астрономијата и хемијата. Умре во дворецот Кло кај Амбус, во Франција, на 2 мај 1519 година.
1764 Умре Жан Антоанет Поасон, маркиза од Пампадур, исклучително влијателна љубовница на францускиот крал Луј Четиринаесетти. Од 1754 година силно влијаеше на државната политика. Таа го натера францускиот крал да влезе во Седумгодишна војна во која Франција го изгуби колонијалното царство, но придонесе во развојот на француската култура, помагајќи им на енциклопедистите, филозофите и уметниците.
1765 Во Санкт Петербург умре Михаил Василевич Ломносов, руски научник, писател, академик и енциклопедист од светска класа. Значајни се неговите откритија од областа на физиката и хемијата. Тој го формулира законот за неуништивоста на материјата, ја објасни појавата на согорување и создаде научна теорија за светлината. Се занимаваше и со лингвистика и е создавач на првата руска граматика. Пишуваше драми ("Тамара и Селим", "Демофонт"), оди и беседи. Роден е во селото Мишанинско, на 19 ноември 1711 година.
1843 Роден е американскиот писател Хенри Џемјс. Пред крајот на животот, во 1915 година стана британски државјанин. Дела: романите “Родерик Хадсон“, „Американец“, „Дејзи Милер“, „Бостонци“, „Гулабови крилја“, „Амбасадори“.
1865 Умре американскиот државник Абрахам Линколн, ден после атентатот во вашингтонскиот театар „Ford Theatre“, каде што на него пукаше еден актер кој го потплатиле богати луѓе од јужниот дел на САД, приврзаници на поразените држави на Конфедерацијата во туку што завршената Американска граѓанска војна. Пред изборот за претседател на САД во 1860 година, Линколн беше земјоделец, дрвосечач, управник на пошта, адвокат и конгресмен.
1888 Умре англискиот писател и литературен критичар Метју Арнолд, значаен естетичар, професор на Оксфорд. Дела: збирка песни „Песни“, „Нови песни“, есеите „Клутура и анархија“, „Критички есеи“.
1912 На првото патување од Велика Британија во САД, најголемиот и најлуксузниот патнички брод „Титаник“ со голема брзина налета на леден брег во Атлантикот. Бродот потона за само два часа и 20 минути. Од 2.224 патници и членови на екипажот загинаа 1.523.
1923 Инсулинот, кој го откри канадскиот лекар фредерик Бантинг, им стана достапен на пациентите заболени од дотогаш неизлечливата шеќерна болест.
1931 Во Ќустендил умре Андон Тошев Стојанов, познат како Дончо Штипјанчето, македонски револуционер, курир на Гоце Делчев и приврзаник на Македонската револуционерна организација. Роден во во селото Ерџелија, Штипско, во 1867 година.
1945 Британските трупи во Втората светска војна го ослободија германскиот концентрационен логор Берген-Белзен.
1952 Њујоршката „Френклин банка“ стана прва банка која издаде кредитна картичка.
1968 Двата советски сателити „Космос 212“ и „Космос 213“, без човечки екипаж, се споија во орбитата околу Земјата.
1980 Умре францускиот филозоф и писател Жан Пол Сартр, еден од творците на филозофијата на егзистенцијализмот, кој во 1964 година ја одби Нобеловата награда за литература. Дела: филозофските списи: „Имагинарно“, „Егзистенцијализмот е хуманизам“, „Критика на дијалектичкиот ум“, романите „Мачнина“, „Патишта на слободите“, драмите „Нечисти раце“, „Зад затворени врати“.
1980 Во Охрид умре Ванчо Николески, македонски писател. Од 1950 година беше член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на прославената стихозбирка "Македонче", објавена во 1946 година, со која беа поставени темелите на современата македонска книжевност за деца. Познати негови дела се "Школско ѕвонче", "Крај огниште", "Прва радост" и "Чудотворен кавал". Роден е во селото Црвена Вода, Охридско, на 10 јуни 1912 година.
1989 При уривање на трибина на фудбалскиот стадион „Хилсбороу“ во англискиот град Шефилд загинаа 108 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Несреќата се случи бидејќи на веќе преполн стадион беа пуштени нови илјада навивачи.
1990 Во Њујорк умре Грета Гарбо (Грета Луиза Густафон), шведска актерка, една од најголемите легенди на Холивуд. Таа глумеше во филмовите „Бакнеж“, „Мата Хари“, „Ана Кристи“, „Кралицата Кристина“, „Дамата со камелии“, „Марија Валевска“ и други. Родена е во 1905 година.
1992 Во Скопје умре Александар Матковски, прв доктор на историски науки од Македонија и прв историчар ориенталист. Роден е во Крушево, на 30 мај 1922 година.
1992 Во касарните во Скопје, Битола, Штип и Охрид пристигнаа првите регрути од регуларниот состав на Армијата на Република Македонија.
1997 Во Скопје умре д-р Иван Пухан, еден од основачите на Правниот факултет во Скопје. Роден е во 1916 година.
2005 Во пожар кој изби во центарот на Париз во еден хотел за имигранти, животот го изгубија 24 лица меѓу кои десет деца, а беа повредени околу 50.