МЕНДУХ ТАЧИ ДОБИ ШЛАКАНИЦА ОД АЛБАНСКИТЕ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ ЗА ОДНЕСУВАЊЕТО НА АЛБАНЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Со минариња не се оди во Европа
Албанците секогаш ја негираат државата, дури и војуваа против неа. Тие џамии во селата во Македонија ми изгледаат како ирански ракети. Ако вие не можете да се искачите на повисоко културно ниво во социјалниот живот, да не правите дискриминација на жените, да изградите граѓанско општество, нема да можете да им се спротивставувате на Македонците. Со овие зборови албанскиот критичар Макс Вело му се обрати на лидерот на ДПА Мендух Тачи во дебатна емисија на ТВ КЛАН од Тирана
Цивилизациски шок доживеа лидерот на ДПА Мендух Тачи од неговите сонародници интелектуалци на дебатна емисија на албанската телевизија ТВ Клан. Во дискусија за Енциклопедијата на МАНУ, Тачи неочекувано доби шлаканица за однесувањето на албанските партии и Албанците во Македонија.
Непочитување на сопстевната држава, екстремен исламизам, ниско ниво на култура. Со вакви квалификации, неколкумина албански интелектуалци го нападнаа Тачи, кој и овој пат очекуваше политички да профитира преку медиумите во Тирана.
На оценката на Тачи дека Енциклопедијата на МАНУ е политичка провокација за Албанците од македонската Влада, учесниците во дебатата остро го нападнаа дека Албанците во Македонија се неблагодарни на државата во која живеат.
- Македонија е единствената држава на Балканот каде што има внатрешно неприфаќање. Албанците секогаш ја негираат државата, дури и војуваа против неа. Вие направивте војна во средината на Европа и се дигнавте со оружје против сопствената држава. Во заседа беа убиени македонски полицијаци, рече Макс Вело, албански писател - критичар.
Според него, застрашувачки е екстремниот исламизам кај албанските партии во Македонија и не е случајно што Тачи е на црната листа на САД.
- Тие џамии во селата во Македонија ми изгледаат како ирански ракети. Ако вие не можете да се искачите на повисоко културно ниво во социјалниот живот, да не правите дискриминација на жените, да изградите граѓанско општество, нема да можете да им се спротивставувате на Македонците. Со минариња не се оди во Европа. Мора да постигнеме повисоко културно и економско ниво, му се обрати Вело на Тачи.
Критичарот Фатос Лубоња, пак, посочи дека постојат две визии за Албанците на Балканот. Првата е за голема Албанија, што "ја имаат Тачи и политичарите во Македонија, со убедување дека дека Албанија треба да ги храни, истото што го прави Србија за Косово".
- Европа вели Косово ќе биде држава со шест ѕвезди, а Македонија нема да се подели и тука се раѓа спротивставеност. Дали ќе извлечеме една поука дека поделбата никаде не не води, само во војна и незадоволство. Затоа сметам дека е добро да се идентификувате како Македонец. Да живееш во Југославија, а потоа и во Македонија и да зборуваш и работиш против држава во која што живееш, тоа е голем културен недостаток.
Визијата на Балканот мора да биде европска визија бидејќи овие национлистички тези со секоја поставена граница се повеќе не осиромашува. Во Европа нема да влеземе само како Албанци, туку во пакет со Македонија и Србија, рече Лубоња. Лидерот на ДПА со кисела насмевка ја проследи целата дебата.