Вечерва започнува плејофот во македонското кошаркарско првенство. Со почеток во 19.30 часот, во салата “Градски парк“, во реприза на полуфиналето од Купот на Македонија минатата недела, ќе се сретнат Фершпед Работнички и Вардар Осигурување. Шампионот има предност од еден натпревар повеќе на домашен терен, во полуфиналната серија “подобар од пет“. Но, кошаркарите на Вардар Осигурување, во чии редови играат шест екс кошаркари на Фершпед Работнички, се во голема форма, откако успеаја да го детронизираат најтрофејниот македонски кошаркарски клуб.
- Оптимисти сме. Сите сме подготвени и се наоѓаме во одлична форма. Се надеваме дека ќе ја повториме играта од полуфиналниот натпревар за Купот на Македонија и вечерва ќе одиме на победа. – изјави еден од водечките играчи на Вардар Осигурување, Марјан Ѓуров.
Откако ја прекина серијата од девет последователни лигашки и Куп натптревари, Фершпед Работнички ќе ги концентрира своите сили на одбрана на шампионската титула.
- Вечерва ќе биде полесно, имаме предност од домашен терен, иако тоа не мора да биде решавачко. Вардар Осигурување е искусна екипа и знае да ги казни грешките. Максимално ќе се бориме да останеме непоразени дома. Мислам дека полуфиналната серија е финале пред финалето и се надевам на конечна победа во наша корист. - изјави тренерот на Фершпед работнички, Јорданчо Давитков. На вечерашниот натпревар тој има мали проблеми со сотавот. Поповиќ, Србиноски и Трајковски ќе бидат во тимот, но неизвесно е до колкава степен ќе успеат да им помогнат на своите соиграчи.
По непријатниот пораз во финалето на Купот, и казните поради инцинентите по неговото завршување, најуспешниот тим во Космофон Супер лигата, Струмица 2005, имаше тешка задача да се консолидира за неколку дена, бидејќи вечерва, со почеток во 19 часот, го пречекува Свисслион Пелистер. Струмичани го отпуштија тренерот Стратос Кукулекидис, а на вечерашниот натпревар на нивната клупа ќе биде Драган Јанков. Тие ја стартуваат полуфиналната серија со 1:0 во победи, поради трите триумфа во четирите лигашки натпревари против Битолчани во првите две натпреварувачки фази.
- Струмичани во моментов се доста растресени поради непријатниот пораз во финалето на Купот, кога веројатно веќе се гледаа себеси како победници. Сепак, јас им ја препуштам улогата на фаворити во вечерашниот натпревар. Тие се една мошне добра екипа. Но, ние добро ги познаваме, деновиве имавме добра подготовка, и се надевам на победа, која ќе го смени односот на силите во полуфиналето во наша корист. – вели тренерот на Свисслион Пелистер, Зоран Тодоровиќ.