Македонска поезија

  • Креатор на темата Креатор на темата OBDN
  • Време на започнување Време на започнување
Бегај! А накаде?
В час бесчасен
Ни оплакан, а ни спасен
Малку певлив, многу страден?

Бегај! А накаде?
По пат минат
В беспат винат
В денот краден.

Штом е така
Срце в рака
Со болни меса

Па... Пругоре
Полумртов и прегорен
Кон небеса.
 
Ацо Шопов

Денови

Како на вратот гердан
нишки каменја студени
така на плешки денови
легнале та натежале.

Денови ли се - денови
аргатски маки големи!

Стани си утро порано
дојди си вечер подоцна
наутро радост понеси
навечер тага донеси -

Ај, пуст да е, пуст да би
останал животот кучешки!

Роди се човек - роб биди
роди се човек - скот умри
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.
За туѓи бели двомо 'ргај си
за себе маки тргај си -
нижи си гердан денови
нижи си алки ковани,

Нижи си синџир железен
околу вратот наведен!

ГЛЕДАЧ ВО ПЕПЕЛТА
Изгасни песно во огнот што го запали сама.
Прска зборот и исчезнува во пепел од кремен.
Гледачу во пепелта, ја припозна ли во неа исконската драма
што доаѓа од дното на овој извор темен.
Песно, те откинав од клунот на птица што ми лета,
од црвеното небо на запалените вени,
од тие далноводи на два непомирливи света,
тие изгрејсонца со недогатнати мени.
Те откинав од гневот на иконите, тие неразбирливи гами,
од громот на копјето на воинот со камен што е сраснат,
од сонот на тие повисоки што се од сонот што ги мами,
и што се раѓаат пак откако еднаш згаснат.
Сега сме два света, два врага, две завојувани страни,
сега сме војна без излез и кама против кама
Кој е победен? Кој обедник? Кој со изгрев на осмислени рани?
Изгасни песно во огнот што го запали сама.

---------------------
ВО ТИШИНА
Ако носиш нешто неизречено,
Нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината само ќе го рече.
 
Камен: олабави малку и уживаj во поезиjата. Ако и да си асимилиран во Бугарин, jас да ти кажам: како македонска поезиjа и македонска песна - нема!


ЗАЛЕЗ

Румено. Румено. Румено

Како занесена песна
во синото море
на горите
тоне
залезот.

Од тревите до кавалот
од стадото до облакот
се' е буjно
запалено.

Од градите до песната
од чекорот до чешмата
се' е чудно
разгалено.

Стадо в кавал заљубено
sвоно в песна изгубено
око во божур
залудено.

Румено. Румено. Румено.


Матеjа Матевски
 
Ех, момко...
За каква асимилација ми говориш?
ја да видам дали знаеш стих'т на Кольо Вапцаров
"Родина". Давај...

А за таја поезија нешто да кажеш?:

Мpтов јазик
не ние, народот го одби јазикот
со години што го правевме
во името на власта и превласта
да се разликува простото од ученото
сочното од сувопарното
да биде непрескоклив јазот
меѓу дворот и рајата
меѓу зборот и животот

впрочем, и небеше неоправдано
на потчинетите да им се обраќаме
со јазик што не го разбират
јазик без 'рскавица
без срце, без папок1

сфатете, предупреди еден меѓу нас
кога народот ја претчувствува
мемлата во говорот, офтиката
несомнено насетува неслобода
осој, таму кајшто треба да припекува
слободата на зборот и мислата
сласта на грлото кога го испушта
гласот милозвучен

ништо подлабоко во човека не пробива од јазикот
во него е се она што по којзнае кој пат било
не само овде и не само во нас
се чини толку се отуѓивме едни од други
што се почна да не дели:
и идеологијата, и религијата, и книжевноста..
зошто, дека морничавевме
од уфрлање вулгарни изрази во беседите
- свечените, судбените, великодостојните
- додека се противевме на облаците
незауздана сладострасна и мекоплотна речитосто
нашиот јазик неодложно умираше
а нивниот се создаваше, рајскиот!
о, совршенство на разделбата
свршено е со нас!

ние не веруваме во новото
тие се исцелуваа од промената
нас не опфати очајот на вечноста
нив чудотворноста на живата реч

дури и не стигнавме
крајот да го соопштиме
на свој јазик.

Катица Кјулавкова
 
Ех, момко...
За каква асимилација ми говориш?

Za bugarska asimilacija, ne se pravi tutav!

Iako nemal takva kreatura kako tebe v predvid, velikiot Jovan Kotevski izgleda i tebe te opishal vo poemava: :-))


SИДАР

Приjателе, маjсторе, брате!
Наведни се, бакни jа земjата и огледаj се
во своjот живот мачен.
Годините те преселуваа
по скелињата како sидар,
сонцето те поздравуваше
со венец од плетена слама
и од виново гoдишно доба
ти процветуваше крвта во пламен,
но ти остана со оноj тежок здив,
со оноj длабок бакнеж од камен
што те притискаше до гроба.

(Jован Котевски, "Пеплосиjа", Скопjе, Мисла, 1966 година, c.41)
 
Eve ushte nekolku od Jovan Kotevski:


ЗАБОРАВЕНИ


На тие што заминаа со татко ми

Останете заборавени
со лавежот на кучињата,
со жолтите есенски шуми.
Останете нечекани
во ноќите пресушени,
задушени,
како што останува денот
на тревите попарени,
како звукот на секирата од дрварите
што носат рана,
останете во заборав, останете неми,
зошто несетно навева првата слана
и не сеќаваjте се за првата сета
во нашата длабока долина што цвета.
 
ВОДОЧА


(Песна за еден воjник на Цар Самоил)


По поразот, слепите воjници само што не пееjа:

"О Самоиле! да слеземе до изворите во Банско

да ги напоиме коњиве топла вода..."


Jас сум последниот од Водоча, со очи.
Од коњот, како од крилата птица,
моето тело го фрлиjа по друмjето.
Jа насетувам тежината на земjава, сега,
кога очиве свенуваат,
кругот на светлината се повеќе ми се притеснува
а крвта - како во матичен тек надоjдува,
наместо очи дава извори
како две загасити sвезди, од темнината, горат.
Отспроти,
последниот поглед ми се прикова за оштрицата
на мечот,
се припи за врвот од копjето
и изгасна,
како жарче во полноќно доба што гасне.
Телото нескладно ми се изви, се подаде во
лесен грч,
како шум на утока во матна река
и морничаво почувствував
спепа омраза - скротена во слепа сила
jа приковав во синsири
па кога зазвечиjа босите нозе по крастите
тргна напред - тргна назад
поворка слепа.
Душата го понесе товарот на телото.

Тогаш по ридиштата, како поцрнети церови
стебла
се рушеа луѓето
и некоj тежок замор од каменот
не гледаше со празни очи
како од маjчина утроба.
Со змиското бдеење ни се допреа
и како божем да прашуваа
што ни останува од животот?

- Еве ви земjа, куп земjа, стог земjа, опростување
- земjа

Но здивот наш се помеша
со еден благ потег на душата,
со едно тешко движење
скаменето ослободување на времето,

срце.

- Коj, зошто офка?

Jас сум последниот од Водоча, без очи
и го барам првиот и последниот збор на маjка ми
во еден празен бунар.
 
Камен, сакаш бан и од оваа тема, па да ми скисне и да бидеш баниран и од форумов?
Темава е „Македонска поезија“ и САКАМ ДА ЧИТАМ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК.
Значи - и македонска поезија и македонски јазик. Јасно?

Фала и пријатно.
 
КРАJ ЕЗЕРО СИНА ПЕСНА

Ти, сина поплаво,
доjди до моето рамо.

Ти, сина поплаво,
имаш сини прсти
полни со длабочини.

Доjди до моето рамо,
сина поплаво,
тука имам златни струни,
златни струни осамени.

Разнишаj ми златни струни
да се чуе надалеку
- од челото до чекорот,
од грлото до срцето.

Влада Урошевиќ
 
Гане Тодоровски - "Белите Боски На Боска"

"Сонет"

Можеби си спомен, нечујно што минал
Низ моите мечти, оставајќи трага?
Можеби си зборот јас што сум го скинал
Од усните свои, низ насмевка блага?

Можеби си сенка што во ноќта сина
Одмина без "збогум", недофатена, драга
Или: крик на страдник безгласно што зинал.
Или: лик на свидна, неплакана тага?

Остани за навек Моја, Една, Блиска.
Биди само име в занес што се блада,
Биди песна звучна што низ солзи плиска.

Остани за навек далечна и нема.
Биди вечен гост на срцето што страда,
Од кај не ќе може никој да те зема!!!
 
RESH XIX. SUN

Јавнат врз коњ златогрив
јурнав во времето понор
и крај дете клекнато сред года
се вратив ко сенка,
ко помисла на моментот од мојот постој.

По што мечтаеш малдо под месечев прстен,
реков скриен сред мигот на разбор,
дур го држев воздивот
пред страшен расуд за чинот што иде.

И рече: чекам на желба од призракот што вети,
Проколнат сум да видам прв, а последен да раскажувам
заколнат сум да се враќам од секој измин,
во кошмарен недоум сум дури пазам
за да не изгубам дом во вителот од демонски помин
зарем можев да се вљубам дури и душа со опстој до вечност,
а ветив да и раскажувам за силите што го ткаат патот.
Oх, сите тие не можат да истраат
кога ќе се збере здивот,
кога колку и да траам последен екот
ми бил гладот и плачев најкроток шепот.

Во ноќи кај се криел шумот од кој сеуште расне страв
дури разделбата е в милси јас сум млад,
а старец ќе станам кој ќе талка
не по гробови оти не постојат во тој простор,
туку јас сум сал време кое ќе помине
уште пред да почне овој злостор.

Дете покриј ги зениците потам
oна што ќе го видиш дури пак се вратам
ќе стори да проколнеш што си клекнал
и чекори бавно и барај кај се сум пекал,
но потака негде во чудна доба ќе бидеме збрани
А песниве славни ќе плачат кај задоните страни
и надеж имај оти сме и ќе бидеме
и верувај месецов таа ноќ пак ќе го видеме.
Оти ти си јас, а јас нема да знам никогаш што сум бил

Fr. Nemo
 
Тутуноберачите била од Блаже Конески, а Денови од Ацо Шопов! :facepalm: Да умрев вчера, немаше да го дознаам ова.
______________________________________________
НАШИНСКА

Да ни е да сме доста
колку да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине –

Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –

Да ни е да сме мерата
колку да се прелееме
од колено во колено до кај истрајвекот –

Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат

Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!

Гане Тодоровски
______________________________________________
НЕРЕЗИ

Во секој заглед: Занемена Големина!
Во сека мисла: Победа на невремето!
И одвет: Ваше сум Вчера!

Колку е малку нужно в очи да те збереме,
колку е многу нужно во дланките на самочувството
да те сочуваме.
Витосни векови време требало да се надживеат,
векови невекувани,
години неизгодинети,
денови неразденети.

Витосни векови време во костец со забравата,
и - пак те имаме!

Тука сме, речи ни: почесто елате тука
и узнавајте ја смислата
на своето постоење.
Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви,
така да истрајуваме,
така да се осмислиме,
така да убавееме.

Многузборлива немотијо, велиш ли:
и покрај се —
живееме, живееме, живееме.

Гане Тодоровски
 
Во чест на светскиот ден на поезијата, за чиешто одбележување прочитав денес тука, на Кајгана, ќе потсетам на некои песни од еден од мене омилените македонски поети, кој, за жал, прерано не' напушти - Игор Исаковски.


СЛУШАЈ:

време ми е: сакам да потечам
низ потокот; од времето да знам
дел сум – дробна искра,
нежна и тивка. како спуштен чекан.
слушај: горат круните на дрвјата,
додека камионите собираат
ѓубре. во ноќва, гледам Ескими
како внимателно газат врз мраз.
сонцето заканувачки им надира
кон очите. умни се Ескимите,
немој да се плашиш за нив.
гори сонцето на друг крај од
светов; слушај: овде мрзнат
крилјата на птиците малку пред
да полетаат. крцка од застоеност.
врз плочниците паѓаат сребрени
кованици; ситни монети кои времето
го бројат. како исфрлени од фонтана
на желби. слушај: на крстосницата
страда една душа, од две направена.
како две тркала на еден велосипед
кои постојано се следат но не се допираат.
никогаш онака како два носа
кои засекогаш разменуваат мириси.
пак ти кажав сè, на тебе што ме слушаш.


ЗНАЕШ

стари ми се дланките: полни лузни и брчки.
како кора од старо, прастаро, дрво... знаеш.
ги прекрстувам, како мисли, како некажани
зборови. тивко, ненаметливо. па, сепак,
моите дланки ти пишуваат. со гласноста
на сржта, без пресметки, без очекувања,
со силината на копнежот, со жарот од
посакувањето, и сигурно уште нешто
овде ненаброено, ти пишуваат моите
стари дланки, полни лузни и брчки.
дојди, ќе ти раскажам за километрите
преку грбот на змијата, дојди за низ
шепот да ти кажам добро е. дојди,
ќе ти покажам: те чувам.
низ моите брчки се прелеваат божилаци,
низ ненаспаните очи пливаат сништа
недокажани, недосонувани... : остави ме
да ме боли копнежот, тивок и подмолен.
па дојди да ме оживееш.


НИЕ СМЕ КРУГ, НЕВИДЕН, СКРИШЕН.

баровите во кои некогаш
се сокривавме од светот
сега не постојат во нашиот град;
работат на други места, со истите
имиња. не знаеме каква им е
послугата, каков е мебелот,
имаат ли доволно голема сенка
за нас. ние сме некогашни, сега
сменети како имињата на шанковите
на кои среде ноќ блеснувавме:
најведри комети кои овој
и сите други градови ги виделе.
понекогаш, ми го душкаше
вратот: се обидувавме да останеме
пристојни додека зјапав во твоите
очи и дел по дел те соблекував
во нашиот ум. дека и умот го споделувавме:
безгранично парче простор
во мала врела мансарда на врвот од некоја
градска кула; го замислувавме Хенк
Вилијамс, осамен и закашлан и полн
зборови додека Коен ја пее Tower
of Song. и ова сме го виделе, љубов.
сликата во која еден од нас одлебдува
кон непознатото, во тишина, секогаш
и одново ја бришеме; ни се бараат
душите и покрај сите промени.
мојата е стара: толку стара
што мириса на изгорено дрво
и одвеани спомени; почнува
да мириса на умор. (ни ваква
не мириса лошо)
шанкот на кој еднаш се потпиравме
сега е огревно дрво за зимата што иде,
за некоја мала печка во некоја мансарда;
парчето простор е безгранично.
 
Земја

Оваа земја по која чекорам сега
оваа земја пролетни ветрови што ја будат
оваа земјa не е моја земја
оваа земја, простете, е туѓа!

В зори тргнувам по фабричкиот друм.
Безброј кошули минат, се ројат.
Ние сме слеани со срце, со ум,
но земјава - не ја чуствувам за моја!

Над мојата земја напролет зраци сеат сјај
и грмат водопади од сонце над родниот ми крај.
Ѝ го чувствуваш срцето длабоко во земните гради
и гледаш како раснат безброј бели ради.

Над мојата земја до небо Пирин се крева,
Над Охрид синилото со просторот се слева,
Тврдината в бура илинденски песни пее,
а подолу уште, изгрејсонце Егејот го грее.

Сал ќе си спомнам и в нежност се топам
и в срце крв за миг ќе сјури
Моја земјо, моја прекрасна земјо!
Поена со крв и лулана в бури.

-Вапцаров
(мој скромен обид за адаптација на официјалната верзија)
 
Татковино моја, татковино нерадосна
татковино моја, распната
татковино моја, раскината
обезличена.
Татковино, нерадосна судбо,
Нерадосна судбо, на синови
Татковино на мрачни утра
и на крвави залези
и на долги беспомошни вечери
и ноќи на очекување –
остри врвови на властелинските ножови

Татковино моја, на беспомошни утрини.
Детство мое, стегнато во окови
окови како окови во партали
на мојата татковина.

Беше ден на едно раѓање
нов ден и ново раѓање
Стега во стега
железо во железо
партали во партали.
И без леб и без пристани во далечината
и срца стегнати во синџири
притиснати како река меѓу камени брегови
срцето на детето – и татковината.

Така се раѓаше нашето детство
со години, со векови, со векови
и замираа квечерината настаните
за да се родат
уште посвирепи, попакосни вампирите.

Замираше едно неизживеано детство
со морни утра и поморни вечери
Минуваат денови страдни и мачевни
Се нижеа ноќи во соништа и претчувства
И зовот на мајката
и стравот пред утрината
на гладот и безработицата
и оковите од партали и ропството
И зовот на мајката
За одмазда.

И запре безнадежната молитва на селанецот
пред нивата обесформена, испукана од сушата.
И запре плачот на мајката
и плачот на децата од улицата.
Престанаа да пиштат и офкаат пеленачињата
пред празната град на мајката.
Овој пат се подигнаа рачињата на дечињата
високо во небесината
се подигнаа рачињата на дечињата
за одмазда.

Нарипаа дечињата
Го запалија на мегданот валовецот и лозанките и борината
Нарипаа дечињата и викнаа:
Дајте ни ги соништата!
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom