Тутуноберачите била од Блаже Конески, а Денови од Ацо Шопов!

Да умрев вчера, немаше да го дознаам ова.
______________________________________________
НАШИНСКА
Да ни е да сме доста
колку да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине –
Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –
Да ни е да сме мерата
колку да се прелееме
од колено во колено до кај истрајвекот –
Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат
Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!
Гане Тодоровски
______________________________________________
НЕРЕЗИ
Во секој заглед: Занемена Големина!
Во сека мисла: Победа на невремето!
И одвет: Ваше сум Вчера!
Колку е малку нужно в очи да те збереме,
колку е многу нужно во дланките на самочувството
да те сочуваме.
Витосни векови време требало да се надживеат,
векови невекувани,
години неизгодинети,
денови неразденети.
Витосни векови време во костец со забравата,
и - пак те имаме!
Тука сме, речи ни: почесто елате тука
и узнавајте ја смислата
на своето постоење.
Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви,
така да истрајуваме,
така да се осмислиме,
така да убавееме.
Многузборлива немотијо, велиш ли:
и покрај се —
живееме, живееме, живееме.
Гане Тодоровски