Младински фудбалски селекции - професија или бизнис за селекторите?
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92510958105&id=19&prilog=0&setIzdanie=22092
Репрезентациите до 17, 19, дури и таа до 21 година станаа мека за ангажирање фудбалери со сомнителен квалитет, што веднаш ја натера чаршијата да озборува дека се врти илјадници евра вреден бизнис на родителите со селекторите
Дино Џаферовски (Вестфалија Викеде), Елмедин Махмуди (Грасхоперс), Харун Мустафа (Јанг бојс)... Ова се имињата на некои од младинските репрезентативци на Македонија во младинските селекции до 17 и до 19 години, кои доживуваат крах на сите полиња во сите натпреварувања. Селекторите на селекциите Менсур Јакупи и Драган Бочески цврсто стојат зад избраните состави, но резултатите не им се многу наклонети. Неделава што измина се случи еден од најголемите срамови во македонскиот фудбал - пораз на тимот до 17 години од аматерите од Луксембург, земја што е многу подолу на ФИФА ранг-листата од Македонија. Истата судбина се најавува и за селекцијата до 19 години, која се подготвува за претстојните квалификации.
Стручњаците одамна предупредуваа дека на македонскиот фудбал му се ближи лоша иднина поради очајната работа на младите категории во клубовите, но никој од ФФМ не реагираше навреме, напротив, во младинската комисија останаа истите луѓе со истите сфаќања. Резултат на оваа пасивност беа постојаните неуспеси чиј врв беше поразот од Луксембург во средата.
Иднината на македонскиот фудбал е во германски шестолигаш?!
Имињата на Џаферовски, Махмуди, Мустафа не се единствените што штрчат во изборот на селекторите, но повикувањето фудбалери од шестата германска лига или од австриски и швајцарски второлигаши и третолигаш и даде на чаршијата огромен мотив да почне да шпекулира дека постои огромен бизнис во повикувањето фудбалери во овие селекции. Така, се зборува дека за место во тимот родителите знаат добро да го одврзат кесето и да му понудат на селекторот и до неколку илјади евра, само за нивните деца да добијат повисока цена на интернационалниот пазар на фудбалери. Но ризикувајќи со овој тренд, се случи крах на младинскиот фудбал и огорченост кај вистински талентираните деца, кои сето ова многу тешко го преживуваат.
Така, никој не знае зошто во тимот до 19 години нема место за Александар Трајковски, фудбалер на Интер Запрешиќ, кој беше гостин на тест-дуел на младинците на Челси и даде гол за проаѓање во финалето на еден силен младински турнир, кој подоцна „сините“ и го освоија. Трајковски е дете на Цементарница, за него се најавува успешна иднина, но тој со само 18 години не е во тимот на Бочески. Слична е и приказната со неверојатно талентираниот Дарко Насевски.
УО на ФФМ доцна се свестува
Ваквите примери ги има во секоја категорија фудбалери, а родителите сé почесто реагираат дека нивните деца се условувани да настапуваат со пари или со договори дека при определен трансфер процент ќе земе селекторот. Но сето ова е речиси невозможно да се докаже, па оттаму и селекторите се лабави во тој поглед.Дури завчера конечно УО на ФФМ упати некакваси закана до сите во младинскиот фудбал, со тоа што ќе ја разгледа работата на Младинската комисија во ФФМ и настапите на младинските селекции во квалификациските циклуси.
Но ако во УО на ФФМ е вината што доцна реагираат, сигурно тие се и виновни што на младинските селектори не им понудија професионални договори, па тие се платени со по 150 евра од повик, што значи дека тие немаат никаква одговорност и слободно може да прават сé што ќе посакаат без никому да не поднесуваат никакви сметки. Особено што гледаат дека во соседството нивните колеги имаат десетпати поголеми плати, па сакаат да ја достигнат таа сума, но на незаконски начин.
Систематизацијата во ФФМ е таква што претседателот на младинската комисија е тој што ги именува и разрешува селекторите на сите категории, а од работата на моментно првиот човек Никола Поповски малку луѓе се задоволни. Многумина со прст ќе посочат во битолчанецот дека токму кај него лежи вината за оваа ситуација со нестручното поставување кадри на селекторските позиции без притоа никого да не консултира.
На тапет и селекторот на тимот до 21 година
Сите овие приказни и чаршиски озборувања не го оставаат настрана ниту Бобан Бабунски, тренерот на тимот до 21 година. Откако имаше очајни квалификации со само два освоени бода и пласман на последното место, на Бабунски му замерија дека и тој лесно влегол во шемата со повикување сомнителни фудбалери од западноевропски нисколигаши, кои тој ги оправдуваше како прв чекор во обновување на генерацијата до 21 година, од која по последниот циклус многумина веќе немаат право на настап.
Трагедијата од сето ова е тоа што никој од куќата на фудбалот не сака јавно да проговори за овој загрижувачки тренд на бизниси со младински фудбалери. Сите знаат и апелираат дека тоа што се случува во овој момент ќе остави трајни последици на сениорскиот тим за неколку години, но никој не е подготвен јавно да излезе и да соопшти за недоследностите. Фактот што секој секому му е нешто во македонскиот фудбал и што секој секому должи понекоја услуга, нé доведува до затворање очи при најголемиот фудбалски криминал - уништување на вистинските таленти на сметка на тие што можат да платат за статусот репрезентативец на Македонија.
УО: Резултатите на А-тимот под очекувањата
Фудбалската влада на својата завчерашна седница ги оцени резултатите на А-националниот тим под очекувањата. Ова е квалификацијата на луѓето од Управниот одбор за работата на Мирсад Јонуз по поразот од Словачка со 0-1 и ремито со Ерменија (2-2) во Скопје, но сепак тие купија уште малку време за луѓето кои работат со најдобрите фудбалери.
„Знаејќи ја сепак важноста на следните две квалификациски средби со Андора и со Русија, УО одлучи да им даде поддршка на стручниот штаб и на репрезентативците во пресрет на следните средби, по што на следната седница на УО ќе се донесе заклучок за настапот на националниот тим и работата на селекторот и стручниот штаб“, пишува меѓу другото во соопштението на веб-страницата на ФФМ.
Автор: Златко Крстевски
Podobro od ova kazano amin