Клуч!
Зошто ?
Марадона и Меси во април во Скопје
Како што беше случај и при гостувањето на Шпанија, Аргентинците без паричен надомест ќе гостуваат во Македонија
По европскиот првак Шпанија, македонските љубители на фудбалот повторно ќе имаат можност во живо да видат дел од светската фудбалска елита. Двократниот светски шампион Аргентина, најверојатно, во април, во терминот одреден од ФИФА за одигрување на пријателски натпревари, ќе гостува во Скопје. Големите фудбалски ѕвезди, како што се Лео Меси, кој вчера се закити со титулата најдобар европски фудбалер, потоа Карлос Тевес, Серхио Агуеро, Естебан Камбијасо, Хавиер Занети... ќе гостуваат на арената "Филип Втори Македонски". Селектор на Аргентинците е еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња, контроверзниот Диего Марадона.
Преговорите со Аргентинската фудбалска федерација се при крај и за неколку дена ќе биде познато дали нејзините репрезентативци во април ќе ги видиме во Скопје.
- Според мене, работата е 99 отсто завршена, па овие денови треба да стапам во контакт со луѓето од ФФМ. Како што беше случај и при гостувањето на Шпанија, репрезентацијата на Аргентина без паричен надомест ќе гостува во Скопје, а ФФМ ќе треба да го обезбеди авионскиот лет од Аргентина, како и сместувањето на репрезентативците. Аргентинците уште сега го подготвуваат календарот за одигрување натпревари за следната година. Ако се биде во ред, во април и нив ќе ги видиме во Скопје - вели нашинецот Марко Блажевски, кој работи за шпанската менаџерска агенција "Групо Сантос Идуб" и е посредник во преговорите за одигрување на овој натпревар.
Претседателот на ФФМ Хари Хаџи-Ристески потврди дека преговори за гостување на Аргентинците се водат подолго време.
- Опцијата да гостува Аргентина во Скопје е веќе подолго време присутна. Ако тие прифатат да дојдат бесплатно, ние со задоволство прифаќаме. Ќе се обидеме да направиме фудбалски спектакл како што беше мечот со Шпанија. Во тој случај, верувам дека до април и јужната трибина на "Филип Втори" ќе биде опремена со нов покрив, нови седишта и со посилно осветлување - изјави Хаџи-Ристески, кој, заедно со генералниот секретар Игор Климпер, од вчера е во Салцбург на презентација на вештачки терени, а ќе го проследат и мечот од Лига Европа помеѓу Ред бул и Лацио.
(Т.З.)
На Божиќ со Баскија
Во декември, кога, по традиција, се играат божиќните мечеви, постои опција нашата репрезентација да и гостува на шпанската провинција Баскија.
- Очекувам дека ФФМ за гостувањето ќе побара од 50 до 100 илјади евра. Ако биде така, и ако Баскијците прифатат, тогаш при крајот на декември пријателскиот меч би се одиграл или во Билбао или во Сан Себастијан - вели Блажевски, кој беше најзаслужен за гостувањето на Шпанија во Скопје.
Извор