Еве две од трите писма на Бетовен, никогаш неиспратени, пронајдени во неговите документи по неговата смрт, а адресирани до неговата "бесмртна љубов". Не се знае точно идентитетот на жената, но се смета дека веројатно се работи за Антонија Брентано од Виена, веќе мажена жена.
На бесмртната љубов
6 јули, наутро
Ангеле мој, мое се', суштество мое - само неколку збора денес, и тоа со молив(твојот) - само до утре е извесно моето живеење овде. Колку одвратно губење на време за такви работи - зошто е оваа длабока болка, каде што зборува неопходноста? Може ли нашата љубов да опстане, а тоа да не биде преку жртвување , без да ризикува и без да бара се'? Зар не можеш да го измениш тоа, тоа што не си целосно моја, што јас не сум целосно твој? О Боже, гледај ја прекрасната природа и усогласи го својот ум со неизбежното. Љубовта бара се' и апсолутно има право, и затоа ти мораш да бидеш со мене, а јас со тебе - само што ти толку брзо го забораваш тоа, што јас морам да живеам за тебе и за мене. Кога би биле сосем обединети, ти би го забележала тоа болно чувство барем колку и јас...
.... Извесно е дека набргу би морале да се сретнеме, зашто ни денес не можам да ти ги соопштам своите забележувања, што деновиве ги запишав за својот живот - кога нашите срца би биле блиски, веројатно не би ги забележувал таквите работи. Да бидам искрен, срцето ми е полно - во некои мигови сфаќам дека зборовите не значат ништо. Разведри се - остани мое вистинско и единствено богатство, мое се', како што сум ти и јас тебе. За другото мораме да ги почекаме боговите, зашто тоа што мора да биде а нас, ќе биде.
Твојот верен
Лудвиг
Добро утро
7 јули
Дури и в кревет, моите мисли копнеат по тебе, бесмртна моја љубена, некогаш радосна, потоа пак тажна... Ја очекувам судбината, да видам дали ќе не' задоволи. Единствено можам да живеам со тебе или воопшто да не живеам. Да, решен сум да скитам, толку долго и толку далеку, се додека на смогнам да долетам во твојата прегратка и да се најдам дома со тебе, каде што твојата душа ќе ја прегрне мојата, во кралството на душите - да, жалам, мора да биде така. Ќе го сфатиш тоа подобро кога ќе знаеш колку сум ти верен. никогаш ниедна друга нема да го има моето срце, никогаш - никогаш. О Боже, зошто човек мора да си оди од таа што толку ја сака, зашто мојот живот во Б. каков што е сега е беден живот. Твојата љубов во ист миг ме прави најсреќен и најнесреќен човек на светот. На моја возраст, потребна ми е постојаност, идентичност на животот. Може ли да постои тоа во нашите околности? Ангеле, штотуку слушнав дека поштата се праќа секој ден - па затоа морам веднаш да завршам, за да го добиеш писмово веднаш. Биди во мир - сакај ме... денес... и вчера.
Моите солзи се полни копнеж по тебе, животе мој, мое се', збогум...
О, продолжи да ме сакаш и никогаш не сомневај се во најверното срце.
На твојот сакан Л
Засекогаш твој,
Засекогаш свој,
Засекогаш наш.