Направен и истрасиран пат до српските војни гробишта на Кајмакчалан, со тоа министерот за одбрана
Владо Бучковски денеска се пофали пред амбасадорката на Србија и Црна Гора Бисерка Матиќ.
Патот е дело на инжинериската бригада на АРМ,
треба да помогне во оживувањето и зачувувањето на тој комплекс, каде во Првата Светска војна имало битка важна за српската историја.
Со овој потег треба да се покаже и грижата и вниманието на македонските власти кон српските споменици на македонска територија, договорено при последната посета на српско црногорскиот претседател Светозар Маровиќ.
„На тој начин да покажеме дека минатото може да не обединува“, изјави Владо Бучковски. Ова е добар потег за поголемо зближување на двата народа, смета амбасадорката Матиќ, која на прашањето за македонскиот Илинден во манастирот Прохор Пчински одговара дека српските власти се залагаат секое одбележување на значаен историски датум, како Илинден, да се прославува онаму каде што е одржано.
„Сеуште има надеж, јас не сум овластена тука ниту да гаснам, ниту да будам претерана надеж на некого“, изјави амбасадорката на Србија и Црна Гора Бисерка Матиќ.
И додека прошетката на Кајмакчалан не можеше секој да ја проследи и да ја види, сличниот споменик, Зебрњак можеше да се посети без државничко друштво.
Зебрњак е еден од трите споменици од српската историја, за кои македонската Влада потпиша меморандум со кој требаше да се грижи за нив. Тоа требаше да се случи пред втори август оваа година.
До Зебрњак нема добар пат, нема патоказ, мора да најдете локален жител за да дојдете до споменикот. Иако беше соопштено дека тука се преземени реконструктивни зафати, на Зебрњак ве дочекува ветрот и убавиот пејзаж. Нема чувар, вратата е отворена, внатре има графити, гнезда на неколку ластовички и уште една отворена врата.
Тука се наоѓа незаштитената костурница, наредени коски од загинатите српски војници, студентите по медицина оттука склопувале скелети за часови по анатомија. Жителите на Младо Нагоричане велат дека никој не се грижи за него, освен кога се прославува денот на кумановската битка.
„Тука никој не се грижи, освен кумот кој доаѓа од година во година и кога се слави денот на Кумановската битка“, изјави еден жител.
Министерот Бучковски на собраниска комисија се пријави како доброволец за Илинденска посета на Прохор Пчински, но доколку надежта на српските власти повторно биде послаба од инаетот на српските попови, централната свеченост на Втори август ќе се одржи во Пелинце.
Таму се завршуваат последните подготовки, се прави паркче, се довршува мозаикот на веќе завршениот меморијален центар, а внатре е направена копија на собата од манастирот Прохор Пчински каде е одржано заседанието на АСНОМ.
http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=35414