Американскиот рок-бенд KISS ќе сними албум по десетгодишна пауза од последното издание Psycho Circus од 1998. - Сакаме да направиме винтиџ албум, кој ќе биде класичен материјал посветен на музиката што ја правевме во 70-тите години. Едноставно, ќе им се вратиме на корените, не размислувајќи за тоа што ќе следува - вели пејачот и гитарист Пол Стенли, кој ќе го продуцира албумот. Во едно неодамнешно интервју и другите членови на бендот го потврдија враќањето во студио. Во последните години, басистон Џин Симонс беше најгласен во врска со неговиот недостиг од ентузијазам за снимање нов албум, поради лошата состојба во музичкиот бизнис. - Издавачката индустрија е во тотален хаос. Ниту еден дел од мене не сака да се врати таму и да снима нова музика, зашто не гледам поента во тоа да се вложи труд во нешто што на крајот ќе биде бесплатно. Се уште не се знае како KISS ќе го дистрибуираат албумот, но најважно е тоа што Пол Стенли, Џин Симонс, Томи Тајер и Ерик Сингер здружено ќе учествуваат на материјалот. Гитаристот Ејс Фрелеј и тапанарот Питер Крис беа дел од претходниот албум, но подоцна беа заменети со Сингер и со Тајер. По својата европска турнеја со која ја прослави 35-годишнината од формирањето, KISS во 2009 ќе одржи концерти и во Северна Америка.
ПреВземено од Дневник, Четврток, 8 јануари 2009, стр. 16
