Клубот Кастро го најавува второто издание на Reggae-Punk-Ska фестивалот. На 15.10. (четврток) ќе настапат грчкиот музички состав Plus Dots од Атина и домашните Fighting Windmills од Скопје. Настанот ќе започне во 21 часот, а цената на картата е 150 денари.
Plus Dots доаѓаат од Атина (Грција) и свират мешавина на хардкор/панк со реге и нијанси на ска. Нивната музика се состои од масивен бас, тапани, гитара и моќна дувачка секција (два саксофони и труба). Во 2007. година го издаваат своето прво издание насловено "Give Me One Kickstart Beat For Breakfast" за независниот грчки лејбл Feedback Sound. ЕП-то се состои од шест ска/панк нумери и еден даб ремикс. Изданието наидува на одличен прием кај публиката, но и кај критиката што резултира со еден куп концерти низ Грција. Сцената ја делат со имиња како A Wilhelm Scream, Dub Trio, No Use For A Name, Neville Staple и многу други. Во 2009. година го подготвуваат својот прв албум и се подготвуваат за свирки низ Европа. Оваа година настапија на Mighty Sounds Festival во Чешка заедно со The Buzzcocks, Jaya The Cat и Voodoo Glow Skulls. Тие велат: Отворете ги ушите и немојте да ги пропуштите доколку свират во вашиот град. Plus Dots се: Nikos (вокал), Chris (гитара и вокал), Mitch (тапани и вокал), John (бас), Mihalis (саксофон), Miques (саксофон), Nikitas (труба и вокал) и Ms. G (саунд инженер).
Fighting Windmills е бенд од Скопје, Македонија. Свират чудна комбинација на инди/ска/хард-кор/пост-рок, пронижано со балкански виолина и труба, и опеано од машко/женски вокали. По низа промени на поставата денеска настапуваат во следниот состав: Booka (гитара и вокал), BumBar (бас), Ена (виолина и вокал), Никола (труба) и Мартин (тапани). Својот прв настап го забележуваат во есента 2007. година, а од тогаш следуваат низа концерти, меѓу кои и настапите со The Toasters и Elvis Jackson, како и оној на фестивалот Exit во летото 2008. Истата година го издаваат и албумот “Аграрни реформи и варијации на тема” за Lithium Records. Албумот е промовиран на Таксират 10, на свирка на која настапија со легендарниот Рамбо Амадеус.