„Бројот на ноќните линии на градските автобуси во најскоро време ќе се зголеми, а со тоа ќе се зголеми и цената на билетите за ноќно возење“, најави денеска директорот на ЈСП, Мишо Николов.
Билетите од полноќ до шест часот наутро, наместо 30 денари ќе чинат 40 денари, а во овој период нема да важат ниту слободните карти и билетите за повеќе возења.
Ноќните билети ќе можат да се купуваат кај возачот и во билетарниците на ЈСП.
Досегашните шест ноќни линии „2“, „41“, „50“, „7“, „5“ и „57“ ќе се засилат со уште две линии „22“ и „65В“, со што според Николов ќе се покријат сите главни коридори во градот.
Автобусите ќе бидат зачестени и ќе сообраќаат на секој час. Николов рече дека ноќните линии се воведуваат поради големиот број барања што пристигнаа од граѓаните, особено по промените што се воведоа во такси превозот, со зголемување на цената и со отстранувањето на дивите таксисти.
„За да им излеземе в пресрет на тоа барање, покрај линиите коишто возеа досега воведуваме и две нови 22 и 65в со што ги покриваме сите главни коридори низ Скопје. Ноќно време ќе поминуваме повеќе од 5 500 километри, а бидејќи работењето ноќе бара исплата на ноќен труд за вработените, нашиот предлог е воведување на ноќен билет кој би чинел 40 денари“ - објасни Николов
На иницијативата од советничката група на ЛДП за воведување бесплатен автобуски превоз за студентите, директорот рече дека претпријатието со оваа мерка би било во загуба од околу 55 милиони денари. Градот во моментов не е во можност да ги покрие трошоците за превозот на студентите, бидејќи веќе го субвенционира претпријатието за бесплатен превоз на возрасните лица во деновите вторник и петок.