Pandev- 9: The Macedonian was unfazed in his first Milanese derby and served Milito with a pinpoint ball over the top for the opening goal. By doubling Inter’s lead with a wonderful free kick, he then handed power back to the Nerazzurri just as they were starting to look troubled.
Гранде Пандев ја потресе Италија
Најдобриот македонски фудбалер постигна гол, асистира при погодокот на Милито и беше најдобар на теренот во победата на Интер со 2-0 против Милан, во големото градско дерби
Најдобриот македонски фудбалер, Горан Пандев, постигна гол, асистира при погодокот на Милито и беше најдобар на теренот во победата на Интер со 2-0 против Милан, во големото градско дерби што го одбележа 21. коло во италијанската Серија А. Пандев даде прекрасен погодок од слободен удар, заверувајќи ја победата на Интер за голема радост на „Џузепе Меаца“. Македонецот беше избран за најдобар на теренот во гласањето на навивачите, а истиот епитет го доби и според повеќе европски весници и интернет-страници.
Маестралното ремек-дело Пандев го направи во 65 минута, кога од околу 22-23 метри шутираше точно над главата на Роналдињу, единствениот од живиот зид што не скокна при ударот. Топката го надлета ѕидот, а голманот Нелсон Дида, немаше време да реагира на прецизниот удар. За Пандев ова беше првиот изведен слободен удар во четвртиот меч во Интер. Весли Снајдер кој е задолжен за ваквите удари во Интер, доби црвен картон во 26 минута и Пандев беше единствениот кој можеше да шутира од позицијата наменета за играч кој игра со левата нога.
- Немам постигнато многу голови од слободен удар, како Весли Снајдер. Дали ги слушам советите на Снајдер? Можам само да учам од него. Тој е многу важен за нашиот тим, а не само за изведување на слободните удари - рече Пандев по мечот, на кој покрај голот и асистенцијата, еднаш ја погоди и стативата.
ГОРАН БРИЛЈИРА ВО ИНТЕР
За нецел месец откако е дојден во Интер, Пандев одлично се покажа во дресот на актуелниот првак. Во четири меча засега има постигнато два гола, има две асистенции, а над него беше направен и еден пенал.
- Никогаш не ни помислував дека мојата авантура во Интер ќе почне вака добро - додава Пандев, кој во 10 минута му асистираше на Милито при првиот погодок.
Втор меч по ред Пандев погодува за Интер и го добива епитетот најдобар на теренот. Пандев прослави соблекувајќи го дресот за што доби и жолт картон.
- Ова е голема радост. Постигнав важен гол за екипата. Ја потврдивме нашата сила. Ова беше гол важен за сите. Требаше порано да дадам гол, но ја погодив стативата. Тогаш немав среќа. Судијата ми даде жолт картон и ме предупреди бидејќи по голот го соблеков дресот. Не можев да се воздржам при прославата. Мислам дека заслужено победивме - вели Пандев, кој веднаш по постигнувањето на голот беше изваден од игра, а за неговата игра доби аплауз и овации од речиси 80.000 гледачи на стадионот.
На стадионот се развиори и едно големо македонско знаме кое неколкупати беше и во фокусот на ТВ-преносот додека домашните навивачи го славеа триумфот над лутиот ривал, на преполната „Џузепе Меаца“.
Пандев кој претходно пет и пол сезони настапуваше во Лацио влезе во листата на ретките играчи, кои дал гол на двата најголеми градски дуели во Италија. Лани Пандев погоди за Лацио во победата над градскиот ривал Рома, а сега го реши победникот и во вкупно 201. миланско дерби. Пандев на колена ги остави ѕвездите на Милан од типот на Роналдињу, Бекам, Пирло, а Дида кој беше репрезентативен голман на Бразил, капитулираше и ја вадеше топката од мрежата по шутот на Пандев.
МУРИЊУ ИНСИСТИРАЛ ПАНДЕВ ДА ШУТИРА
Тренерот на Интер, Жосе Мурињу, вели дека малку недостигало Пандев да не може да ги покаже своите способности од слободниот удар. Мурињу кој во 66 минута, го извади Македонецот, вели дека сакал да го извади напаѓачот неколку минути порано, но инстинктивно решил да го задржи на теренот. Затоа и од клупата инсистирал токму Пандев да го изведе слободниот удар, а напаѓачот за довербата му врати со прекрасен гол.
- Планирав да го извадам Горан порано од игра. Сепак нешто во мене ми рече да го оставам да поигра уште неколку минути. Понекогаш е добро да се биде среќен тренер. Фудбалот е игра во која е потребна и среќа. Ние сме среќни што го имаме Пандев, а во нашите редови имаме уште неколку одлични играчи - вели Мурињу, за одлуката Пандев да биде повлечен веднаш по постигнувањето на голот.
Мурињу ја продолжи неверојатната серија од 128 меча без пораз на домашен терен во првенствените дуели. Мурињу кој беше тренер на Порто, Челси и сега на Интер, има само еден пораз во својата тренерска кариера на домашен терен.
Интер речиси 65 минути играше со играч помалку поради исклучениот Снајдер, а во 90 минута исклучен беше и Лусиу, па „нераѕурите“ завршија со 9 играчи. Доминацијата на Интер беше крунисана со одбраната на голманот Цесар кој го скроти ударот на Роналдињу од пенал. Мурињу вели дека Интер бил толку силен што и да останел со 7 играчи, ќе победел.
- Овој меч можевме да го загубиме само доколку останевме со шест играчи на теренот, затоа што и со седум играчи сигурен сум дека ќе победевме. Ова беше перфектен меч за нас. Игравме без грешка во секој поглед. Целиот тим дејствуваше фантастично. Милан се бореше, но ние ја одигравме нашата игра и заслужено победивме. Ова е голем триумф за нас, но шампионатот не е завршен - рече Мурињу.
Дербито зеде и една жртва откако на трибината почина еден 51-годишен маж. Несреќниот човек починал од срцев удар.
http://a1.com.mk/vesti/sport.asp?VestID=119060-ЕВЕ ГО ГОЛОТ И РЕАКЦИЈАТА НА МУРИЊО