2015 МЕКСИКО ГП: НИКО РОЗБЕРГ ДО 4-ТАТА ПОСЛЕДОВАТЕЛНА ПОЛ ПОЗИЦИЈА

Нико Розберг ја забележа својата четврта последователна Пол позиција во 2015 сезоната на квалификациите за Големата Награда на Мексико. Германецот го победи својот тимски колега за 0.188 секунди и возачот на Ферари, Себастијан Ветел на третата позиција за 0.370 секунди.
На патеката на која потисната сила е минимална поради реткиот воздух, грипот минимален, а максималните брзини над 350 км/ч, најдобро се снајде Розберг кој ја искористи моќта на Мерцедес ПЕ. Неговиот тимски колега направи минимални грешки во најважните моменти кога се решаваше пласманот на првта стартна позиција, па така мораше да се задоволи со старт од втората позиција.
Себастијан Ветел не успеа да ги искористи овие грешки, иако според неговите зборови, го извадил максимумот од својот болид и себе си, но тоа денес не беше доволно да се победат Сребрените стрели. Кими Раиконен и неговите инженери изгледа не научиле ништо од тренинг сесиите, па успеаа да ги прегреат сопирачките на неговиот болид, што доведе до негов предвремен крај на квалификациите во Q2 сесијата. Дополнителната казна од 10 стартни позиции, го става Финецот во незавидна положба на утрешната трка. Тој ќе стартува од 18-тото место на гридот.
Болидите на Ред Бул ќе стартуваат еден позади друг, Данил Квјат од 4-тата т.е. Даниел Рикиардо од 5-тата позиција, но се очекуваше многу поголема борба од нивна страна по јаките перформанси на тренинг сесиите. Денес не ја пренесоа таа форма и имаа заостанување од речиси една секунда зад најбрзото време. Следуваат болидите на Вилијамс, тим кој како што одминува сезоната се повеќе и повеќе паѓа надолу во поредокот, наместо да напредува. Повторно Валтери Ботас беше подобар од својот тимски колега, Фелипе Маса.
Макс Ферстапен со секое ново појавување на патеката ги покажува своите квалитети и беше единствениот возач на Торо Росо во Топ 10 пласманот. Се најавува голема борба помеѓу Мерцедес АМГ и Ферари за да го доведат во своите редови. Серџо Перез, миленикот на домашната публика и Нико Хулкенберг го комплетираа топ 10 пласманот.
Надвор од најбрзите десет останаа болидите на Лотус, кои не успеаа да ја искористат моќта на Мерцедес ПЕ, а истото нешто може да се каже и за болидите на Заубер со Ферари ПЕ. Повторно разочарување за фановите на Мекларен, чии возачи ќе стартуваат од последниот стартен ред. Џенсон Батон не успеа да ги започне квалификациите поради проблемите со неговата Хонда ПЕ на тренинг сесијата, додека Фернандо Алонсо не успеа да ја помине нити Q1 сесијата.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА МЕКСИКО
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:19.480
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:19.668 + 0.188
3. Себастијан Ветел Ферари 1:19.850 + 0.370
4. Данил Квјат Ред Бул 1:20.398 + 0.918
5. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:20.399 + 0.919
6. Валтери Ботас Вилијамс 1:20.448 + 0.968
7. Фелипе Маса Вилијамс 1:20.567 + 1.087
8. Макс Ферстапен Торо Росо 1:20.710 + 1.230
9. Серџо Перез Форс Индија 1:20.716 + 1.236
10. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:20.788 + 1.308
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:19.829
11. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:20.942 + 1.462
12. Роман Грожан Лотус 1:21.038 + 1.558
13. Пастор Малдонадо Лотус 1:21.261 + 1.781
14. Маркус Ериксон Заубер 1:21.544 + 2.064
15. Кими Раиконен Ферари 1:22.494 + 3.014
Q1 Најбрзо време: Нико Розберг 1:20.436
16. Фернандо Алонсо Мекларен 1:21.779 + 2.299
17. Фелипе Наср Заубер 1:21.788 + 2.308
18. Александар Роси Манор 1:24.136 + 4.656
19. Вил Стивенс Манор 1:24.386 + 4.906
20. Џенсон Батон Мекларен не учествуваше
107% време: 1:26.070