2015 САД ГП: ЛУИС ХАМИЛТОН СО ПОБЕДА ЈА ЗАВЕРИ 3-ТАТА ШАМПИОНСКА ТИТУЛА

Луис Хамилтон ја осигура својата Трета Шампионска Титула во Формула 1 Шампионатот со Победата на Големата Награда на САД, на која Нико Розберг стигна до второто место пред Ферарито на Себастијан Ветел.
Со оваа Победа, 10-та во 2015 сезоната, Британецот собра 327 поени во шампионатот, 76 поени пред најблискиот ривал Себастијан Ветел. Со максимум 75 поени во последните три трки, Хамилтон не може да биде претекнат во генералниот пласман. Хамилтон се приклучува на листата на трикратни Шампиони која ги вклучува Џек Бребем, Сер Џеки Стјуарт, Ники Лауда, Нелсон Пике и Аиртон Сена.
Луис Хамилотн од втората стартна позиција успеа да има подобар старт од својот тимски колега на пол позицијата. Во првиот свиок влегоа изедначени со тоа што Британецот ја имаше внатрешната линија и како по обичај тој го принуди Розберг да влезе широко, следуваше допир и излетување надвор од патеката за Германецот, што за него значеше пад до петтото место.
Целата ситуација најдобро ја искористија болидите на Ред Бул, кои во тие почетни моменти на трката успеваа да им парираат на Сребрените стрели, покажувајќи дека недостатокот на моќ во ПЕ на Рено им е голем проблем. Доколку имаат компетитивна ПЕ сигурно ќе гледавме екстра борба за врвните позиции, вака се тоа траеше додека интермедиа гумите и влажната патека ја неутрализираа предноста на Мерцедес АМГ.
Во првиот свиок имавме и контакт помеѓу Фелипе Маса и Фернандо Алонсо, создавајќи хаос од болиди кои кружеа на сите страни од патеката за да ги избегнат. Тоа најдобро го искористија болидите на Ферари, кои речиси веднаш ја неутрализираа нивната казна од 10 стартни места, Ветел се најде на 7-мо, Кими на 10-тото место, напредувајќи за осум места. Добар старт имаше и Карлос Саинц ЈР. кој од последната стартна позиција стигна до 11-тото место.
За време на вториот круг, при влез во првиот свиок, Фелипе Наср и Маркус Ериксон на 400-тата трка за Заубер решија да играат остро помеѓу себе, па Бразилецот заврши без поголемиот дел од предното крило, а неговиот тимски колега со дупната гума. Остатоците од тој инцидент неколку круга подоцна доведоа до воведување на виртуелното безбедносно возило.
По рестартот на трката, Хамилтон успеа да го задрши водечкото место, а виртуелното безбедносно возило му овозможи на Розберг брзо да ги претекне болидите на Ред Бул. Во текот на следните неколку круга, додека измине времето за замена на интермедиа гумите следеше вистинска борба помеѓу водечкиот квартет, борба каква посакува секој од Ф1 фановите.
Даниел Рикиардо се снајде најдобро во таа ситуација и покажа дека е извонреден возач кога во 15-от круг успеа да го преземе водството од Хамилтон, претходно поминувајќи го и Нико Розберг.
Нанижа две претекнувања на Мерцедес АМГ болиди, нешто што на повеќето возачи ретко им успева и низ целата сезона. Прв во бокс за промена на гуми беше Хамилтон при 18-от круг, кога на неговиот болид се монтираа меките гуми на Пирели. По излегување на патеката и 4-тото место Мерцедесот беше како препороден и ја демонстрираше својата вистинска моќ претекнувајќи ги со леснотија болидите на Ред Бул. Сребрените стрели набрзо се позиционираа на првите две места, кои ги држеа во поголемиот дел од целата досегашна 2015 сезона. Поредокот беше Нико Розберг пред Луис Хамилтон.
Во 28 круг следуваше ново излегување на безбедносното возило кога Зауберот на Ериксон застана на патеката по излезот од 11 свиок. Во таа фаза предноста на Розберг од 10.6 секунди пред својот тимски колега беше неутрализирана. Сите возачи на водечките позиции се решија за промена на своите гуми. Розберг, Хамилтон, Рикардо, Квјат повторно на меки, додека во тој момент 5-то пласираниот Себастијан Ветел со Ферари се реши за медиум компонентата на Пирели, во обид да се финишира трката без друго застанување за промена на гуми.
Рестартот на трката беше по пет круга, а Германецот ги искорити медиум гумите за брзо поминување на Квјат и Рикиардо за да дојде до третото место. Потоа следуваше уште еден инцидент во 37-от круг, кога Нико Хулкенберг со Форс Индија во обид да дојде на 5-то место удри силно во страничниот дел од болидот на Рикиардо, што доведе до ново виртуелно безбедносно возило, но и крај на трката за болидот на Форс Индија.
Бидејќи Розберг имаше предност, влезе во боксот за последната промена на своите гуми, а Хамилтон остана на патеката. Ова изгледаше како добитна комбиннација за Нико Розберг и продолжување на незивесноста во Шампионатот, бидејќи се очекуваше тој и Себастијан Ветел да завршат пред Британецот.
Но, така не мислеше Дањил Квјат, кој направи почетничка грешка, излегувајќи на тревнатата површина покрај патеката. Кога таа е влажна, а вие имате слик гуми тоа значи само едно, губење целосна контрола врз болидот. Тоа беше случај и со младиот Русин, кој го уништи предниот дел од болидот завршувајќи во бариерите покрај патеката.
Следуваше ново безбедносно возило, што беше добредојдено за Хамилтон, кој веднаш се упати на промена на своите гуми. Среќата едноставно не беше на страната на Розберг на оваа трка, што се виде уште на стартот. Иако, повторно се најде на водечката позиција, и до крајот имаше уште малку круга, кои само требаше мирно да ги финишира, тој успеа да изгуби контрола врз својот болид при 15-от свиок и излета надвор од патеката во свиоците 16-17.
Поклонот не беше одбиен од страна на Луис Хамилтон, кој непречено го доведе својот болид до самиот финиш, пред својот тимски колега Розберг, малку пред Себастијан Ветел на третото место. Повторно одличен пласман за Макс Ферстапен на четвртото место. Останатиот пласман го имате во табелата подолу. Само 12 возачи ја финишираа трката, со осум откажувања поради механички дефекти или по инцидентите на патека.
РЕЗУЛТАТИ[DOUBLEPOST=1445864788][/DOUBLEPOST]Даниел Рикиардо на оваа трка повторно го покажа својот талент... Да е на местото на Нико Розберг, тешко дека Луис ќе имаше две последователни Титули!!! Само кога би имал шанса во компетитивен болид...