2014 КИНА ГП: ЛУИС ХАМИЛТОН ПРЕМНОГУ ЛЕСНО ДО ТРЕТА ПОСЛЕДОВАТЕЛНА ПОБЕДА

Луис Хамилтон ја забележа својата трета последователна победа на Кинеското Гран При, во трка која ја поведе од стартот, па се до поминувањето на целната линија. Нико Розберг по проблемите успеа да стигне до второто место, а одличниот Фернандо Алонсо со прв пласман на Ферари на победничкиот подиумот оваа сезона.
Луис Хамилтон имаше добар старт на трката, успеа да го зачува првото место, за потоа да следи досадно возење без никаква грешка за нова победа. Додека Британецот се повеќе и повеќе исчезнуваше во далечината,борбата за второто место беше она што го задржа нашето внимание на оваа трка.
Даниел Рикиардо и Нико Розберг имаа лоши стартови, а Германецот имаше и прилично голем контакт гума со гума со Вилијамсот на Валтери Ботас. Негова среќа што остана на патеката.За разлика од нив Себастијан Ветел, а особено Фернандо Алонсо имаа добри стартови, за во тој момент второ и трето место. Шпанецот имаше контакт, повторно со Вилијамс, но овојпат Фелипе Маса. И овој инцидент заврши без никакви последици. Фелипе Маса беше веднаш зад Фернандо Алонсо и поставуваше добри времиња, но се до првиот пит-стоп кога неговата трка беше уништена.
Механичарите на Вилијамс ги немаа подготвено неговите гуми, за потоа да имаат проблеми со задната лева гума, со тоа уништувајќи ги сите шанси за Бразилецот да оствари добар пласман на оваа трка. Со првата серија на промена на гуми, го видовме и победничкиот потег на денот, кога Фернандо Алонсо влезе во боксовите еден круг пред Ветел, кој во тие моменти беше на втората позиција. Тој потег му овозможи да излезе пред болидите на Ред Бул и да остане таму до крајот на трката. Фернандо Алонсо мора да го прогласиме за возач на денот, што успеа да го донесе Ф14 Т на подиумот.
Ред Бул е губитник на денот, повеќе во очите на фановите, отколку можеби за изгубениот подиум на Даниел Рикиардо. Во 24 круг по промената на гуми Ветел беше пред "побрзиот" тимски колега и доби директна тимска наредба да го пропушти. Германецот по многу двоумење се реши да го пушти, но шансите за подиумот беа загубени. Прашање е дали и оваа контраверза(од страна на Ветел и тимот) тоа им беше потребно во овие тешки денови за Австрискиот тим. Колку што бевме зад Вебер во ваквите случаи, сега треба да бидеме и зад светскиот шампион. За мала добивка, големо рушење на имиџот. Сосема непотребно!!!
Примерот со Нико Розберг ни ја демонстрираше силата на Мерцедес АМГ. Тој и покрај слабиот старт и шестото место на почетокот, со леснотија и трпение ги претекна сите болиди пред себе, секако освен тимскиот колега, за нова еден-два победа. Првите 4 трки од сезоната поминаа во комплетна и тотална доминација на болидите на Мерцедес АМГ, гледавме досадни трки, освен минатата за која сепак допринесоа повторно тимските колеги на сребрените стрели. Тоа ни даде надеж и потсетник за тоа каква треба да биде една Ф1 трка.
На трката во Шангај имавме раритет кој досега не го имавме видено. Имено, иако трката продолжи како што е планирано со 56 круга, како конечен пласман се зема редоследот од 54-от круг. Ова се должи на фактот дека на Луис Хамилтон случајно пред време му било покажано црно-белото коцкесто знаме на крајот од 55 круг. Во согласност со член 43.2 на спортските правила, ако поради некоја причина на лидер му биде покажано коцкестото знаме пред крај на трката, како официјални се земаат резултатите од последниот круг пред тој.
Единствен губитник е Камуи Кобајаши, кој успеа да го престигне Жил Бјанки на крајот на 56-тиот круг во борбата за 17 место во записникот повторно беше зад него.
Следува пауза од три недели, за Ф1 циркусот да пристигне дома во Европа, за Големата Награда на Шпанија, а толку е времето во кое останатите тимови треба да променат многу работи на своите болиди, за да 2014 сезоната не биде потполно уништена!!!
http://mkformula1.blogspot.com/2014/04/2014_20.html