Пријателскиот натпревар, прв на реновираната подлога на теренот, би се одиграл во април со што ќе се одбележи и 65-от роденден на "црвено-црните"
Јубилејниот, 65-ти роденден на најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, Вардар, ќе биде збогатен и со пријателскиот натпревар против актуелниот шампион на Хрватска и учесник во групната фаза од годинашното издание на Лигата на шампиони, Динамо од Загреб. Првиот човек на "црвено-црните", Зоран Шишковски, потврди дека е договорена официјална соработка со најпознатиот спортски бренд во Хрватска, кој ќе ја имаа таа чест да биде дел и од свеченото отварање на реконструираната Национална арена "Филип Втори".
- Разговаравме со извршниот директор на Динамо, Здравко Мамиќ и со спортскиот директор, Зоран Мамиќ. Без никакви проблеми ја прифатија нашата понуда и со 100% сигурност потврдија дека ќе бидат дел од 65-от роденден на ФК Вардар. Пријателскиот натпревар ќе се одигра во месец април, а господинот Мамиќ изјави дека тој термин е идеален и дека Динамо ќе допатува со најсилниот можен состав и со сите репрезентативци. По натпреварот ќе биде потпишан и официјалниот меморандум за соработка. За почеток е предвидена соработка помеѓу младински школи, изјави претседателот на Вардар, Зоран Шишковски.
Првиот човек на "црвено-црните" откри и дека се уште нема ништо конкретно кога е во прашање учеството на Вардар во долгонајавуваната Балканска лига.
- Нема ништо ново, најверојатно ќе има уште еден состанок помеѓу раководните лица на сите клубови, кои треба да бидат дел од таа лига. Исто така има проблем и со терминот за тие натпревари. Го чекаме официјалниот став на челниците на УЕФА и на ФИФА, изјави Шишковски.
Паузата во националниот шампионат, есенскиот шампион на Македонија ќе ја искористи и за консолидирање, но и за засилувања на сопствените редови.
- Ова е помирен период за сите нас во клубот. Се уште е рано да се каже кои фудбалери се во игра како потенцијални засилувања. Со одличните игри во првиот дел од сезоната, со победите кои се чисти како солза, Вардар си постави една висока цел, да продолжи со истиот стил на игра и во пролетниот дел од сезоната, изјави Зоран Шишковски.