Вардар ќе и плаќа и на ФФМ
* Покрај заостанатите долгови за фудбалерите, "црвено-црните" ќе мора да и исплатат 2.500 евра и на ФФМ за неодиграниот натпревар со Металург, а казнети се и со одземање на дополнителни три бода
Покрај потрагата за нов финансиер од раководството на најтрофејниот македонски клуб веќе низ првите денови од новата 2010 година ќе мора дефинитивно да го дефинираат својот однос со Фудбалската федерација на Македонија на која & објавија "војна" со неиграњето на последното есенско коло од шампионатот.
Токму неодиграниот натпревар со Металург на "црвено-црните" на крајот од изминатава година им донесе дополнителни казни одредени од Дисциплинската комисија при ФФМ. "Вардарците", покрај за заостанатите долгови за фудбалерите ќе мора да мислат и околу исплатата на казната од 2.500 евра одредена од дисциплинецот за неодиграната средба со Металург. Покрај тоа казнети се и со одземање на три бода, па по есенскиот дел од првенството сега ФК Вардар би имал само 10 бода закован на 9. место од табелата кое носи кон баражот за опстанок во Првата лига.
Покрај тие казни, и претседателот на Вардар, Драги Сетинов, мина со опомена поради неиграњето на тимот на првенствената средба. Доколку, како што најавува, најтрофејниот наш клуб и во пролетниот дел не одигра уште еден натпревар, како што истакнуваат од ФФМ, веројатно по примерот на Македонија ЃП и Слога Ј ќе следи суспензија и за петкратниот македонски шампион.
Постапка и околу Ступиќ
"Црвено-црните" се соочуваат и со нова казна од страна на Дисциплинската комисија при ФФМ поради случајот со двајцата фудбалери кои изминатово лето од Силекс пристигнаа во клубот.
Поради непочитување на одлуката на Арбитражната комисија за исплата на отштетата од по 3.000 евра за ФК Силекс за фудбалерите Бошко Ступиќ и Тони Џангаровски, најавени се нови дисциплински мерки за клубот.