најголеми виновници што вардар го допре дното се орце камчев и некои луѓе од комити кој сакаат да профитираат од сето ова.
НЕСЛАВЕН КРАЈ НА ЕСЕНСКИОТ ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКИОТ ШАМПИОНАТ КОЈ ОСТАНА И БЕЗ СВОЈОТ НАЈТРОФЕЕН КЛУБ
Вардаров "аперкат" за ФФМ!
* Најтрофејниот македонски клуб остана до крај на своите најави за бојкот на првенството на тој начин нанесувајќи уште еден силен удар во обидот за 'освестување' на актуелното раководство на ФФМ
Нашиот најтрофеен клуб на крајот од есенскиот дел од шампионатот му го нанесе најсилниот досега удар на актуелното раководство на Фудбалската федерација на Македонија во обидот, конечно, да се дојде до заедничкиот заклучок на овие наши жални фудбалски простори дека, сепак, колку некои сакале да прифатат или не, нешто не е в ред со македонската фудбалска топка.
Останувајќи цврсто на своите најави, уште од четвртокот, "црвено-црните" вчера не го одиграа својот натпревар против Металург само како продолжение на бојкотот почнат од Македонија ЃП, Слога Југомагнат, Пелистер и Хоризонт Турново, а сега надополнет и со ФК Вардар. Пет клуба низ првиот дел од сезоната 2009/2010 јасно го кренаа својот глас против ФФМ, два, Македонија ЃП и Слога Ј, останувајќи до крај во битката доживеаја и дисквалификација од Првата лига, а сега нашата Прва лига, ако нешто не се промени до стартот на пролетниот дел, остана и без нејзиниот најтрофеен клуб.
Од Иницијативниот одбор за спас на ФК Вардар, кој е мнозинскиот раководител на клубот, и вчера потенцираа дека не се откажуваат од своите намери за извесни промени во начинот на функционирање на ФФМ поради што е и екстремниот чекор преземен во финишот од првиот првенствен дел.
"Нашите ставови не ги менуваме така лесно од ден на ден и покрај желбата на одредени моќници на ФФМ. Бојкотот беше неизбежен акт како последица на многу нелегални одлуки од страна на ФФМ", ни изјавија и вчера од Иницијативниот одбор за спас потенцирајќи дека одлуката за бојкот на двата колективни члена, заедно и со компанијата "Мода и Спорт", останува во важност...
"Јасно потенциравме дека во наредниот период сега очекуваме да видиме колку ФФМ ќе може да им погледне во очи на многуте аномалии во сопствените редови. Колку ќе може да промени одредени нешта во начинот на своето функционирање, па потоа евентуално да следи промена на нашата одлука за бојкот".
А, револтот на ФК Вардар следеше по издавањето на раскин на стипендискиот договор за 17-годишниот Стефан Ристовски, кој доби исписница од страна на ОФС Гази Баба, а потврдена и од Верификациската комисија при ФФМ, со документ потпишан од страна на поранешниот претседател Бојан Захариев на 7 декември 2009 година, и покрај тоа што Захариев на 27 август оваа година поднесе оставка од претседателската функција. Демонстрирајќи го својот страв од напуштањето на Лигата и на ФК Вардар, од ФФМ во четвртокот експресно ја "замрзнаа" одлуката за раскин на договорот на Ристовски, меѓутоа тоа не беше доволно "вардарците" да го променат својот став.
"Замрзнувањето на одлуката апсолутно не значи ништо освен признавање на самата ФФМ дека работи на крајно нелегитимен начин. Ние сме свесни дека сега н$ очекува казна за неиграњето со Металург. Но, колку и до кога во казните ќе биде суштината на решавање на проблемите кои се наталожени во мак-фудбалот. На овој начин ФФМ наскоро ќе нема веќе кого да казнува, со оглед на тоа што сериозна е бројката на клубови на спротивната страна", истакнаа вчера од Иницијативниот одбор.
В.Булатовиќ
Сетинов пред оставка како претседател на Вардар!
Драги Сетинов, по само нешто помалку од два месеци како прв човек, е пред оставка на претседателската функција на ФК Вардар. Сетинов, според најавите размислува за повлекување од најтрофејниот македонски клуб како чин на несогласување со одлуката на двата колективни членови од Собранието на ФК Вардар, Иницијативниот одбор за спас и компанијата "Мода и спорт", за бојкот на домашниот шампионат...
Како што нагласува Сетинов, со оглед на тоа што има различен став од оној на колективните членови околу бојкотот на шампионатот како начин за остварување на своите цели, сериозно размислува за оставка на претседателската функција, а дефинитивната одлука ќе ја донесе низ деновите од актуелнава седмица.
"Секогаш истакнувам дека јас сум еден од оние кои воопшто не се согласуваат со начинот на функционирање на ФФМ под раководство на Хаџи-Ристески. Со оглед на тоа што сум избран како претседател на Вардар на Собрание ја почитувам одлуката на колективните членови, меѓутоа со оглед на тоа што имам сосема поразлично мислење околу бојкотот затоа што сметам дека тоа може да му нанесе штата на Вардар размислувам за оставка", вели Сетинов.
Драги Сетинов на 25 октомври беше избран за претседател на ФК Вардар со единствена намера, каков што беше заклучокот на тогашниот собир, во рок од 30 дена да го овозможи влезот на новонајавениот финансиер на клубот. Но, од тогаш минуваат повеќе од 50 дена, а официјализација на нов финансиер на "црвено-црните" нема. Сетинов, од друга страна, с# уште не е заведен во Централниот регистар на РМ како претседател на ФК Вардар, каде фигурира името на неговиот претходник, Бојан Захариев.
Фудбалерите без пари на распуст
Вардаровите фудбалери без никакво финансиско освежување го почнаа својот "зимски распуст". Сите играчи едногласно ја почитуваа одлуката на раководството на тимот за неиграње на дуелот со Металург, меѓутоа останаа завиени и длабоко под "стегата" на своите финансиски проблеми кои за нив се во преден план.
Сосема е јасно дека ФК Вардар до крајот на годината ќе остане и без голем дел од актуелниот играчки состав. Во тек се процедурите за добивање раскин на договорите на штета на клуб за девет фудбалери кои сигурно ќе ги добијат со оглед на неплатените придонеси за нив од страна на клубот, повеќе од три месеци.
Жални 18 натпревари за цели 5 кола
Може ние, и одговорните во ФФМ задолжени околу натпреварувањето во Првата лига, да се залажуваме колку сакаме околу регуларноста на годинашниот наш шампионат, меѓутоа оние жални вкупно 18 натпревари за цели 5 кола во елитната лига доволно зборуваат за веќе практично "мртвата" наша фудбалска игра.
За цел еден месец, изминатите пет кола, македонската Прва лига доживеа да има по само три натпревари одиграни на терен во просек на коло, со голем дел службени резултати, минусирање и дополнување на бодови до недоглед... Дефинитивно силен показател дека во сезоната 2009/2010 шампионатот на Македонија, без разлика на с$, веќе е оставен засекогаш под сомнежот - нерегуларен.
МЕТАЛУРГ СОСЕМА ИЗВЕСНО СО ТРИ БОДА ОД ЗЕЛЕНА МАСА
Топката не се "тркалаше" на Железарница!
Она што беше познато уште во петокот, се оствари вчера кога на теренот на Железарница не се играше фудбал. Станаа вистинити најавите од нашиот најтрофеен клуб, Вардар дека ќе го бојкотира првенството, поради самоволието на функционерите во ФФМ кои очигледно немаат намера да престанат да работат на штета на фудбалот, кој тоне с$ подлабоко подлабоко. Нова шлаканица за "четата" на Харалампие, овој пат се чини уште посилна по бојкотирањето на шампионот Македонија ЃП и на екипата на Слога Ј. И дефинитивно е познато дека во нашата земја фудбалот е на раб на умирање, на раб на згаснување. Две екипи повеќе не се во нашата Прва лига, само прашање на време е кога ќе дојде и третата, односно нашиот најтрофеен клуб.
Вчера "вардарците" не дојдоа на стадионот Железарница, нивната соблекувална остана празна, а по чекањето од половина час, заминаа и судиите, делегатот, но и фудбалерите на Металург. "Металурзите" ќе добијат одново службени три бодови (по оние на дуелот со Хоризонт). Но тоа не е ништо во споредба на одговорот на прашањето што сега. Зарем овие од ФФМ одново ќе измислуваат глупости за да надоместат за хаосот кој го направија, а на кој нема да му дојде крајот. Како сега екипите ќе имаат по 30 натпревари за да можат да учествуваат во европските купови? Никако!!! Лесно е да се дадат бодовите некому на зелена маса, но тешко дека ќе се најде излез од оваа тешка криза која го зафати нашиот фудбал.
Г. Б.
извор: http://www.sport.com.mk/?ItemID=BFB3617693059D4493F6BE8F47134A8B