Вардар се договори со новиот "газда"!
* "Постигнат е начелниот договор со австриско-норвешката компанија која ќе инвестира 800.000 евра на годишно ниво, но официјалниот ќе следи од вторник", вели Сетинов
Најтрофејниот македонски клуб низ деновите од актуелната недела конечно треба да го добие својот нов финансиер и раководител.
Договорот со претходно најавената австриско-норвешка компанија и официјално е постигнат, меѓутоа од вторник се очекува и официјалното потпишување пред одржувањето на новото Собрание.
"Може да ви потврдам дека по разговорите меѓу заинтересираниот финансиер, кој е нашинец меѓутоа со австриско-норвешка компанија, и Орце Камчев, постигнат е начелниот договор. Официјалниот договор го очекуваме по враќањето на Камчев од службен пат по вторник кога ќе го соопштиме името на компанијата. Поради некои непосакувани пресвртни ситуации не сакаме името да биде соопштено пред официјалниот писмен договор", ни изјави вчера спортскиот директор Драги Сетинов, притоа дополнувајќи околу плановите и програмата на новиот финансиер.
"Новиот финансиер деновиве ќе ја презентира и својата програма. Тој комплетно ќе го преземе раководењето во Вардар со тоа што ќе вложува 800.000 евра на годишно ниво. Притоа ќе ги преземе и сите долгови на клубот направени кон домашните јавни претпријатија. Така што дефинитивно овие денови се очекува конечното организациско стабилизирање", вели Сетинов, кој уште еднаш потврдува дека, од друга страна, новонајавениот влез е независен од оној на "Агрокор", кој најави дека на спонзорско ниво од 1 јануари 2010 година ќе спонзорира од 300 до 500.000 евра во Вардар.