Реално Српската лига е за едно ниво подобра од нашата, само проблемот за Лука е што ни таму не игра, оваа сезона има одиграно само 165 минути, значи нема ни цели два натпревари, ниту еднаш не бил стартер, максимум ако добие 20 минути кога ќе влезе од клупа, на повеќето натпревари воопшто не ни влегол во игра.
Во наша лига беше еден од подобрите играчи пред некоја година, важеше за голем талент и имаше доста понуди да бега надвор, ако добро се сеќавам неколку клубови од Хрватска беа заинтересирани за него, само како и многу други наши играчи, се залета по пари и најверојатно ја прифати финансиски најдобрата понуда.
Од Работнички отиде во Газиантеп што за него во тој момент беше преголем залак, небо и земја е разликата од прва Македонска до прва Турска лига, логично го заковаа на клупа, капак на се и земјотресот во Турција се случи уште првата сезона кога потпиша таму и клубот не ја доигра сезоната.
После почнаа да го шетаат по позајмници, Горица од Словенија, Тузласпор и Раднички, дури пред почетокот на оваа сезона Раднички го откупи за 30.000 евра.
Суров е фудбалот, еднаш ако испаднеш од ритам, тешко е да се вратиш после.
Така да во моментов и не е толку нереално да потпише кај нас, може и ова со брат му да има поврзаност, не знам само Раднички колку ќе се согласат да го пуштат и за која цена, а за нас секако ваков играч би бил големо засилување во борбата за титула.