Ежење е текстот.. Секоја чест за авторот!
Овај техт вреди да се закачи за да остани овде во архива
Пишува: Зоран Бендевски
(Tribute to Skalperi Kozle)
Вардар-Бате Борисов. Чудно е тоа. Да навиваш за Вардар, иако цел живот си за Партизан: `душа продана` што би рекле другарите кои навиваат меѓуостанатото за Јунајтед, Арсенал, Ливерпул, Реал... Чудно е, не си бил `100 години` да го гледаш, а имаш чувство дека во претходниот живот 65 години си продавал семки на стадион и си киснел секој ден таму. Вардар, како име, како река. Вардар, како тема за уште еден фичерс.
Можеби ни најзакоравените Комити незнаат, но Вардар е меѓу 5-те најголеми клубови во Европа, веднаш зад Атлетико Билбао, Селтик, Барселона и ... се разбира, Партизан. Како? Едноставно, за сите клубови се навива, ама за овие не, бидејќи едноставно се сакаат. Ова се единствените клубови во Европа (освен Партизан), кои се на повисок пиедестал од националните селекции и кои се всушност сублимат на сите стремежи, копнежи и историски превирања на еден народ. Друго е прашањето како тие нации го контаат и го ценат тоа: Баскијците никогаш нема да дозволат странец да игра во Атлетико Билбао, Каталонците ќе гинат за Барса како за својата слобода, а Ирците од Корк сити до Бруклин ќе пијат `подморници` во името на Селтик и `Поугс` дур смртта не ги разадели од чашката. Македонците, пак, постојано ќе чувствуваат `дежа ву` со примеси на колективно сеќавање кога ќе го гледаат Вардар, а Комитите можеби несвесно ќе го преточат тоа во една навивачка песна со стихови: `Сите сте за Вардар – само не признавате...`
Како и што му прилега на еден европски фудбалски џин, Вардар е фудбалски мегаполис кој во себе ги вшмукува сите општествени слоеви како црна дупка. На неговите натпревари граѓаните се обидуваат да станат сељаци, а сељаците граѓани. Се разбира, граѓанството и сељаштвото како карактерна особина, а не како географска одредница. Оттаму, овие првите ќе цупкаат на народна музика, додека овие вторите ќе фураат кежуал стајлинг на панкерски песни. Вардар е Македонија, а Македонија е Вардар.
Можеби е шокантно, но фактите говорат дека македонскиот патриотизам, но и шовинизам, се неповратно врзани само за една институција – Вардар. Сите останати институции, само лутаат во своите ставови во зависност од политичката гарнитура што е на власт. Во ерата на комунизмот, Вардар е создаден како единствена националистичка институција во бивша СФРЈ, во времето кога Црвена Звезда, Динамо, Хајдук, Будуќност, Сараево..., беа само обични клубови на комунистичката младина. Затоа и официјална химна на Вардар која се емитуваше пред секој натпревар беше `Ој Вардаре, македонски, од извора па до Солуна ти ја красиш Македонија...`, додека кај Црвена Звезда, еден од столбовите на српството според Матеја Беќковиќ, течеше песната `Младичи борови и девојке јеле, боре се за боје црвено беле...` Србите, Хрватите, Бошњаците и Црногорците имаа само неутрални песни кои го величаат спортскиот дух на партиската младина и работничката класа, а нацијата не се споменуваше никаде (на Хајдук се пееше за Далмација), а камоли некакви алузии за голема држава: `од извора, па до Солуна`. После тоа побрлавеа, како кучиња кога ѓе ги пуштиш од ланец, ама тоа е некоја друга приказна.
Затоа и кога Вардар кога во 80-тите ќе заминеше на турнеја низ Австралија, посетеноста можеби не беше на нивото кога денешен Реал ќе гостува низ Азија, ама затоа емоциите беа многу подлабоки и поискрени, затоа што тамошните луѓе не се палеа на телата и фризурите на вардаровите играчи, туку на националниот симболизам што овој клуб го емитираше околу себе. Реал е маркетинг, Вардар е живот.
Со просечна посетеност од 15.000 луѓе на натпревар, Вардар беше феномен кој ги маѓепсаше сите околу себе, па можеби е малку познато но црвено-црните имаа свои фанови во Ниш, Мостар, Осиек... Големата четворка на бившиот ју фудбал редовно беше преслушувана на Градски, а Црвена Звезда во времето кога го освои трофејот во Купот на шампионите во Скопје немаше што да бара и си попи очекуван пораз, резултат што ретко кој го утна на спортска.
Потоа дојде плурализмот и хаосот, а со тоа и погрешното мислењето дека столбовите на македонштината се МАНУ, МПЦ и удбашите од МВР. Сакаш да ја повредиш Македонија, уништи го Вардар, а сето останато полесно ќе тече. И, како што времето покажа тоа се обистини. Најпрво сите се зафатија да го приватизираат туѓото, а Вардар го направија потстанар на своето: круцијалната неправда кон Вардар да не му биде доделен Градски стадион, како што Маракана и ја поклонија на Звезда, ЈНА на Партизан, Пољуд на Хајдук и Максимир на Динамо Загреб е првиот и најсилен удар во вардаровиот плексус. После тоа течеше отварање на дискотеки и продавници, распарчувањето на околното земјишта, градење на одвратни згради (фирма купувач од Германија со никогаш познат сопственик) околу стадионот, со тоа и рушење на една од најпознатите младински школи во овој дел на Европа, со други зборови - бизнис-политичко изживување во стилот на оние `шошоните` што го скрнавеа телото на Гадафи...
И... Вардар – Бате Борисов. Полни трибини, транспарент `и да не се оствари европското чудо – пак ќе те сакаме лудо` и песни од типот `Вардар шампион – само нема стадион`. Нема стадион, ама игра на арена. Не е градска, туку античка. 65 години и се се променило, само Вардар останал истиот. Со неговата моќ полесно го поднесуваме нашиот пораз, со неговиот непокор полесно го поднесуваме нашето предавство. Без него, сите овие години навистина беше тешко.