ЗА ПРВПАТ ВО КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО ФИНАЛЕТО ЕДЕН ПРОТИВ ДРУГ ЌЕ СЕ СРЕТНАТ ДВАЈЦА БРАЌА, ДАНИЕЛ И ЃОРЃИ МОЈСОВИ
Братско финале за историја
*"Не попуштам, сакам двојна круна, за утеха да не се лути брат ми ќе му го подарам златниот медал", вели помалиот Даниел
*"Во финалето не се познаваме, убеден сум дека јас ќе се радувам, а моето злато Данел ќе може само да го гледа и ништо повеќе", посочува Ѓорѓи
ДАНИЕЛ МОЈСОВ
Тим: Македонија ЃП
Место: Стопер
Роден: 25.12.1987 во Каварци
Кариера: Тиквеш, Македонија ЃП
ЃОРЃИ МОЈСОВ
Тим: Работнички
Место: Играч за врска
Роден: 27.05.1985 во Скопје
Кариера: Тиквеш, Цементарница 55, Маџари С, Пелистер, Вардар, Работнички
Остануваат уште два дена до 17. финале во Купот на Македонија. В недела, на "Градски", со почеток во 16:30 часот најдобрите во оваа сезона, Македонија ЃП и Работнички, по вторпат во својата клупска историја ќе се обидат да го освојат најдрагоцениот пехар. Ако не по нешто друго овој меч ќе биде запаметен и по тоа што за првпат еден против друг ќе се најдат во финалето двајца браќа. Помалиот Даниел е можеби најдобриот стопер во Лигата и столб на одбраната на шампионот Македонија ЃП, а две години постариот Ѓорѓи е двигател на играта во средниот ред на Работнички.
Родените кавадарчани, кои потекнуваат од школата на ФК Тиквеш, посакуваат многу нивни сограѓани да дојдат в недела на "Градски" и да навиваат за нив. А тие ветуваат дека ќе сторат с$ што е во нивна можност ова 17. финале да биде запаметено како најубаво, најнеизвесно, најквалитетно. Зошто да не им веруваме, особено ако се знае дека овие две екипи се најдобри во земјата. Впрочем, Македонија ЃП е шампион, а Работнички, пак, довчерашен првак и с$ уште бранител на Куп трофејот.
Во продолжени во едно интервју можеме да ги прочитаме нивните размислувања за финалето, за фудбалот и за некои други работи непознати за спортска јавност.
1. За првпат во историјата на мак - фудбалот во финалето еден против друг силите ќе ги одмерат двајца браќа. Какво е чувството на два дена пред натпреварот?
-Д.М."Искрен да бидам доста лежерно се чувствувам. Ја освоивме шампионската титула и сега посакуваме двојна круна. Ако можеме с$ да му земеме на Работнички тогаш ќе му земеме. Од друга страна се радувам зошто ова за мене ќе биде прво финале. Не знам какво е чувството, но затоа ќе имам можност в недела да видам што значи еден ваков меч. А најмногу се радувам што за првпат ќе играм против Ѓорѓи во едно финале".
-Ѓ.М."И за мене ова е прво финале. За разлика од Даниел, јас со нетрпение го чекам стартот на мечот зошто знам дека повеќе од него ја посакувам оваа титула. Имам повеќе мотиви, знам дека ќе биде жестоко, а фактот дека за првпат во историјата во мак - фудбалот во едно Куп финале еден против друг ќе играат двајца браќа мене искрено дополнително ме мотивира"
2. Ќе се слави во домот на Мојсови, кој повеќе ќе се радува, дали таткото, кој е фан на постариот Ѓорѓи, или, пак, мајката која не крие дека навива за помалиот Даниел?
-Д.М"Да. Секако дека единствено во нашиот дом ќе има славење без разлика кој ќе победи. Златото ќе сјае во нашиот дом, уште повеќе, ќе има и сребро. Што се однесува до родителите, некако сме поделени. Нашата мајка веројатно, бидејќи сум помал, ќе навива за мене. Искрено нема да ја разочарам и сигурен сум дека таа повеќе ќе се радува".
-Ѓ.М"Точно. Мајка ни навива за Даниел, но затоа нашиот татко, кој повеќе се разбира во фудбал и знае дека јас сум подобар фудбалер, ќе навива за мене. Знае човекот што е фудбал. Му порачувам дека ќе има причини за радост в недела навечер. Може уште сега да ги покани пријателите и роднините да ги почести, и тоа во моја чест".
3. Има ли какви било шанси да му "пуштиш" на твојот брат, што ако се случи Ѓорѓи/Даниел да има шанса за гол, дали ќе го фаулираш?
-Д.М"Ма какво 'пуштање'. Неколкупати сме играле едне против друг и знам дека сум најгруб кон Ѓорѓи. Да не кажат по тоа моите клупски колеги дека го штедам. А ако има шанса за гол, тогаш ќе се обидам со обичен старт да го неутрализирам, а ако не, можам тогаш подобро да добијам црвен картон отколку потоа Ѓорѓи да ме зафркава дека ми дал гол".
-Ѓ.М"Досегашниот биланс кога сме играле еден против друг е на страната на Даниел. Мислам дека 4:2 или 4:3 за него. Познат сум како бескомпромисен фудбалер и знам во текот на тие 90 минути да се 'исклучам' и да не познавам никого, па дури и брат ми. Можам да потврдам дека нема да има братско 'попуштање'. Па не сум луд. Кој ќе ги трпи потоа неговите зафрканции. Уживам да го победувам во с$ што се натпреваруваме".
4. Кој и што ќе го одлучи финалето, или, пак, вашето мислење за тоа кој во моментов е поквалитетен тим?
-Д.М."Имаме квалитен тим, најдобри сме, шампиони сме. Нашиот квалитет е во колективот. Можеби еден гол, една грешка, моментална инспирација ќе го одлучи победникот. Кога сме веќе кај поединците, мислам дека кај нас Де Брито или Клечкаровски можеби ќе одлучат победникот.
-Ѓ.М"Не се согласувам дека тие се подобри. Ја освоија титулата само поради тоа што ние бевме слаби оваа пролет. Затоа сега дојде време за одмазда. Мојот тип е дека Вандаир ќе го одлучи финалето, иако потајно се надевам и верувам дека Савиќ конечно кога е најпотребно ќе 'проработи'. Зошто и двајцата да не постигнат по еден гол".
5. Дали ако вашиот тим победи, ќе му го дадеш на твојот брат златниот медал, за утеха?
-Д.М."Ми дадовте добра идеја. Сакам двојна круна, а за утеха ќе му го дадам мојот златен медал на Ѓорѓи, за утеха. Па и тој нека се радува на малку злато во оваа сезона. Сепак, брат ми е. Не сакам да остане разочаран".
-Ѓ.М."Ниту му ја барам, а уште помалку сакам подарок. Бадијала се сили зошто тоа нема шанси да се случи. Знам дека јас во нашиот дом ќе го донесам златото и ќе го закачам медалот во неговата соба. Ќе може да го гледа, но не и да го допира".
6. И двајцата сте познати како вистински спортсмени, ќе му ја честиташ ли победата во финалето прво на твојот брат веднаш по мечот?
-Д.М."Апсолутно. Како и секогаш знаеме да си честитаме, знаеме дека прекрасно е да победуваш, но поважно е да бидеш спортсмен. Еве јас прв и нему и на останатите од Работнички ќе им ја честитам победата ако се случи тоа".
-Ѓ.М."Нема да му честитам на Даниел зошто вообичаено е поразениот да честита. Значи Даниел ќе ја има таа чест и обврска да ми честита мене како победник. Да го поздрави подобриот".
7. Ѓорѓи е постар две години, дали помладиот Мојсов тргна по стапките на својот брат во матичниот клуб Тиквеш од Кавадарци?
-Д.М."Малку невообичаено, но во исто време тргнавме во фудбалската школа на Тиквеш. Јас имав 8, а тој 10 години. Интересно, заедно и игравме во кадетите. Но кариерата мене ме донесе во Македонија ЃП, а тој имаше можност да смени повеќе клубови".
-Ѓ.М."Е, тоа е точно. Конечно да се согласуваме во нешто. Интересно е да кажам дека уште во првите денови како деца во Тиквеш јас играв во средниот ред, а тој во одбраната. Уште тогаш улогите ни ги поделија нашите тренери кои го забележаа нашиот талент".
8. Се случило ли досега да има меѓу вас расправии надвор од фудбалските терени, можеби за некоја девојка?
-Д.М" Па, не знам. Не можам да се сетам сега. Кога гледаме фудбал на ТВ обичано навиваме за Манчестер Јунајтед и затоа нема причина за 'расправии'. А за девојка никако. Тој има посебно друштво и тука нема ривалитет".
-Ѓ.М"Како деца бевме многу палави. Се расправавме за с$ и сешто. Сега с$ е поинаку. Даниел знае дека како постар од мене ја има целата поддршка и заштита. Но мора да признае дека јас имам поголем успех кај девојките. Тој е премногу срамежлив".
9. Сон на секој фудбалер е да игра во репрезентацијата, досега имаше неколку такви случаеви кај нас, дали следниот братски репрезентативен тандем е Даниел и Ѓорѓи Мојсов?
-Д.М."Убаво кажано, сон на секој фудбалер е да заигра во репрезентацијата. Јас имам свое деби во А селекцијата, очекувам да ми се придружи и Ѓорѓи. Тоа би било прекрасно".
-Ѓ.М."Да не набројувам кои браќа играле во нашата најдобра селекција. Се надевам дека во блиска иднина и Мојсови ќе бидат стартери во црвено - жолтиот дрес".
10. Ќе го поканиш ли брат ти наредната сезона да дојде во Македонија ЃП/ Работнички?
-Д.М." Зошто да не. Ќе се согласи и тој дека е поголем предизвик да играш во шампионски тим, а во Европа во квалификациите во Лигата на шампионите отколку во тим што е четврти или петти во Лигата. Го поканувам да дојде во Ѓорче, неговите квалитети ќе ни бидат добредојдени".
-Ѓ.М"А тој да дојде во Работнички. Се шегувам. Засега мене ми е добро во Работнички, но убаво рекле, никогаш не вели никогаш".
Да видиме кој ќе испадне подобар
