Вардар имаше добра подготовка за она што го очекува следните десетина дена, и во генералката пред дербито со Металург имаше лесна задача против Зомимак М, победувајќи го тимот од Струмица со 29-21 (13-9) во меч од 3 коло од плеј офот во домашното првенство. Сега сите сили скопјани ќе ги „фрлат“ кон домашните обврски каде ги очекуваат натпреварите за одбрана на титулата и за двојна титула.
Гостите се надеваа дека можат да пружат отпор барем приближно и што подолго барем временски, слично како на мечот со тимот од Автокоманда, но такво нешто не им дозволија „црвено-црните“.
Се надеваше Зомимак М дека ќе му даде отпор на актуелниот првак, и во тоа некако успеваше само во првото полувреме кога во 22 минута намалија на 9-8. И тоа беше се од струмичани. Немаа сили за поголем пресврт, а Вардар рутински си ги одработуваше акциите, реализираше по секоја грешка на ривалот.
Во отсуство на Игор Карачиќ, Миладин Козлина и Михаил Чипурин, за кои тренерот Раул Гонзалез реши да ги одмора, на терен можеше да се видат и некои не секојдневни комбинации. Тимур Дибиров играше како плејмејкер и ги разигруваше колегите, шанса да биде подолго време во состав имаа и Лука Раковиќ, Стефан Терзиќ и Владимир Недановски. Одамна во тимот не бил ниту Мите Стоилов кој имаше повеќе одбранбени задачи.
Вардар имаше и двоцифрена предност во 44 минута кога „првата звезда“ на мечот, Лука Раковиќ погоди за водство од 23-13. Сите осум гола што Раковиќ ги постигна на средбата беа од игра.
Во првото полувреме Инаки Малумбрес имаше 10 одбрани, а Милиќ потоа продолжи во слично темпо, но имаше „само“ шест одбранети топки и плус еден седмерец. Кај гостите Златко Везенковски постигна седум гола (четири од пенал), а Јовица Младеновски имаше четири гола.
Вардар следните денови има забрзано темпо на играње на натпреварите. Во петок е домаќин на Металург во нивната прва од двете меѓусебни пресметки што ќе решаваат за титулата. Во понеделник „црвено-црните“ гостуваат во Битола кај Пелистер, а потоа се игра реваншот со Металург на гостински терен, на 8 мај.