Редно време беше да се официјализира. За европски Вардар, европски тренер: Раул Гонзалез Гутиерез. Човек за кого минативе 11 години , во кој активно го следам шпанскиот ракомет не сум слушнал, ниту прочитал ниту еден лош збор, ниту било каква негативна критика, како од ракометни фанови така и од луѓе внатре во ракометот и новинари. Напротив речиси да нема квалификативи со кои може да се опише неговиот професионализам, посветеност на ракометот и извонредните човечки квалитети.
Ако прашате некој од навивачите на Р.К. Ваљадолид, а имав можност живеејќи таму да се сретнам со многу такви, кој е најдобриот шпански централен на сите времиња, не се сомневам дека 99% од одговорите ќе бидат токму: Raul Gonzalez. Заедно со Хуан Карлос Пастор, со кого воедно беа колеги и на теренот на почетокот од професионалната кариера, Раул важи не само за најомилена ракометна личност кај публиката од Ваљадолид туку и за еден од неговите најугледни амбасадори.
По неговото повлекување во 2005-та, неколку ракометни новинари, во прв ред Луис Мигел Лопез, правејќи анализа на играчите кои ги обележаа минатите 20 години во шпанскиот ракомет, ќе дојдат до заклучокот дека ова беше епоха на: Масип, Талант и Раул. Кога во едно интервју му го споменаа овој веќе исклиширан податок, тој ќе изјави: “сеќавањата се тесно поврзани со времето во кое живееме, па луѓето често сакаат да го направат да изгледа најдобро она што во моментот го гледаат. Почестен сум од споредбата, но за мене Мануел Мартин и понатаму ќе остане најдобриот шпански ракометар”.
Ако може со неколку зборови да се опишат неговите тренерски и лични квалитети тогаш би рекол дека се работи за скромена, коректена и исклучително воспитана личност (секоја можна спротивност на Талант), крајно трудољубив тренер, интелигентен аналитичар и човек кој знае што значи “лојаност и љубов кон клуб”. За неговата лојалност и посветеност на клубот денес сведочи дресот со број 14, повлечен во некогашниот ракометен храм наречен Huerta del Rey. Митската 14-ка, ја помина целата своја кариера во Ваљадолид, почнувајќи од младинските категории на тогашниот АЦД Мишелин во сезоната 88/89, па се до пензионирањето во сезоната 2004/05. Цели 17 гонини е присутен во издигнувањето на маалскиот аматерски ракометен кклуб во екипа која години подоцна, иако нема да освои ниту една АСОБАЛ титула, знаеше добро да ги упропасти плановите на големите шпански екипи. Неговата визија за играта и исклучително креативните пасови кон пивотите беа неговиот играчки бренд марк. Особено се паметат неговите партии во 2004/5 година од Купот на Кралот кога во полуфиналето успеаа да го елиминираат најпрво Сјудад Реал, а во финалето и екипата на Барцелона, кои таа година ќе станат европски вице шампион односно шампион. На репрезентативен план има две одличја од големите натпреварувања: сребро на европското во Шпанија 1996, каде токму со неговиот удар во последната секунда Шпанија на успеа да израмни и загуби од Русија со 22-23 и бронза од Атланта, истата година. Во едно од ретките подолги интервјуа кои ги има дадено, беше запрашан дали можеби можеше поинаку да се шутира во тој одлучувачки момент против Русија? Духовито одговори: “се уште верувам дека немав друга алтернатива. Но следниот ден, по поразот, на аеродромот, се најдов сам во кафетеријата читајќи ја веста во весник. Ме забележа еден постар господин, ми се доближи и почна да ми објаснува дека ако тој токмакот не шутирал и му ја дал на Талант сега ќе имавме злато : ).”
Два месеци по завршувањето на играчката кариера благодарение на Хуан де Диос Роман и Талант Дујшебаев се сели во Кихоте Арена, како дел од клупата на најдобриот светски клуб за минатата деценија, Сјудад Реал. Тука не само што е задолжен за тренинзите и подготовката на тимот, туку учествува и во стратегиските концепции на играта, нешто за што и самиот Дујшебаев во многу интервјуа знае да му оддаде признанија. Во турбулентните сезони во кои во тимот имаше огромни несогласувања и расправии меѓу Дујшебаев и играчите (Зорман и Рутенка) беше човекот кој знаеше како ситуацијата да ја доведе под контрола со цел да се дејствува согласно интересите на клубот. Резултатот две последователни титули европски шампион.
Многу ракометни познавачи со нетрпение го чекаат дебито на Дујшебаев на клупата на Киелце, бидејќи според повеќето од нив, тој не би бил она што е, без Раул Гонзалез. Ние пак со особен интерес го очекуваме неговиот прв “диригентски” настап за нашиот Вардар, кој ако нешто заслужува, тоа е секако тренер што знае што значи да се живее за боите на еден клуб.