Берлускони да го продаде Милан
Навивачите на Милан се толку огорчени од водењето на седумкратниот европски првак што вчера почнаа петиција против сопственикот Силвио Берлускони со главна цел да си замине од Сан Сиро иако тој при преземањето на премиерската функција во Италија формално го напушти претседателското место во Милан. Берлускони во последниот период има поголеми и поважни работи од водењето на клубот што доведе до голем револт на навивачите имајќи предвид дека Милан ова лето се уште не ангажираше ниедно големо засилување, а минатата сезона не успеа да обезбеди пласман во Лигата на шампионите.
Поради сето ова, најголемите фанови на миланскиот клуб побараа од Берлускони да го продаде Милан или во иднина тие ќе ги бојкотираат неговите натпревари.
"Клубот покажа недостаток на финансиска моќ во однос на англиските и шпанските клубови, па затоа ги повикуваме навивачите да протестираат се додека состојбата не се промени на подобро. Благодарни сме на претседателот за работата што ја извршуваше во минатото, но во последните две години освојувавме трофеи само затоа што фудбалерите правеа чудо. Сакаме нашиот глас да се слушне и да се сфати сериозно и мораме јасно да покажеме дека сме разочарани од водењето на клубот. Милан заслужува достоинство и поради тоа, за негово добро, бараме од претседателот да го продаде клубот за да се врати дел од гордоста на навивачите", се вели во официјалното соопштение од тифозите.
Берлускони е претседател на Милан од 1986 година и иако во моментов тој не се води како прв човек на клубот, и натаму е јасно дека тој ги влече конците. Во 22. години откако го води Милан преку својата компанија Фининвест вложи неколку стотини милиони евра, но тие средства во последните две сезони одеднаш пресушија, па Милан не ангажираше ниедно звучно засилување со големо педигре.
Се чини дека "чашата" кај навивачите ја "прели" изјавата на Адриано Галијани кој пред неколку дена изјави дека Милан не може да си го дозволи Емануел Адебајор бидејќи Арсенал за него бара 45 милиони евра.