Ливерпул нема шанси за титула
По само 14 одиграни кола во новата сезона, капитенот на Ливерпул, Стивен Џерард, вчера дефинитивно го отпиша својот клуб од борбата за шампионската титула. "Црвените" чекаат на неа веќе 19 години и се надеваа дека оваа сезона, конечно, ќе ја достигнат, но очајниот старт на првенството ги оневозможи да се вмешаат во борбата по само три месеци.
"Во овој момент ние сме надвор од трката за шампионската титула иако е јасно дека ќе се бориме со сите сили до крајот на сезоната. Да бидеме реални. Точно е дека има уште многу време, но мислам дека Челзи во моментов е пресилен. Треба да се насочиме кон втората цел, а тоа е пласман на едно од првите четири места на табелата кои водат во Лигата на шампионите. Добро е што победивме против Евертон, сега слично нешто очекуваме и кај Блекбурн и на тој начин ќе се доближиме до екипите кои се пред нас", изјави Џерард.
Ливерпул во моментов е на петтата позиција на табелата со дури 13 бода помалку од лидерот Челзи, а како капак на очајната сезона, веќе доживеа елиминација од Лигата на шампионите уште во фазата по групи. Причини за слабите резултати има многу: од продажбата на клучниот фудбалер во средниот ред Чаби Алонсо, до очајната форма на Џејми Карагер, Хавиер Маскерано, па и самиот Џерард, кој поради судскиот процес против него пропушти добар дел од подготовките на тимот и турнејата во Азија.
"Едноставно, оваа сезона сме далеку под своето ниво, не играме со максимум од нашите можности. Досега научивме дека ако не играш добро постојано, има големи шанси другите да те надминат. Оваа сезона во Премиер-лигата има шест-седум исклучително квалитетни екипи кои се борат за првите четири места и сигурно дека ќе ни биде многу тешко", додаде капитенот.
Единствениот, кој е на своето ниво сезонава е шпанскиот репрезентативец Фернандо Торес, кој до минатата недела беше и прв стрелец во Лигата. Сепак, тој има проблеми со повреди, а добра вест за Бенитез е што, конечно, заздравел и ќе биде способен за настап на дуелот против Блекбурн, кој ќе биде 500. во дресот на Ливерпул за Џерард.