Заврши првиот круг натпревари и може да се забележат некои работи кои ги окрактеризираа овие четири месеци фудбал. Започнавме катастрофално, како што никој не очекуваше, со ужасни резултати и очајна игра. Имавме многу повредени, а и се чинеше дека премногу влијаат продажбите на Тевез, Пирло и Видал. Полека, ептен полека почнаа резултатски да се средуваат работите иако со играта доста доцневме. Овие девет победи по ред се доволни само за второ место и тоа го делиме со Интер, што само покажува колку лош старт имавме, рамен на тим кој се бори за опстанок. Сакам да кажам дека сезонава ништо немаме направено уште и дека се може да се добие или загуби. Нема да лажам, очекувам на крајот од сезоната да сме први иако има и други сериозни тимови кои не се за потценување. Сепак играме дома во Торино против Рома најпрво, па после тоа против Наполи и Интер што значи дека ќе ги чекаме на наш терен во натпревари кои ќе мора да се добијат. Оваа серија победи не смее да запре овде и мора да трае се додека не застанеме со одреден број поени предност на првото место.
Најдобар играч досега убедливо Дибала. Дечкото едноставно искина и кога не дава гол пак е меѓу најдобрите на теренот. Разигрува страшно, има страшна техника, квалитет на високо ниво. Од него се бара само да продолжи да работи и да не се крене во облаци, а верувам дека нема да не разочара. Засега вреди секое евро дадено за него. Најлош играч на полусезонава Мората. Бледа сенка на играчот од лани, делумно жртва на некои тактички промени кои ги имаше, ама во последните два месеци никаде го нема. Сепак верувам во него и сметам дека ќе успее да се врати, само мора да си ја крене самодовербата. Од другите играчи мислам дека вредат да бидат споменати Маркизио кој откако се врати ни ја стабилизираше средината, Буфон кој брани на ниво цела сезона и Барзаљи кој е камен во дефанзива. Искрено јас сум задоволен и од перформансите на Кедира кој кога не е повреден секогаш овозможува стабилност и искуство.