ЧЕЛНИЦИТЕ НА ЈУВЕ НИКАКО ДА СЕ ДОГОВОРАТ СО КАПИТЕНОТ
Криза во преговорите со Дел Пјеро
Италијанските медиуми открија дека Алесандро дел Пјеро полека но сигурно влегува во војна со челниците на Јувентус по неуспешните преговори за нов договор со најтрофејниот италијански клуб.
Капитенот на "Старата дама" веќе имал неколку средби со претставниците на клубот на кои било дискутирано за продолжување на неговата верност кон Јуве. Сепак, информациите кои доаѓаат од Италија говорат дека двете страни се многу, многу далеку од пронаоѓање заеднички јазик.
Имено, "Пинтуричио" инсистира на нов тригодишен договор со Јуве, според кој тој би останал во овој клуб до 2010 година, кога најверојатно и ќе ја заврши својата кариера.
Наспроти тоа, првите луѓе на Јувентус не мрдаат од својата првична понуда за само двогодишен договор, што значи дека Дел Пјеро би останал во овој клуб само во текот на оваа и во следната сезона. Згора на тоа, директорот Жан-Клос Блан му понудил на Дел Пјеро значително помала плата од оние 4,5 милиони евра годишно што ги заработува во моментов. Со самото тоа ќе биде и намалена и платата од 4,5 мил. евра што Дел Пјеро би требало да ја добие за оваа сезона според актуелниот договор, па поради тоа јасно е зошто капитенот на "Старата дама" експресно ги одбива сите понуди за двогодишен договор со својот омилен клуб.
Весникот "Тутоспорт" открива дека Пинтуричио е разочаран од крајно несериозниот однос на управата на клубот, па многу лесно може да се случи по завршувањето на сезонава тој како слободен играч да си замине од Јувентус.
Три месеци пауза за Маркиони
Клаудио Раниери нема да може да смета на услугите на Марко Маркиони во првите три месеци од новата сезона во Калчо-лигат.а
Младиот крилен фудбалер ги почна сите натпревари на Јуве во подготвителниот период и беше најавено дека ќе биде дел од стартниот тим на Клаудио Раниери на почетокот од сезоната.
Сепак, Маркиони заработи незгодна повреда на пријателскиот меч со Сандерленд, а лекарските прегледи покажаа дека станува збор за скршеница на коска во стопалото, поради која овој фудбалер ќе мора целосно да мирува во следните два месеци, а дури потоа да стартува со лесни тренинзи.
http://sport.com.mk/?ItemID=D52E6DD3EB7E34478BC82F0B2BFBEE08