Гасперини лани со Џенова ја почна сезоната 3-4-3 со Рафиња и Кришито како истурени бекови, а Место и Паласио како крила и Тони како централен напаѓач. Карја, Велосо и Милането беа централни играчи од среден ред. Ова е прилично дефанзивна формација, која се базираше на течна игра и посед на топката.
Ако ова би се пресликало во Интер, формацијата би требало да изгледа вака:
Е сега овде веднаш се појавуваат неколку проблеми.
Прв и најважен е што Снајдер нема место во ваква формација. Гасперини може да го форсира како лево крило, но Снајдер веќе неколку пати има изјавено дека не му одговара таа позиција и дека попрво би сакал да игра како централен плејмејкер.
Втор проблем со оваа формација е што средниот ред, ваков каков што е нема никаква креативност и луцидност. Двоецот Камбјасо/Мота (или Станковиќ) неможе да разигрува, ниту квалитетно да ја задржи топката во своите нозе.
Трето, Зенети не е коректно решение за истурен лев бек. Додуша такво нешто не беше ниту Кришито во Џенова. Опции тука се и Чиву, кој исто така е бесполезен во нападот и Нагатомо кој мислам дека може добро да ја игра таа улога.
Четврто, Интер нема природни крила. Ето веќе трета година по ред ќе биде принуден да игра на таа позиција, која рака на срце добро ја усоврши. Пандев и Кутињо се добри засилувања од клупата но дефинитивно не се квалитет за првиот тим.
Петто, Милито и Пацини, еден од нив ќе биде на клупата. Гасперини сака крупни шпицеви, плус има историја со Милито - така што нема да ме зачуди Пацини да ја загрее клупата на почеток од следната сезона.
Уште еден дополнителен проблем ќе биде гломазната одбранбена тројка, која не верувам дека ќе може да го издржи високиот пресинг кој го обожава Гасперини. Се сеќавате на Шалке и Милан од лани???
Со вистински засилувања формацијата може да добие интересен импулс. Едно екстра-квалитетно крило е неопходно, кој ќе мора да биде способен да игра на двете страни и да биде способен да ги завршува акциите на Интер, а многу потребен е и еден квалитетен играч од средниот ред со креативност и техника, кој ќе може да разигрува во нападот - што би се вклопило во замислата на Гасперини кој форсира игра со додавања и со течност во средниот ред. Одбраната може да се засили со понизок и побрз дефанзивец кој ќе може да ја покрива бавноста на Лусио, Самуел или Ранокија.
Неизбежно е дека Гасперини ќе биде критикуван за дефанзивната ориентираност на тимот. Гасперини беше фален како тренер кој тешко може тактички да се скрши и пробие, но за жал никогаш не важеше како тренер кој може да го стисне противникот и да му наметне доминација.
Џенова постигна само еднаш повеќе од еден гол на десетте натпревари лани на кои Гасперини беше на клупата. 10 натпревари - 8 гола.
Гасперини беше упорен во инсистирањето на Тони како централен напаѓач, иако тој беше далеку од идеална форма и ефетивност.
Беше напорен со играњето на Кришито надвор од позиција.
Упорно го форсираше Чико како еден од тројката дефанзивци, кога ја смени одлуката веќе беше премногу доцна.
Со овие (грешни) одлуки Гасперини покажува дека знае да биде тврдоглав тренер, кој инсистира на некои решенија, дури кога истите се покажуваат како неуспешни или најпосле - лоши.
Ланскиот биланс на Гасперини со Џенова (3 победи 2 нерешени и 5 порази)
Џенова во просек имаше 14,2 удари на гол, од кои 5,1 во рамките на голот.
Џенова имаше 52,3% посед на топка, што говори за инсистирањето на Гасперини да се игра со топката во нозе во течен стил на фудбал.