Сопственикот на милански Интер, Масимо Морати прими пакет во кој имало заканувачко писмо, шаржер од пиштол и муниција.
Според италијанскиот дневник „Кориере деле Сера”, пакетот бил испратен во седиштето на Интер пред десет дена, а истражните органи во Милано најавиле опсежна истрага за овој случај.
Весникот во извештајот додава дека во клубот од Џузепе Меаца во изминатите осум месеци пристигнале неколку заканувачки телефонски повици и пораки. Во нив, на сопственикот на Интер му се заканувале со смрт, воглавно поради одлуката на Фудбалската федерација на Италија да му одземе две титули на Јувентус, кој беше казнет поради скандалот со местење натпревари и да му додели на „нероазурите”.
„Старата дама” освен губењето на две „скудета”, беше делегирана во Серија Б, со минус девет бодови, но најверојатно експресно ќе се врати во најдобрата италијанска лига веќе во следната сезона.