На сите ни е јасно. Насри заминува од Арсенал
Арсенал ова лето очигледно ќе претрпи големи промени во играчкиот кадар. Арсен Венгер се соочува со заминување на најголемите таленти во тимот. Гаел Клиши од вчера премина во редовите на Манчестер Сити, Фабрегас е пред портите на „Камп Ноу“, а Насри е сè подалеку од „Емирати“. Постот од шест години без ниту еден трофеј го прави Арсенал непривлечен за големите играчи, но и за оние што веќе го носат црвениот дрес.
Самир Насри е последната ѕвезда на „топчиите“, која суптилно, но доволно јасно, рече дека сака да го напушти клубот. „Без титули не можете да бидете номинирани за ’Златната топка’“, изјави Французинот за „Дејли мејл“. „Дојдов во Англија, бидејќи сакав да освојувам титули. Во мојата кариера немам освоено ништо, освен Европското првенство до 17 години со репрезентацијата на Франција. Веќе заработувам голема плата. Приоритет ми е да направам голема кариера и да освојувам титули. Тоа е она што е најважно“, заврши Насри.
Преговорите со раководството на Арсенал за продолжување на неговиот актуелен договор, што истекува следната година, сè уште не се почнати, а за тоа најголем виновник е самиот фудбалер. Манчестер Јунајтед и Сити покажаа голем интерес за Насри и подготвени се да понудат по 20 милиони фунти, но во трката минатата недела се вклучи и Милан. Фабрегас ова лето го напушта „Емирати“, а 24-годишниот фудбалер за врска не сака да остане во просечен тим, што не може да привлече фудбалери од светска класа. Доколку Венгер не успее да ги среди работите, односно да почне во тимот да носи фудбалери со кои ќе атакува на титулата во Премиерлигата може многу лесно да остане и без Робин ван Перси. Многу малку работи го држат Насри во Лондон, а неговиот талент и желбата да за успех моментално се преголеми за Арсенал.
Колку боли ова, ако си навивач на Арсенал.. Ако си заминат овие двајца, мислам дека ќе бидеме „скршени“...