Драга Кајгана,
Баш си размислував за тоа колку човекот се менува како расте, за тоа колку човекот се менува под дејство на општеството.
Се сеќавам во моето мало во кое живеев бевме само 5 деца, сите останати беа возрасни. Како единствени деца во малото сите не сакаа... чичковците кога ќе поминеа покрај нас и ќе не видеа како сложно си игравме ни даваа 20-30 денари за секој од нас да си купи по едно лижавче или мастика, но ние си купувавме Кока Кола од онаа Кватро што е 20 денари и си ја делевме по една чаша за секој. Од нашето друштво од 5 деца, четворица бевме машки и едно девојче.
Насабајле излегувавме околу 11 саатот, игравме со топка, градевме куќички под и на дрвата, се бркавме, правевме експерименти со сапун, сјај..., се криевме под сенка од силното сонце и се така до кај 4-5 саатот кога нашите мајќи ќе не викнеа да ручаме... ќе ручавме и одма излегувавме со полни стомаци храна.
Одевме право во веќе изградените куќички каде си раскажувавме кој што ручал. Кога ќе дојдеше 6 саатот почнувавме да играме фудбал или Пат околу светот се докај 7-8 саатот и веднаш потоа почнувавме да играме жмурка или граница се до кај 10 саатот.
Потоа гледавме во небото како свети Месечината и ѕвездите и си раскажувавме страшни прикаски седејќи на тревата.
Кога ќе дојдеше 11-12 саатот нашите родители не викаа и си одевме дома, се бањавме и следниот ден повторно истото.
Си ветивме дека нашето друштво и мало ќе го чуваме за секогаш.
Се беше така додека не стигнавме 5то одделение. Тогаш почнавме да се мешаме со други деца во школо и да запознаваме нови. Сите тие нови деца вака или така почнаа да навлегуваат во нашето друштво, а ние деца како деца се радувавме на тоа што бевме повеќе деца и на тој начин играта ќе ни станеше поинтересна, не сфаќајќи дека новите деца ќе го растурат нашето друштво, нашето братство.
Времето минуваше ли минуваше, а се повеќе деца влегуваа ли влегуваа во нашето друштво. Ние стигнавме 8 одделение и почнавме позрело да ги сфаќаме работите, а со самото тоа почнавме да сфаќаме дека иако се дружиме сеуште онаа детска радост, онаа детска и другарска дружба и љубов повеќе ја нема. Некои од новодојдените деца правеа лаги и главна цел им беше да го уништат нашето друштво, а во тоа и успеваа.
Па така кога почнавме средно сите ние се повеќе и повеќе се оддалечувавме, а се случуваше понекогаш и кавга да избие. Лошите деца т.е. новодојдените беа горди на својата извршена желба, поточно работа.
Дојде оној период да почне и општеството да влијае врз нас... децата почнаа да го губат чувството за дружба како негогаш, а да ја добиваат потребата од тоа да бидат како возрасните, поточно сите деца тоа го сфаќаа дека чим машкото ќе порасне мора да биде напумпан фраер кој со својот изглед ќе ги плаши останатите, а женското ќе се смени 360 степени т.е. ќе прерасне во една дама качена на штикли, нашминкана, која ќе плени со својот изглед. Најважно им беше тоа да ја земат цигарата, да го кренат шишето алкохол и да изгледаат модерно и убаво, а не нивното друштво и нивното здравје.
Јас пак како едно правилно воспитано и добро дете прераснав во човек кој не скршна по тие лоши патишта, но сепак човек кој душата го боли за она другарство кое некогаш го имал, а сега го нема само ради некои штетици кои го уништија нашето друштво. Всушност јас одсекогаш ги гледав работите како да гледам панорама на еден град, ги знаев работите како раскажувачот на една книга.
Но ете поминаа многу години, со две од децата од нашето петчлено друштво продолжив да се дружам, додека со другите двајца и не се гледам многу често. Ја воочив огромната промена во сите нас во рокот од сите тие изминати години. Не сме тоа што некогаш бевме, оној пријателски сјај во нашите очи веќе го немаше, потребата за оговарање се повеќе и повеќе се зголемила, алкохолот и цигарите станале поважни и повкусни од Кватро Кока Колата која ја пиевме, употребата на Фејсбук, смартфон и тагот станале многу побитни од тоа друштвено и пријателски да си поминеме.
Тие проклети социјални мрежи го уништија нашиот малски живот.
Но едно забележав, а тоа е дека во сите нас петорица постои сеуште доброто воспитување кое како мали сме го стекнале и дека иако сега имаме нови друштва и нови луѓе околу нас сепак се држиме на дистанца, посебно јас, затоа што знаеме веќе еднаш како некој непознат го уништил нашето пријателство.
Но од се сепак на крајот излезе она вистинското, а тоа е дека подобро е да имаш пет вистински другари, одколку еден тон лажни другари, т.е. штетници.
Но како и да е убаво рекле... еднаш се живее детството, затоа треба и убаво да го поминеш, бидејќи тоа никогаш повеќе нема да се врати
