Драга,
Си помислив прееска на парите што ги фрлив за фамозното чудо наречено матурска вечер и ми се стемни. Кога би се вратило времето, во фармерки би си одела. А тие пари би ги потрошила на еден куп ситници што би ме направиле среќна. Работи кои одамна ги посакувам, а чие купување постојано го одложувам поради други нешта со поголеми приоритети.
Матура. Со години ја чекаш таа вечер ко да е Бог знае што. Два дена откако ќе помине, сфаќаш дека уствари и не е некое достигнување. Дека животот допрва почнува.
И завидувам на сестра ми во тој поглед. Таа е единствена особа што ја знам која воопшто не влезе во филмот матурска еуфорија. Ми се јави недела пред матурата и ми рече „Ај оди разгледај фустани по бутиците, и одбери 1-2 како за мене, па ќе ми кажеш во кој бутик да одам да пробам и да си купам. Јас сум зафатена моментално“. Ај бидна тоа што бидна. Си купи фустан и обувки. Вечерта пред матура пак ми се јавува: „Ај да одиш утре да ми купиш ташничка и накит, и вечерта да ми направиш фризура и да ме нашминкаш, пошто немам закажано нигде.“ А јас истата вечер славев роденден. Повеќе бев возбудена јас за роденденот отколку таа за матурата. И што, и направив фризура, ја нашминкав и отиде на матура и си помина супер. Не беше крај на светот што немаше скапа фризура и шминка (патем, сите и ги имаа пофалено фризурата и шминката

), или вештачки нокти, трепки, коса и не знам уште што. Ама добро, тоа е сестра ми. Она и кога ќе се мажи, верувам дека венчаница ќе оди да купи на денот на свадбата.
Туку, поентата ми беше: Драги матуранти, размислете колку пари вреди да си фрлите на една вечер. Не мора да потрошите стотици евра за да изгледате убаво и да си поминете убаво. И онака, тоа се само неколку часа, кои најверојатно нема ни да ги памтите за година дена.
А јас звучам како стара баба што соли памет пошто имам за учење, а ме мрзи. Не дека ми е гајле кој колку ќе троши.
Утре ми завршува колоквиумска. Ќе се вратам попозитивна.
Остани ми со здравје.
Џинџер.