Неверојатно е како Љубов на далечина те прави трпелив и истовремено луд. Си се надзборувате на Скајп. Некако ко нејасно да ти е дека еве кај е, ќе си дојде. Спа третман во Асеана, точакот на гланцање и верба во Човештвото. Ме фати порив денес да излезам од работа без да речам ни збор, да дадам отказ, да излезам со парола РЕВОЛУЦИЈА и што сака да ме снајде. Затвор, солзи, нервен слом, што да е.
Во меѓувреме - пролет е секогаш добра идеја. Особено ако имаш прозорци во канцеларија што гледаат кон Вардар и птиците пеат апокалиптично. Ми стигнаа спам пораки за слабеење и понуда од Групер за 30 % попуст за боди врапинг, а јас во лифт се качив со пола кило чварки, рефус, од Веро. Ако се умира, да се умира за идеалите. И онтолошки и гурмански.
Ќе бидам ли добар родител, се прашувам?
Што ќе им оставам на своите деца? Стрес? Бол? Сеќавања за некое друго време? Долгови? Тага на врат? Љубов? Вредности? Воспитување низ солзи?
Сфаќаш - имаш само Љубов и си нулта стартер. Дома се ренда цвекло. Сестра ми настината, на боледување. Сите дома. Само јас на работа. Родителствувам и ме фаќаат воздишки за врат. Тој ме бодри. Ми чува место до него во авион. Зар можам нешто повеќе да побарам од овој живот? Здравје... За моите, за мојата земја, што се разболе од нечовештина, од алчност и тага. Можеби само плачам без солзи.
Колку солзи собира во едно човечко срце?
Онака само прашувам.
Многу прашувам, ама...
Како инаку ќе дознаам.