Мразам еднолични денови кога после кафето попладне завршуваме по 30 минути во кладилница. Дојави од италијанска серија б, nba дојава Њу Јорк вечерва играј ја плуска на 95.5 коша, ракомети во 6 ипол со плуска прво полувреме, сметање коефициенти и анализирање табели, особено важни се резултатите од меѓусебни дуели и просечниот број на дадени голови во последните пет кола. Разбирам дека кладилницата е последниот крик на сиромаштијата. Само таму има луѓе од секакви возрасти, од двата најзастапени пола на светот, националности, општествени класи, дотерани, скинати во исто време кои чекаат натпревар за смешна сума пари поради која нема да спијат вечерта.
Јас, понекогаш си одам и немам нерви да ги чекам другарите да си ја исполнат својата должност на денот, но кога останувам само за да не си одам сам до дома, како занимација на ливчињата за уплаќање, аматерски цртам работи. Еднаш ќе нацртам вештерка и тоа значи дека масата е покриена со магија за нефаќање, поминувам со неа по коефициентите од билтенот (и додатокот) и тоа значи дека натпреварите нема да влезат според напишаното. После тоа мора да ме чекаат да нацртам волшебник (или витез) кој ќе ја уништи магијата на не-фаќање и ќе им донесе мала иронична насмевка во нивните скришум суеверни карактери. После витезот (или волшебникот) и вештерката ги оставам на различна маса и не дознавам што се случува со нив на крајот.
Па си мислам, познатата сцена "I'll have what she's having" од When Harry met Sally да се одвиваше токму на тоа место, ќе беше заменета со "пушти го истото ливче за 50-че".
Имам еден џемпер кој баба ми ми го сплети кога бев мал и наместо секоја година да се смалува, по некој феномен за мене необјаснив, тој се раздолжува и сега не е џемпер туку е фустан. Премногу е грд, можеби еден од најгрдите џемпери на светот и само малку луѓе го имаат видено. Го носам затоа што премногу топли, цели зими поминувам со него и немам видено мака. Навечер, често ми се повторува истиот кошмар - јас, седам Ликвид на кафе, сите гледаат во мене, а јас не знам зошто. Кога погледнувам надолу, сфаќам дека го носам џемперот.
Од утре ќе биде поинаку. Ќе избегнам од таа рутина и ќе поуживам во заслужениот одмор.
Во новата година не посакувам ништо. Лани посакав една работа и испадна за 20тина дена да се случи нешто сосема спротивното од неа. Од 2013 година се сеќавам најјасно само на најлошиот и најдобриот момент. Најдобриот беше што во априлот стоевме на десетина метри од Марк Нофлер слушајќи го како ја пее Romeo and Juliet.