Понекогаш, ние поетите зборуваме сами со себе повеќе одошто можете да замислите.
Понекогаш и сами во себе, а најчесто тоа е пцовка и молитва во едно.
Се радуваме на капките живот,
по огледалата
по затскриените пајаци во мрежите што ги ткаат позади бојлерот во купатило
на прсканиците од пена за бричење по плочките
на сеќавањата заробени во кутијата за накит во која има се’,
а само накит не.
На патот што го изодуваме, зошто сам не се запишува
Па дланките ни помодруваат од студ,
речениците ни се свиваат во блуд
и гротеска,
во несмасна пиеска.
Умираме пиејќи Фервекс и несоница.
Ние, поетите некогаш, не знаеме што зборуваме
блаботиме само за да забошотиме
некои емоции што не заплиснале
како бран бол, бран сол, бран дол.
Како Рембо,
спиеме за да кажеме што сме виделе во сонот.
И јас, и ти, и Ти и Јас
и некои крпеници од сеќавања што почиваат низ Скопје
магла што ги јаде ѕвездите
сака да ми каже нешто.
Понекогаш, ние поетите никаде не сме...