http://www.accujazz.com/ - и пишувањето ми оди полесно.
Либето ми нурка во забавни паркови, ми игра со желки, се слика со карпи од седимент, а јас сум со вишок килограми, тотално неинтересна, сакам црвено капутче, се плашам дека ќе се расплачам на следниот глупав лигав филм, тропотам по тастатура, создавам нејасни реченици што ни херменевтика не ги спасува и сакам нови приказни. Со него. Не сакам стравови и чувство на негрижа кон својот ментален склоп. Морам да се навикнам дека имам многу работи што треба да се завршат, инаку никогаш ништо друго не би ни почнало. Со леснотија и џез во трагите. И чат пат по некое залутано прашалниче.
Срцево ми е бордо боја. ПМС ме убива. Скромно јадам, сакам да пешачам, да се запишам на зумба или аеробик, што било да правам. Не сфаќа ова мое тело дека е само сега и не треба да потпаѓа во сладострастие на храна. Душата не се лекува во осаменост. Само се пролонгираат нотите до следната весела мелодија.
Каков филм можам да снимам богами за своиве драматизирања, о, да. Ко Бриџит Џоунс, со мидер, како јадам крофни во кревет, пишувам теза што практично е мојата лична историја, кенкам што либето ми е уџум, плачам на X фактор младине пејачи и одеднаш ќе ми текне - Абе, јас сум вљубена ко ќофте, еј! И доста. Тука престанува мојот плачкарски филм, се облекувам во пижами, пишувам, не пијам ништо пред компјутер, не сум Кери Бредшо, а и не ни носам штикли со тој ентузијазам како неа, мирисам на бебешка пудра и посакувам снег на јазик. Чисто да го допрам.
Или да почне да паѓа по шофершајбни, па да начкртам со ракавица
#ЉУБОВ
И да си се фасцинирам од сопствените глупости што сум ги пишувала во трета средно, кога плачев на Џим Морисон, а еве години потоа, на неговиот гроб на Пер Лашес, со кармин напишав - Thank you for all the poetry. И јасно ми е која сум.
Жена со вишок емоции, секогаш. И морам да пишувам. Инаку сево ова би се претворило во фрустрација и малтретирање недолжен народ во реалноста. Па вака, ве мачам вас.
Еее... Снег, дожд, чорапи полумокри, се’. И џез. Многу џез, ама тотално конкавно, без никакви помпи и фолирање. Везе немам што слушам, ама ме допира. И не се сопирам и опирам.
Го сакам, како што се сака Маж. Со сите нишани и без ниедно оружје.
M.